Ива Зафировска, терапевт со звук: Оставете ги вашите емоции да течат и прифатете го ослободувањето

Ива Зафировска
Ива Зафировска / Фото: Приватна архива

Ива Зафировска е дипломиран економист и активистка за заштита на животни повеќе од 12 години која се обидува да помогне и спаси колку е можно повеќе бездомни животни, со крајна цел да ги тргне од суровите улици и да им најде дом полн со љубов. Таа тренира тенис од 7 годишна возраст, а сега работи и како лиценциран тениски судија и тренер.

Покрај тоа, Ива се занимава и со Терапија со кристални звуци што воедно е дел од алтернативната и холистичка здравствена служба, држи индивидуални и групни сесии со помош на кои ве води на уникатни звучни патувања и енергетско усогласување преку медитација. И сето тоа за благосостојба на духот и телото.

Ива Зафировска
Фото: Приватна архива

Секој од нас се обидува да се справи со стресот што ни го носи брзиот начин на живот. Објаснете ни, што е вибрациона медицина и како го олеснува секојдневието на човекот?

– Тоа е форма на алтернативна здравствена заштита, која се обидува да ги промени факторите кај клиентот кои предизвикуваат дисхармонија во протокот на виталната енергија. Целта во вибрационата медицина е да се придвижи, деблокира и балансира животната енергија над физичкото, енергетското и духовното тело. Вибрационото исцелување со звук се заснова на премисата дека сите ние сме енергетски битија и дека како што разштиманиот инструмент не свири добро, истото се однесува за нашето тело, кога не е во хармонија. Нежните вибрации и звуци на кристалните садови, го доведуваат човекот во состојба на длабока релаксација и медитација и дејствуваат на физичко, ментално и емоционално ниво. Нивниот чист, мек и хармоничен звук се апсорбира низ телото, го бои со звук, отчукувањата на срцето се забавуваат и личноста влегува во состојба на длабока релаксација (алфа или тета состојба на свест). Тоа е состојба на свесност за сè: мисли, допир, околина, но, во исто време, останува способноста да се набљудува телото и свеста за тоа што се случува со него, како се чувствуваме, што ни е потребно, каде имаме некојa блокада или стега. Секоја клетка на телото вибрира хармонично според вибрациите на инструментите. Во таква состојба на вистинска доверба и поврзаност со самите себе, кога ќе нурнеме внатре во себеси, полесно се ослободуваме од ограничувачките шеми и стеги, исчезнуваат грижите, сомнежите, стравовите, гневот, болката, стресот и напнатоста. Се препорачува да се направат неколку третмани по ред, бидејќи е потребно време за промена на старите навики и прифаќање на нови.

Ива Зафировска
Ива Зафировска / Фото: Приватна архива

Се верува дека звуците кои ги произведуваат кристалните садови, го ускладуваат умот, духот и телото. Што треба да знаат оние кои првпат слушаат за ваков вид на терапија?

– Само да легнат и целосно да се опуштат. Освен кристалните садови од бел кварц, наштимани на 432 херци, звучната терапија ја дополнувам со кристални ѕвончиња и дождовен стап. Секој од овие инструменти има своевидна улога во целиот процес. Понатаму, би сакала да набавам гонг и шамански тапан. Пред сесијата се јаде лесна и здрава храна, не се доаѓа со полн стомак или пак интоксицирани. Кога сте добро хидрирани, ќе имате подобро искуство. Топла и удобна облека е задолжителна, по некое ќебенце и јога подлога. Пред започнувањето на сесијата, дишеме, успоруваме и се заземјуваме. Во индивидуалните сесии служам и Рапé, на луѓето кои резонираат со тоа и навистина им е потребно, приоѓајќи со почит и благодарност кон духот на билките – како им приоѓаме, така ни приоѓаат и тие. Рапé е целосно легална супстанца и света медицина со исцелително дејство, која потекнува и се користи илјадници години од домородните племиња во Амазонската џунгла, најчесто во церемонијален контекст (обреди, иницијации и лечење). Искуството е индивидуално, во зависност од состојбата на секој и намерите. Некои ќе ги примат вибрациите од звукот преку телото и ќе почувствуваат како се движат со умот кон медитативна состојба и патуваат на тета мозочен бран. Од зафатен ум – бета состојба, преминуваме во алфа свесна релаксирана состојба на умот и потоа волшебно патуваме на тета бран, медитативна состојба. Тета мозочните бранови се мистична зона која најчесто ја доживуваме кога се будиме од сон или паѓаме во сон, како и при медитација. Други може да доживеат емоционално ослободување. Некој ќе си направи муабет со сам себе и ќе добие јасен увид за некои работи. Друг ќе извади на површината нешто кое го туркал под килим, во обид да не дојде до непријатно соочување, но, сега се соочуваме, или барем се обидуваме, и во секој случај стануваме свесни за проблемот, со цел да бидеме уште подобра своја верзија. Да се биде отворен, ќе помогне во ослободувањето на длабоко вкоренети емоции и пуштање. Можеби ќе има и моменти кога ќе се чувствувате многу среќни или многу тажни. Можеби дури и ќе плачете за време на сесијата. Што и да се случи е во ред. Оставете ги вашите емоции да течат и прифатете го ослободувањето. Така патуваме на брановите и вибрациите на кристалните звуци, одиме и на најубави места, дишеме, медитираме, си разговараме со себе и имаме јасен увид. Ги балансираме енергетските центри, ја пуштаме емоционалната болка и стравот, си помагаме и за физичката, поставуваме намери, се поврзуваме со себе, правиме енергетски детокс и го подигаме нивото на енергијата.

Ива Зафировска
Фото: Приватна архива

Кога првпат се сретнавте со терапијата со кристални звуци и како почнавте да ја практикувате?

– Првпат дознав за оваа терапија во 2020 година и веднаш бев целосно обземена од тие магични звуци кои ги произведуваат кристалните садови како и придобивките од нив. Со целосна доверба се препуштав во медитации со звукотерапија и звучни бањи. Потоа, неуморно истражував, а се дообразував, земав часови со човек кој долго време работи и со звукотерапија, меѓудругото, завршив и онлајн курсеви од сертифицирани практичари – терапевти со звук. Во најскоро време планирам да ја доусовршам мојата пракса во странство, со што ќе станам сертифициран терапевт со звук. Има толку многу звуци околу нас кои делуваат на нашето расположение и благосостојба. За повеќето од нив, не сме ни свесни колку ни влијаат негативно. Звуците се многу помоќни отколку што тоа го сфаќаме. Пред воопшто да започнам со сесии со клиенти, седев долго време сама, медитирајќи со звуците од кристалните садови кои ги произведував, и во тишината под звукот, опсервирав што се случува, која сум јас и како соодветно да ја пренесувам својата добра намера и енергија и да им помагам на луѓето. Бев во ритуал со самата себе. Во сесиите сум во ритуал и со вас. Секако, ми помогнаа и најблиските луѓе кои ги сакам.

Ива Зафировска
Ива Зафировска / Фото: Приватна архива

Овој вид на терапија нè поттикнува да ги видиме нашите проблеми и трауми од поинаков агол. Од каде потекнува звукотерапијата и како е прифатена кај нас?

– Звукотерапијата е древна практика која потекнува од тибетските хималајските култури. Звучните исцелители користат тибетски метални садови кои некогаш биле користени во духовни и исцелителни церемонии кои ги воделе монасите во Непал и Тибет. За жал, луѓето тука сè уште не се доволно информирани, а оттаму навикнати, да ја применуваат терапијата со звук за да се релаксираат и постигнат смирение и мeнтална јасност, да направат енергетски детокс и да го подигнат енергетското ниво, балансирајќи ги енергетските центри. Да се слушнат себеси и успорат од стресот и зафатениот ум или си помогнат за некои емоционални и здравствени состојби. Потенцијални придобивки од звучните бањи се намален стрес и анксиозност, подобар и помирен сон, олеснување на емоционалните блокади, подобро расположение и фокус, ментална јасност, длабока релаксација и смирение, со што се поттикнува самолекувањето. На физиолошко ниво, отчукувањата на срцето и дишењето се забавуваат и доаѓаат во рамнотежа за време на звучната терапија, се активира парасимпатичниот нервен систем, а некои студии дури покажале дека концентрацијата на азотниот моноксид, кој регулира многу физиолошки процеси поврзани со добро здравје, се зголемува во крвта, подобрувајќи ги перформансите на повеќе органски системи. Кога сте во оптимална состојба на физичко и ментално здравје, сите системи се вклучени и вашето тело работи во хармонија. Звучната терапија може да биде ефикасен начин за репрограмирање на вашите сопствени вибрации до пооптимална состојба. Досега, на взаемно задоволство, сум соработувала со „Арс Луцида“, како и со повеќе јога учители и студија.

Ива Зафировска
Фото: Приватна архива

Дали сеансите се одвиваат индивидуално или во група? Колку време траат истите?

– Има и групни и индивидуални сесии кои најчесто траат од триесетина минути до еден час, а во зависност од желбата на клиентот, може да траат и повеќе. Се одвиваат и во удобноста на вашиот дом, во целосна тишина како основна подлога, а сега со ова убаво време и надвор во природа и покрај вода, каде се спојуваат магично со звуците на природата. За различните настани и работилници кои следат, или пак за да се информирате повеќе и закажете звучна бања, можете да ме најдете на инстаграм и фејсбук како soundhealingskopje. Само добри вибрации!

Ива Зафировска
Ива Зафировска / Фото: Приватна архива
Ива Зафировска
Фото: Приватна архива
Ива Зафировска
Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот