Италијанските пратеници го почнаа вториот круг од изборот на нов претседател на републиката

Собрание во Италија/ Фото: МИА

Италијанските пратеници денеска го почнаа вториот круг од изборот на нов шеф на државата, а веќе е јасно дека ниту тој нема да донесе победник, бидејќи партиите не напредуваа кон изборот на општо прифатлив кандидат.

Иако премиерот Марио Драги останува фаворит, целиот процес е комплициран поради загриженоста на партиите дека преземањето на претседателската функција од Драги може да доведе до распаѓање на владата и распишување на предвремени парламентарни избори.

Затоа трката за избор на угледен претседател со седумгодишен мандат е отворена за сите, а секоја политичка група внимателно разговара и преговара за другите кандидати зад сцената.

Вториот круг од гласањето почна во 15 часот, а мнозинството од 1.009 пратеници и покраински застапници најави дека и денеска ќе уфрлат празни ливчиња, како вчера при првиот круг, за да добијат во време додека партиските лидери не одлучат што да направат.

Иако има главно церемонијална должност, италијанскиот претседател има значителни овластувања во време на политичка криза – од распуштање на парламентот, до избор на нов премиер и отфрлање на мандатите од кревките коалиции.

За избор се потребни две третини од гласовите на 1.009 електори, а дури по четвртиот круг гласање ќе биде доволно апсолутно мнозинство за победа.

Бидејќи ниту левиот центар, ниту десните партии, немаат мнозинство, ќе биде потребен компромис за да се избегне штетен политички крах и распаѓање на повеќепартиската владејачка коалиција, што би довело до предвремени избори.

Десничарскиот сојуз, составен од три партии – Лига, Фратели Италија и Форца Италија – на прес конференција треба да го номинира својот кандидат. Лидерот на Лига, Матео Салвини, кој е во центарот на повеќепартиските преговори, изјави дека тоа ќе бидат „високо профилирани кандидати, и мажи и жени”.

Меѓутоа, останува да се види дали тие ќе бидат прифатливи за левиот центар. Во практиката на претседателските избори во Италија, кандидатите кои имаат реални шанси за победа обично се чуваат во резерва, нешто како џокер за во последен момент.

Доколку Драги не победи, можно е и тој да поднесе оставка од премиерската функција, сугерираат некои коментатори, а тоа би се случило доколку групите кои ја поддржуваат неговата влада се распаднат поради прашањето за избор на претседател.

Меѓу оние кои се сметаат за можни кандидати се поранешниот претседател на Долниот дом на парламентот, Пјер Фердинандо Касини, поранешниот премиер Џулијано Амато, и претседателката на Сенатот Марија Елизабета Алберти Каселати.

Досегашниот претседател на Италија, Серџо Матарела, одби да прифати уште еден мандат, но некои политичари предложија да побараат од него да продолжи, додека Драги ќе остане премиер до следните италијански избори на почетокот на 2023 година.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот