Италијанскиот вечен повратник Силвио Берлускони подготвува план за наследник

Фото: EPA-EFE/ETTORE FERRARI

И покрај враќањето на „Форца Италија“ во владата, долгорочната иднина на партијата на Берлускони, како и иднината на неговите семејни бизниси, се чинат неизвесни

Стоејќи на сонце пред болницата „Сан Рафаеле“ во Милано во септември минатата година, Силвио Берлускони, човекот со огромно искуство за тоа како да се преживее во италијанската политика, ја раскажа приказната за неговото последно извонредно бегство.

„Си реков: Повторно спаси жива глава!“, им се исповеда исончаниот и насмеан магнат на своите развревени поддржувачи, раскажувајќи ја неговата битка со ковид-19. Откако се здоби со вирусот на одмор во неговата вила на Сардинија, доби двојна пневмонија, додека веќе се опоравуваше од срцевиот удар.

Берлускони, кој со децении ја заведува Италија со приказните за својата претприемничка смелост и издржливост, инсистираше на тоа дека неговиот вирусен „товар“ бил „најголем меѓу десетици илјади пациенти“ во болницата во Милано. Пораката беше јасна: откако во својата политичка и бизнис-империја помина низ „сито и решето“ од бројни скандали, судски истраги, деловни битки и изборни неуспеси, човекот кого го нарекуваат Ил Каваљере нема намера никаде да замине.

84-годишниот италијански магнат, кој годинава неочекувано се врати во Владата, сега го планира својот последен чин: кој да го наследи.

Последнот голем гамбит?

Февруарскиот земјотрес во италијанската политика што го донесе Марио Драги, поранешниот претседател на Европската централна банка, да стане премиер на италијанската Влада на националното единство, му пружи на Берлускони неверојатна шанса. Надвор од Владата од 2011 година, новата коалиција ја врати „Форца Италија“ на Берлускони, сега најмалата од десничарските партии во Италија, на власт и му додели тројца министри. Така, откако повторно дојде во центарот на вниманието, сега тој се обидува да го зацементира своето наследство. Во обид да обезбеди долгорочна улога за неговата политичка партија, Берлускони преговара за формирање на политички блок на десниот центар – она што може да го претставува последниот голем гамбит во неговата политичка кариера.

„Тоа е мојата крајна цел, за која размислував од 1994 година и која денес конечно може да се постигне“, изјави за италијанското издание на магазинот „Форчн“ минатата недела.

Неговото политичко враќање може да обезбеди и скок на деловниот семеен медиум, кој во изминатата деценија помина низ криза, кога тој беше надвор од власта, во услови на длабоки структурни промени во индустријата.

Сега, прашањето со кое се соочува еден од најдолговечните и најконтроверзни европски политичари и бизнисмени е – што ќе остане зад него, откако него ќе го снема. Дали неговите деца можат да ја водат семејната медиумска империја низ предизвиците на трансформираниот пазар за реклами и заканите од американските стриминг гиганти како Нетфликс? И, дали многу намалената политичка партија на Берлускони, која ја обликуваше италијанската политика од раните 1990-ти, има иднина без бизнисменот што ја изгради според сопствениот имиџ? Или, едноставно, ќе згасне?

„Никој во ‘Форца Италија’ навистина не верува дека партијата може да постои на значаен начин без Берлускони“, вели Даниеле Албертаци, професор на универзитетот во Бирмингем. „Ако тој именуваше наследник, можеше да ѝ помогне на партијата да преживее после него, но сѐ целосно зависно од неговата личност, вклучувајќи го и финансирањето.“

 Антиполитичка платформа

Дури и пред денот во 1994 година, кога тогашниот 57-годишен милански магнат ја запрепасти Италија изјавувајќи дека „влегува на теренот“ на националната политика, Берлускони отсекогаш работел во хаотичниот пресек на моќта, медиумите и бизнисот.

Додека тој говореше, склеротичниот и корумпиран партиски систем на таканаречената италијанска Прва Република се распаѓаше. „Форца Италија“ на Берлускони беше изградена врз едноставна, моќна идеја со години пред нејзиното време: надежна антиполитика.

„И денеска да го слушате неговиот тогашен говор, тој сè уште е таму, навистина нема сменето ниту еден збор во текот на целата негова кариера“, вели Албертаци. „Тој и понатаму вели: ‘Јас сум аутсајдер, создадов империја за себе и тоа можам да го сторам и за тебе. Политичарите се корумпирани и ве изневерија, а јас сум човекот што ќе ја води земјата’.“

Сепак, поддршката за „Форца Италија“ колабираше откако Берлускони беше исфрлен од функцијата во 2011 година. Освојувајќи 30% од гласовите на изборите во 2013 година, уделот на Берлускони во главниот град падна на 14% во 2018 година, а за партијата во моментов гласаат едноцифрен број граѓани, престигнат од новата генерација десничарски националисти предводени од „Лига“ на Матео Салвини и сега „Браќата на Италија“ на Џорџа Мелони.

Берлускони и Матео Салвини/ Фото: EPA-EFE/ALESSANDRO DI MEO

Но, Антонио Тајани, висок функционер на „Форца Италија“ и лојалист на Берлускони од раните 90-ти, вели дека неговата партија има сериозна „резевна клупа“. „Имаме многу млади пратеници кои работат за иднината“, вели тој. „Но, денес Берлускони е наш лидер.“

Тајани, поранешен претседател на Европскиот парламент, опишува како Берлускони ги води секојдневните деловни активности на неговата партија преку Скајп од неговата вила Сан Мартино од 17 век. „Тој е многу активен и многу ангажиран. Ковидот беше проблем два-три месеци, но неговото здравје сега е многу подобро, сакам да сум оптимист.“

Но, во мај, поранешниот член на „Форца Италија“, Џовани Тоти, гувернер на регионот Лигурија и поранешен уредник на вести на „Медиасет“, основаше отцепена партија на десниот центар, под името „Кораџо Италија“, предизвикувајќи мини-егзодус на пратениците од „Форца Италија“.

Михаела Бјанкофор, една од 11-те пратеници кои ја напуштија партијата за да се приклучат во спин-офот, позната по тоа што беше една од најжестоките поддржувачи на Берлускони, сега вели дека партијата веќе не е иста по она што го нарекува „преземање“ од страна на Тајани. „Заминувам откако Берлускони замина… Секако, тој сè уште е таму, тој е лидер, но има луѓе кои ја искористуваат можноста да бидат близу до него, користејќи го како маскота“, изјави таа за италијанскиот дневен весник „Ла Република“.

По моделот на американските републиканци

Берлускони во моментов е во костец со преговорите со „Лига“ на Салвини за форма на спојување на двете партии што ќе создаде единствена десничарска група во она што може да биде неговото последно фрлање на политичките коцки.

„Нашата задача е да изградиме републиканска партија, како американската, каде што центарот и десницата [работат] заедно за да управуваат со земјата“, оцени Берлускони, зборувајќи виртуелно на еден партиски настан минатиот месец.

Спојувањето со „Лига“ ќе му овозможи на Берлускони да искористи што е уште останато од неговото политичко влијание под поголем „покрив“ и, најверојатно, да извлече поволни услови од „Лигата“ пред општите избори во 2023 година. Сепак, во таборот на Берлускони има несогласувања околу овој потег, каде некои лојалисти на „Форца Италија“ се плашат дека во центристичката платформа ќе бидат проголтани од антимиграциската политика на Салвини.

Додека Тајани верува дека „ова е идеја за иднината“, тројцата министри на „Форца Италија“ во владата на Драги се спротивставуваат на иницијативата. Феделе Конфалониери, претседателот на „Медијасет“, радиодифузерот што Берлускони го основа кон крајот на 1970-тите и кој ќе стане првата приватна национална ТВ-мрежа во Италија, исто така е против идејата.

„Му реков на Берлускони дека не се согласувам“, вели тој. „Идентитетот на ‘Форца Италија’ е либерален, вистински либерален. Се разбира, ако до крај не се соголите сè може да се направи, но за вакви операции е потребно подолго време.“

Деловна моќ

Медиумската империја на Берлускони отсекогаш била длабоко меѓусебно поврзана со неговата политичка моќ. Со контролата врз најголемите комерцијални радиодифузери во Италија, може да обезбеди потполно поволно покривање за „Форца Италија“. Впрочем, додека беше на функција, беше предмет на повеќе судски предизвици за постоење на судир на интереси.

Фото: EPA-EFE/RICCARDO ANTIMIANI

Според мислењето на неговата најстара ќерка, политичката кариера на нејзиниот татко била пречка за развојот на нивниот семеен бизнис.

„Кампањата на омраза против татко ми ги погоди нашите компании“, вели 55-годишната Марина Берлускони, најстарата од петте деца на Берлускони и претседател на семејната холдинг-компанија „Фининвест“. Таа опишува „постојани обвинувања за [некаков] конфликт на интереси, што во реалноста никогаш не постоел [и] што само ги поткопуваше нашите деловни стратегии“.

Други не се соглассуваат со неа. Во 2014 година група економисти објавија истражување кое покажа дека, врз основа на анализата на тромесечните трошоци за рекламирање помеѓу 1993 и 2009 година, уделот на пазарот на „Медиасет“ постојано се зголемувал во текот на годините на Берлускони на власт и опаѓал кога тој не бил на власт.

Медиумскиот бизнис сега е формално во рацете на неговите деца. „Се сметам за најсреќна меѓу ќерките“, вели Марина Берлускони. Пјер Силвио, нејзиниот за една година помлад брат, е извршен директор на „Медијасет“, а седи и во Управниот одбор на „Фининвест“, како и децата од вториот брак на нивниот татко со италијанската актерка Вероника Ларио, Барбара и Луиџи. Елеонора Берлускони, пак, средното дете од бракот со Ларио, нема извршна улога во компаниите на нејзиниот татко.

Марина, омажена за поранешниот прв балетан на миланската „Ла Скала“, има репутација на жесток преговарач, вели дека со децении научила деловни активности покрај татко ѝ. „Имав привилегија да го набљудувам од непосредна близина и [го сфатив] неговиот метод и неговите вредности“, вели таа. „Неговите вештини се толку уникатни што генетски наследството дури и на дел од нив би било чудесно.“

Откако нивниот татко се разболел од ковид, во италијанскиот печат започнаа да се појавуваат гласини за жестока расправија помеѓу Марина и нејзината помлада полусестра Барбара. Семејството категорично негираше каков било раздор, презентирајќи обединет фронт пред јавноста.

 Смалување на бизнис – „питата“

Сепак, медиумската империја којашто децата на Берлускони ќе ја наследат од него, се наоѓа во многу послаба позиција во индустријата трансформирана до непрепознатливост од времињата кога нивниот татко беше пионер на комерцијалната телевизија во 80-тите години на минатиот век. Додека „Медиасет“ продолжува да доминира во домашното комерцијално емитување, делот од „питата“ постојано се намалува. Бидејќи економијата на Италија стагнираше две децении, приходите на „Медиасет“ паднаа од 4,3 милијарди евра во 2010 година на 2,6 милијарди евра минатата година.

„Италијанскиот ТВ пазар е сенка на она што беше пред глобалната финансиска криза“, вели Ричард Брутон, директор за истражување на компанијата „Ампер анализа“ со седиште во Велика Британија. Вкупното трошење на италијанскиот пазар за рекламирање, вклучително ТВ, интернет, печат, радио и билборди, вредеше околу 9 милијарди евра годишно во 2007 година, но минатата година се намали на 7 милијарди евра.

Истовремено, сѐ поголемиот износ за рекламирање потрошен во Италија оди на онлајн-платформите како Фејсбук и Гугл. Во 2008 година, телевизиските реклами сочинуваа 48 проценти од вкупниот италијански пазар. Денес тој удел падна на 39 проценти, според „Ампер“. Бидејќи новите учесници како Нетфликс ги крадат гледачите, а новопроширените странски конкуренти како „Комкаст“ – ​​кој го купи „Скај“ во 2018 година – и „Ворнер Дискавери“ инвестираат милијарди долари во глобалната војна со содржини, аналитичарите велат дека задачата на „Медијасет“ да опстане ќе биде Херкулијански тешка.

„Падот на приходите значи дека не можете да потрошите толку многу на оригинална содржина како меѓународните конкуренти, така што ризикувате да изгубите повеќе гледачи“, вели Брутон. „Тоа е многу тежок проблем за решавање а е проблем и за многу радиодифузери во Европа, но италијанските компании се во поопасна ситуација.“

Медиасет против амазонки и јаболка

Конфалониери, претседателот на „Медијасет“, е пријател и сојузник на Берлускони уште од нивната адолесценција од 1950-тите, во повоеното Милано.

„Одевме во истото училиште, започнавме да се дружиме поради заедничката страст кон музиката. Јас свирев на пијано, а тој ги пееше добро Ив Монтан, Френк Синатра… Останавме пријатели цел живот, иако го отпуштив од нашиот мал оркестар кога имавме 19 години.“

„Медиасет оди добро“, вели Конфалониери. „Секако дека треба да се соочи со конкуренцијата на разните Амазонки и Јаболка, но нашата посебност е секогаш валидна. Ако сакате забава и вести, одите локално, а не глобално. Домашната политика или вестите за вашиот сосед се секогаш поинтересни од светските вести.“

Марина Берлускони вели дека семејството останува длабоко посветено на комерцијалната телевизија и верува дека нејзината стратегија за градење паневропски сојузи ќе ги одбие американските технолошки гиганти. „Медиасет“ работи во Шпанија, а има удел и во германскиот радиодифузер „ПроЗибен“.

„Дигиталната револуција е вознемирувачка и е двојно потешко да се соочиме со ОТТ [“over-the-top” провајдерите, како Нетфликс], поради нивната неверојатна сила, но и поради тоталното отсуство на граници и правила во кои им е дозволено да работат“, вели таа.

„’Медиасет’ е меѓу главните медиумски протагонисти на европско ниво. Ние веруваме дека имаме солидна иднина пред себе и можеме да ја направиме уште посилна благодарение на меѓународните спојувања на кои работиме.“ По „примирјето“ со францускиот конгломерат „Вивенди“, „Медиасет“ ги зајакнува плановите за паневропски радиодифузер со седиште во Холандија.

Сепак, не е јасно дали оваа стратегија ќе функционира, имајќи го предвид недостатокот од синергија помеѓу европските радиодифузери и различните јазици на нивната публика и преференциите на гледачите.

„Германците не сакаат да гледаат италијански претстави“, вели Брутон. „Можете да фрлите многу пари во оригинална италијанска продукција, но тоа ќе помине добро во Италија, а не на друго место. Прекуграничната консолидација на радиодифузерите во Европа може да реши некои проблеми, но тоа не е краткорочно решение.“

 „Патот на Берлускони е мртов“

Бидејќи Берлускони влегува во самракот на својата кариера, неговото семејство и сојузниците продолжуваат да се борат околу неговото наследство. За неговите многубројни критичари тој е прото-Трампски милијардер-аутсајдер, чија лоша работа во Италија го донесе антиполитичкото движење „Пет Ѕвезди“ и технократската влада на Драги.

„Тој е татко на идејата дека политиката и политичарите се валкани и треба да бидат заменети со нешто друго“, вели Албертаци.

За Марина Берлускони, напорите на земјата во деценијата откако нејзиниот татко ја напушти функцијата е доказ дека неговите критичари погрешно ја разбрале комплексноста на водењето на земјата. „Со оглед на сите овие промени во изминатите 10 години, многу луѓе, вклучувајќи ги и најнепријателските кон татко ми, почнаа да си поставуваат некои прашања“, вели таа.

За Конфалониери, Берлускони веќе е историска личност. „Кога Берлускони ќе се приближи кон крајот на својата кариера и кога ќе стигнеме таму, тој ќе биде претставен како голем бизнисмен кој влезе во политика со претприемачки менталитет, со примена на техники и стратегии за истражување на јавното мислење во политиката.“

Сепак, светот во кој тој и тинејџерот Берлускони живееја, многу порано пред социјалните мрежи и Нетфликс, го снема. Прашањето на следната генерација на Берлускони е да одговори дали магијата може да продолжи, додека згаснува нивната близина до политичката моќ.

„Денешните генерации се од поинаков свет“, вели Албертаци. „Деловните активности може да продолжат, но начинот на правење политика на Берлускони е веќе мртов.“

Преземено од Financial Times – Сторијата е објавена во прилогот СП Неделник во викенд изданието на Слободен печат од 17-18 јули 2021 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот