Италијанскиот премиер Драги : Пристапни преговори со Македонија и Албанија веднаш

Марио Драги/ Фото EPA-EFE/FILIPPO ATTILI

Италијанскиот премиер Марио Драги денеска побара „веднаш“ да започнат пристапните преговори на Македонија и Албанија со ЕУ, а побара и „забрзување“ на преговорите со Србија и со Црна Гора.

Во време кога ЕУ го засили единството и ја поддржува Украина во борбата против руската офанзива, „целосна интеграција на земјите кои покажуваат европски аспирации не претставува закана за одржување на европскиот проект, тоа е дел од неговото остварување“, рече Драги во говорот на седницата на Европскиот парламент во Стразбур.

Тој рече дека Италија поддржува „веднаш да се отворат преговорите за членство“ на Македонија и Албанија во согласност со одлуката што ја донесе Европскиот совет во март 2020 година.

Владите во Скопје и Тирана се наведуваат на отворање на пристапните преговори во јуни или јули.

Драги исто така рече дека сакаат да дадат нов поттик на преговорите со Србија и со Црна Гора како и да покажат поголемо внимание за легитимните стремежи на Босна и Херцеговина и Косово.

Тој рече дека го поддржува влезот на сите тие земји во ЕУ и дека сака и прием на Украина.

Бугарија го блокира почетокот на преговори на Македонија со ЕУ, со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и оти македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

Видео на денот