Италијанците и Грците се префрлија на холандско јагне, македонското оди за Хрватска

Месо цени во маркет / ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Скендер Аме, претседател на Здружението „Дешат“ од Дебар за „Слободен печат“, вели дека дел од производителите дури ги даваат јагнињата за пониска цена бидејќи не можат да ги чуваат

Македонските фармери ги изгубиле Италија и Грција, како традиционални пазари за извоз на јагнешко месо, покажуваат податоците на меѓународната веб-страница Волца. Од она што може да се види до 17 март во Италија, односно пред католичкиот Велигден, најголемиот дел од јагнешкото е од Холандија, па потоа од Шпанија и од Австрија. Според податоците за увоз на Италија, до минатата недела таму се увезени 122 пратки месо, но ниту една не е од Македонија. Речиси идентична е и ситуацијата на грчкиот пазар, каде што според податоците на Волца Грик Импорт, до 17 март пристигнале 127 пратки јагнешко месо, од кои најголемиот дел од Холандија, Шпанија и Франција, но и овде не фигурира македонското месо.

Од друга страна, податоците на меѓународната веб-страница Индексбокс, најголеми снабдувачи на јагниња и на јагнешко месо на Хрватска се Македонија, Србија и Бугарија, кои покриваат речиси 70 отсто од тој пазар. Изразено во вредност, Полска се позиционира како најголем снабдувач на јагнешко месо за Бугарија со 46 проценти, следи Хрватска со 11 отсто и Шпанија со 9,6 отсто од пазарните потреби. Според бугарските медиуми, за велигденските празници недостигаат 400 илјади јагниња, а дел од нив се очекува да бидат надоместени од Македонија и Романија, а на пазарот килограм од ова месо ќе стигне до 13 евра. Во меѓувреме, Националната асоцијација на одгледувачи на овци и кози од Бугарија најави протест поради неконтролираниот увоз на јагнешко месо од Македонија, а за тоа го известиле тамошното Министерство за земјоделство. Според претседателот на Асоцијацијата, Симеон Караколев, бугарскиот пазар е нарушен со увозот на 200 тони јагнешко месо од Македонија со цена под седум евра за килограм.

На три недели пред Велигден кај нас има повеќе од скромна понуда на јагнешко месо по месарниците и тоа по цена од 460 до 530 денари за килограм. Никој не гарантира дека таа цена ќе остане и до пред празникот, а уште повеќе дали ќе има доволна понуда. Откупната цена од 180 денари ни оддалеку не ја покрива производната, па има апел до фармерите да ги даваат јагнињата за барем да се постигнат 220 денари откупна цена. Скендер Аме, претседател на Здружението „Дешат“ од Дебар за „Слободен печат“, вели дека дел од производителите дури ги даваат јагнињата за пониска цена бидејќи не можат да ги чуваат.

– Едно јагне да постигне соодветна тежина за колење, треба минимум да испие помеѓу 70-90 литри млеко од мајката. Нему му требаат околу 50 кг концентрирана храна. Ако се соберат сите трошоци, излегува дека минимални трошоци за јагне се околу 5 евра, без да го пресметаме нашиот труд – велат одгледувачите.

Податоците на Светската трговска организација за 2020 година покажуваат дека годишниот извоз на македонско јагнешко месо изнесувал околу 2 илјади килограми, а најголемиот дел заминал за Италија и Хрватска. Минорни количини под 100 тони, пред три години отишле во Шведска, Бугарија и Германија.

– Едно јагне за да стане јагне, треба минимум да испие помеѓу 70-90 литри млеко од мајката. Нему му требаат околу 50 кг концентрирана храна. Разгледај ги сите овие работи и состави ги, доаѓаме до сума од 250 лева минимални трошоци за јагне од 25-26 кг. Тоа значи дека цената на чинење на килограм жива маса е околу 10 лева, но во овие 10 лева не го вклучуваме факторот труд – коментира Красимир.

Македонците јадат најмалку јајца во цела Европа

Македонците јадат најмалку јајца во текот на една година (64), потоа следуваат Босна и Херцеговина (96) и Полска (115). Најголем потрошувач на јајца во ЕУ е Холандија (332), потоа Украина (312) и Луксембург (293). Според веб-страницата Ландгеист мап, во овие три земји речиси се јаде по едно јајце по лице дневно. Податоците за оваа мапа доаѓаат од ФАО и се за 2019 година.

Потрошувачката е можеби сменета во изминатите две и пол години, дотолку повеќе што во изминатава година, јајцата беа едни од најпоскапените прехранбени производи, а рекордно поскапување забележа Чешка од дури 80 отсто! Авторите на мапата посочуваат дека податоците на ФАО ја мерат потрошувачката на јајца во килограми, а тие ја покажале потрошувачката на јајца по парче. Податоците ги вклучуваат не само пилешките, туку и јајцата од патка, препелица, ној и други, а кои се користат во колачи, тестенини итн.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот