Истражување во Македонија: Што најмногу влијае на стресот и анксиозноста за време на ковид-19?

Моменталните стресни фактори поради ковид-19 предизвикаа итни реакции ширум светот за да обезбедат физичка безбедност на населението и да го намалат обемот на загуби на животи поради ширењето на заразата со коронавирусот. Во исто време, влијанието на пандемијата го смени светот каков што го знаевме речиси преку ноќ, не давајќи многу време луѓето да се подготват и адаптираат на неизвесната и загрижувачка новонастаната ситуација.

Немањето можност да се задоволат соодветно човековите потреби за безбедност, слобода и физички контакт, влијаеше на тоа поединците, особено помладите, жените и оние со најмал приход во домаќинството, да се борат да се прилагодат на ситуацијата и да се справат со предизвиците со кои се соочуваат. Многу луѓе почнаа интензивно да размислуваат за состојбата на нивното ментално здравје и интензивно бараа помош од професионалци.

Според истражувањето спроведено од Советувалиштето за хумана соработка – Гешталт тренинг институт во Скопје, Македонија (Ваниќ, Лазаревска и Бошкова, 2021), кое се спроведе онлајн во април и мај 2021 година и опфати популација од 1.048 учесници од Северна Македонија, најзначајни фактори поврзани со ковид-19 кои ги предвидуваат психолошките влијанија, се покажува дека најголемо влијание на перципираното ниво на стрес и симптомите на анксиозност/депресија се: личното здравје, здравје на семејството и пријателите, неизвесноста, перцепцијата и верувањата за ковид-19; онлајн-работа/онлајн-училиште, интернет/виртуелна комуникација, карантин/полициски часови, медицински услуги, третман и достапност, поддршка од владините институции, релевантни информации поврзани со ковид-19, безбедност и сигурност на работните места за време на ковид-19, социјални права и услуги.

Најкористена стратегија за справување со стресот и вознемиреноста е разговорот со семејството и пријателите (60,69 отсто), следено со гледање телевизија, филм, серии (59,92 отсто), слушање музика (57,06 отсто), истражување/сурфање на интернет-страници (42,27 отсто), готвење и испробување на нови рецепти (31,60 отсто). Разговор со религиозна личност (4,87 отсто), медитација (10,40 отсто), разговор со професионалец/психолог (11,55 отсто) се избрани како помалку  користени стратегии за справување со стресот и вознемиреноста за време на пандемијата ковид-19.

Непредвидливоста на можните исходи и времетраењето на оваа криза, ги става поединците и државите во продолжена состојба на стрес и вознемиреност. Стресот и вознемиреноста ги ставаат поединците и групите во ризик да се здобијат со тешкотии во менталното здравје, кои можат да се движат од благи до тешки реакции. Поради стравот од зараза со ковид-19, многу луѓе на кои им е потребна итна или продолжена медицинска нега или поддршка, го одложуваат својот контакт со медицинскиот персонал. Здравствениот систем спроведува протоколи за итни случаи и пристап само до пациенти со критични состојби, и безконтактен телефонски пристап до други на кои им се потребни нивните услуги. Ова навистина помага во спречувањето на ширењето на вирусната инфекција, но ги оптоварува капацитетите за справување кај поединците што се борат да се прилагодат на ситуацијата и да се справат со предизвиците со кои се соочуваат и чувствата на неизвесност и вознемиреност, стрес, вознемиреност или нарушување.

Во оваа криза, потребна е дополнителна помош за справување со зголемените состојби за ментално здравје од обучени лица за итна поддршка преку прва психолошка помош, но и преку продолжена психо-социјална поддршка, советување и психотерапија, што ќе обезбеди уверување и надеж и ќе биде врска со медицинските професионалци, повикувајќи се на оние на кои им е потребен специфичен професионален соматски и/или ментален третман.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот