Истражување откри кои намирници го намалуваат ризикот од рак на дебелото црево кај мажите

Фото: Профимедиа

Исхраната богата со зеленчук, житарки од цели зрна, јаткасти плодови и мешунки може значително да го намали ризикот од развој на рак на дебелото црево кај мажите, покажува новата студија.

Големото истражување во кое учествувале 79.952 мажи кои живеат во САД покажало дека оние кои јаделе најголеми количини здрава храна од растително потекло имале 22 отсто помал ризик од развој на рак на дебелото црево во споредба со оние кои јаделе најмали количини од споменатите намирници. Интересно е што не е пронајдена истата корелација кај жените, иако во истражувањето учествувале 93.475 од нив.

Третиот најчест рак во светот

„Колоректален карцином е трет најчест рак во светот. Во текот на животот може да го добијат еден од 23 мажи и една од 25 жени“, рекла нутриционистката Јихје Ким од Универзитетот Кјунг Хи во Јужна Кореја, а пренесува „Би-би-си“.

„Иако претходните истражувања покажаа дека растителната исхрана може да игра улога во превенцијата на колоректалниот рак, не беше јасен точното влијание на нутритивниот квалитет на растителната храна. Нашите откритија покажуваат дека здравата растителна исхрана е поврзана со намален ризик од рак на дебелото црево“, додала таа.

Научниците, во текот на истражувањето, ги прашале испитаниците колку често консумираат одредена храна и пијалаци од списокот во кој се наоѓале повеќе од 180 артикли. Учесниците можеле да наведат дека секоја намирница ја консумирале „никогаш или ретко“ па се до „два или повеќе пати на ден“.

Групите на храна се класифицирани во здрава растителна храна (интегрални житарки, овошје, зеленчук, растителни масла, јаткасти плодови, мешунки како што се леќата и наут, чај и кафе), помалку здрава растителна храна (рафинирани житарки, овошни сокови, компири, додадени шеќери) и храна од животинско потекло (животински масти, млечни производи, јајца, риба или морски плодови, месо).

Сузбивање на воспаленија

„Ние претпоставуваме дека антиоксидантите во храната како што се овошјето, зеленчукот и интегралните житарки може да придонесат за намалување на ризикот од рак на дебелото црево, бидејќи ги сузбиваат хроничните воспаленија кои може да доведе до развој на ракот“, објаснила Ким.

„Бидејќи мажите имаат поголем ризик од рак на дебелото црево отколку жените, ова веројатно објаснува зошто консумирањето поголеми количини здрава растителна храна е поврзано со намален ризик од рак на дебелото црево кај мажите, но не и кај жените“, додала Ким.

Авторите откриле дека ризикот од рак на дебелото црево кај мажите исто така варира во зависност од расата и етничката припадност. На пример, кај Јапонците кои се хранат поздраво, забележано е намалување на ризикот од појава на рак на дебелото црево за 20 отсто, додека кај белците тоа е 24 отсто.

Истражувањето Plant-based dietary patterns defined by a priori indices and colorectal cancer risk by sex and race/ethnicity: the Multiethnic Cohort Study беше објавено во магазинот BMC Medicine.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот