Истражување: Реформите во правосудството на половина пат помеѓу законите и праксата

Фото: Профимедиа

Реформите во правосудството се на ниво во кое законската рамка е речиси целосно заокружена, при што ЕУ изразува задоволството од степенот на промените, партиите се со целосно спротивставени ставови, но исто и дел од експертите, кои се поделени за одредени решенија.

Ова се главните наоди на истражувањето на оваа тема што го спроведе Фондацијата Метаморфозис во рамки на регионален проект, во кој на годишно ниво се оценува степенот на напредокот во неколку клучни области, значајни за приближувањето на земјата кон ЕУ.

– Гледано по области најзначајни сегменти во напредокот се направени во законската рамка, која со усвојувањето на новиот Закон за јавното обвинителство сега е заокружена и во праксата во работењето на Судскиот совет на РСМ, кој како конечно да профункционира, па почнаа со засилено разгледување на претставки за самите судии, и со разрешувања, меѓу кои беше разрешен и претседателот на Врховниот суд, се вели во истражувањето.

Од другите сегменти меѓу другото се посочува дека судството и обвинителството и натаму се соочуваат со недоволно финансирање, иако во поглед на обвинителството, се подвлекува, законот сега е попрецезен и дефинира финансирање со најмалку 0,4 отсто од Буџетот на РСМ секоја година.

Истражувањето покажало дека кадровските проблеми се заеднички и за судството и за обвинителството. И во двата сегменти, се оценува, недостасуваат голем број судии и обвинители.

Начинот на прием на нови, се наведува во истражувањето, останува ист како што беше дефиниран минатата година односно Академијата за судии и обвинители е единствената порта и предуслов за промовирање нови кадри.

– Ефикасноста и во судството и во обвинителството, се чини дека е многу поврзана со претходно споменатиот проблем со недостиг на кадри, иако според годишните извештаи и на судството и на обвинителството, таа генерално е добра. Но, проблемот со предметите стари 3, 5 и 7 години во судовите останува како не мала бројка. Бавноста на постапките во вископрофилираните предмети поднесени од Специјалното јавно обвинителство покажуваат дека не секогаш проблем е недостигот од судии, туку и судскиот менаџмент и самото постапување на судиите, покажуваат резултатите од истражувањето.

Се наведува дека ветингот на судиите останува во игра од страна на политичарите, експертите јасно се изразија против, а засега се спроведува т.н. мек ветинг, т.е. проверка на одреден број суд, како што се посочува, од страна на Антикорупциската комисија.

Се уште треба да се работи на независноста, на транспарентноста, на дигитализацијата и севкупното ИТ унапредување во работењето на судовите и обвинителствата, стои во истражувањето изготвено согласно достапните податоци до крајот на март 2020 година, спроведено во рамки на регионалниот проект „Западен Балкан и процесот на пристапување во ЕУ: Примена на политичките критериуми”, што го води Центарот за демократска транзиција од Подгорица, Црна Гора. Проектот е подржан од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград и од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот