Истражување: Над 70 проценти од Балканците сметаат дека коронавирусот не е голема закана

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Според резултатите, 62 проценти од испитаниците се плашат да не се заразат, но во исто време 56 проценти од нив сметаат дека се претерува околу можната закана.

Истражување на Галуп покажа дека над 70 проценти од луѓето на Балканот сметаат дека коронавирусот не е толку голема закана како што се претставува. Според истражувачите, тоа можело да се очекува во регион навикнат на кризи, јави Дојче Веле.

Галуп спроведе истражување за тоа како луѓето ја доживуваат глобалната пандемија на коронавирусот во коа биле опфатени повеќе од 20 илјади луѓе во 26 земји во светот.

Според резултатите, 62 проценти од испитаниците се плашат да не се заразат, но во исто време 56 проценти од нив сметаат дека се претерува околу можната закана.

Претседателот на Галуп Интернешнл Асосиејшн (ГИА), Канчо Стојчев изјави дека двата аспекти не се противречни.

– Вирусот е реален и нормално е луѓето да се плашат, вели Стојчев во интервју за Дојче Веле.

Од друга страна вируси постојат од почетокот на човештвото. Секој човек на светов знае дека постојано сме опкружени со вируси. Од таа причина некои реакции на вирусот им изгледаат претерани, вели Стојчев.

Стравот и несигурноста, според студијата, различно се шират во различни делови од светот. Поради тоа, 56 проценти од анкетираните сметаат дека се претерува во однос на заканата од коронавирусот, вели Стојчев.

– Знаеме дека во некои земји кризата почна две или три недели порано така што тие сега се во друга фаза. Италија е во многу напредната фаза и разбирливо е како Италијанците реагираат во моментов. Во БиХ на пример имаме уште многу рана фаза, рече тој.

Особено во балканските земји кои беа вклучени во анкетата изгледа дека нема паника. Во БиХ 73 проценти од анкетираните сметаат дека се претерува во однос на заканата од вирусот, во Бугарија 72 проценти, а во Република Северна Македонија 73 проценти.

За Бугаринот Канчо Стојчев тоа е последица и на историјата на регионот.

– Балканот со векови е точка каде што се кршеле копјата. На такви места интензитетот на историјата е многу посилен, што значи дека луѓето морале да се справуваат со значително поголем број кризи.  И изминатите 30 години се пример за тоа. Во Бугарија, Романија и земјите од поранешна Југославија постојано имало кризи. На некој начин навикнати сме на вакви ситуации, изјави Стојчев.

Тоа се гледа и кога ќе се направи споредба. Луѓето во земјите од западна Европа заканата од коронавирусот ја доживуваат како реална. Околу 70 проценти од анкетираните го изјавиле тоа.

Анкетата покажува дека 76 проценти од испитаниците се подготвени да си ги ограничат личните слободи без разлика дали заканата ја сметаат за претерана или не. На врвот е Австрија со 95 проценти, па Република Северна Македонија со 94 проценти и Холандија со 91 проценти. Најниска е бројката во САД со само 45 проценти. Според Стојчев, можни причини за таквиот став се политичката поделеност и „силната демократска традиција” на земјата.

Сржта на студијата за него е во друг аспект.

– Гледаме значителен пораст на довербата во националните влади. Ако ги погледнеме бројките сфаќаме дека две третини од луѓето во светот почнуваат да им веруваат на своите влади затоа што се плашат. Вообичаено тие бројки се 20 до 40 проценти. Политичките елити кои беа паднати во немилост, си ја враќаат довербата во ова време кое се доживува како почеток на глобална криза без временски релевантен случај за споредба „Сам” се заменува со „заедно”, „блиску„ со „далеку” и „глобално” со „национално”, вели Стојчев за Дојче Веле.

За него ова е крај на времето во кое глобалните пазари ја доминираа политиката.

– Нашиот менталитет како потрошувачи е да си постоиме во сопствениот универзум. Може да купуваме, да правиме што сакаме и да патуваме каде сакаме. Актуелната криза ни ја скрши таквата илузија. На крајот на денот сфаќаме дека луѓето се колективни суштества. И кога се работи за глобално и национално, националното е исто колективно, значи да се биде заедно, но не на глобално ниво, изјави тој.

Сепак, со оглед на голем број искази за солидарност од голем број луѓе Стојчев согледува и една шанса.

– Такви ситуации ги обединуваат луѓето. Принципиелно во животот има две стратегии кога ќе се најдете пред сериозен проблем. Првата е сам да се обидеш да го решиш, другата е заеднички со други луѓе. На крај изгледа најдобро возиш во друштво, истакна претседателот на Галуп.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот