Истражување на Тајмс: Тајната на „балканскиот успех против коронавирусот“ и влијанието на бесеже вакцината

Фото: Профимедиа

Експертите веќе со години анализираат како имунизацијата со евтина и цел век достапната бесеже вакцина против туберкулоза, го зајакнува човечкиот имунитет и против другите заразни болести.

„Еден дел од Европа подобро ги познава сите опасности кои вирусите ги носат од остатокот на континентот. Југославија, за време на нејзиното кратко постоење, ја погодија епидемии на туберкулоза и мали сипаници, а во текот на војните во 90-тите години, покрај сите маки, напатениот народ го нападнаа пак морбилите. И затоа – кога коронавирусот се појави во западниот дел од Балканот – регионот успешно се подготви за најлошо сценарио“, пишува Тајмс на почетокот на големата репортажа за епидемијата на коронавирусот на Балканот.

Според Тајмс, во државите од поранешна Југославија – кои имаат повеќе од 20 милиони жители – забележани се над 21.145 случаи на зараза од коронавирусот и 775 смртни случаи поврзани со оваа болест.

Причините за така добрите резултати, Тајмс ги образложува со фактот дека некои научници се уверени дека на земјите од поранешна Југославија најмногу им помогнале раните епидемии и успешниот одговор на нив, низ долгорочно и сеопфатно, а во некои држави и задолжително вакцинирање.

Експертите веќе со години анализираат како имунизацијата со евтина и цел век достапната бесеже вакцина против туберкулоза, го зајакнува човечкиот имунитет и против другите заразни болести. Анализите се повторно актуелни поради искуствата кои со бесеже вакцината ги имаа државите од поранешна Југославија.
Србија доби руска и кинеска помош за справување со коронавирусот Фото: EPA-EFE/RUSSIAN DEFENCE MINISTRY/HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

„Луѓето кои се вакцинирани против туберкулоза имале послаби симптоми на коронавирус. Сепак, во прашање се само впечатоци, се уште нема доволно докази да за бидеме сигурни. Меѓутоа, се чини дека земјите кои во висок процент вакцинирале бесеже вакцина имале полесно искуство со коронавирусот“, рече водечкиот српски епидемиолог д-р Предраг Кон.

Резултатите се секако уверливи. Велика Британија и поголем дел од Европа од сеопштото вакцинирање со бесеже вакцината се откажаа уште на почетокот на 21. век, додека во САД и Италија никогаш и не се применувала вакцинација со бесеже вакцина. Во поголем дел од Африка, источна Европа, Азија и Јужна Америка и натаму е распространета задолжителната вакцинација.

Југославија – и државите кои настанале со нејзиниот распад – се вбројуваат меѓу земјите кои упорно инсистираа на висок процент на вакцинација.

Кон крајот на Втората светска војна во Југославија за кратко време се рашири туберкулозата, а секоја година се заразуваа околу 15 отсто од населението. Југословенската влада во 1946 година започна со вакцинација на сите воени регрути и секое лице помладо од 25 година, а потоа и на оние кои се сметаа дека спаѓаат во ризична популација. Три години подоцна, вакцинирањето со бесеже вакцината стана задолжително за сите помлади од 25 години.

Истражувачите уште од 50-тите години на минатиот век знаеја дека бесеже исто така го подобрува општиот имунитет, иако дури неодамна разбраа и зошто.

„Бесеже го реорганизира епигеномот за да овозможи експримација на одредени делови на имунолошкиот систем. А тој процес овозможува – кога повторно ќе ве предизвика неповрзан вирус – подобар имунитет“, рече член на истражувачкиот тим за бесеже вакцината при Медицинскиот факултет во Тексас, Ендрју Динардо.

„Само наведете инфекција и веројатно постојат докази дека оваа вакцина ја подобрува реакцијата на организмот“, додава д-р Динардо.

Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека се уште нема цврсти докази кој укажуваат дека бесеже вакцината навистина штити и од коронавирусот. Исто така, некои научници веруваат дека вакцината против туберкулозата ги штити лушето од други болести само одреден период, а не цел живот.

Во Хрватска се спроведе широко тестирање на коронавиру Фото: EPA-EFE/ANTONIO BAT

И други вакцини исто така може да играат улога во јакнење на имунитетот, а државите од Балканскиот полуостров неодамна имаа неколку кругови програма за вакцинации, вклучувајќи и вакцина против беснило, кои универзално се применуваат еднаш годишно од 2016 година. Движењето против вакцинација кое во Британија и САД е застапено од 1990 година, на Балканот се прошири дури во последните неколку години.

Исто така, контролирани испитувања на делотворноста на бесеже вакцината веќе се спроведуваат во Холандија и Австралија, а резултатите се очекуваат за три до 6 месеци.

„Поверојатно е дека бесеже само ќе доведе од помалку сериозни симптоми, иако може да пружи и делумна заштита од пренос на вирусот“, рече шефот на истражувачкиот тим на Универзитетот Радбоуд во Холандија д-р Михаи Нетеа.

Социјалистичкото наследство на Југославија исто така им помогна на земјите од поранешната држава да ја ублажат кризата во здравствениот сектор, предизвикана од епидемијата на коронавирусот. Како што пишува Тајмс, иако повеќе нема блиска соработка меѓу јавните здравствени установи на државите, тие и натаму ги делат културните и политичките атрибути кои го обликуваа одговорот на кризата, главно низ централизираните здравствени системи и влади кои не се двоумеа да ги ограничат граѓанските слободи за општо добро.

Србија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија воведоа полициски час на територијата на целата држава, а на постарите од 65 години им беше забрането излегување од своите домови.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

 

„Мерките за ограничување не беа најдобро прифатени во јавноста, но успеавме. Исто така, откривме дека сега, кога вонредната состојба е укината, постарите од 65 години и натаму се придржуваат кон нашите препораки“, рече д-р Кон.

Тајмс потсетува и дека Црна Гора целосно заклучи една општина, а Хрватска воведе ограничување во стопанскиот и економскиот сектор, како и дека ги ограничи патувањата надвор од земјата. Словенија воведе обврска за носење на маски и ракавици на сите јавни затворени места.

„Видовме дека брзината на ширење на заразата успори. Нашите болници се стари и немаме многу одделенија за интензивна нега, но имаме единствен систем на јавно здравство кој е главно со сопственост на државата, што на ја олесни организацијата“, рече д-р Бојана Беовиќ, епидемиолог од болница во Словенија.

Компаративните податоци од регионот покажуваат поврзаност меѓу брзината на запирање на нормалниот живот и делотворноста на таквите мерки. Сите држави на поранешна Југославија ја прекинаа наставата во училиштата и работата на претпријатијата уште во средината на март. Во Црна Гора се воведени мерки и пред да биде забележан првиот случај на зараза, па не е чудно што Црна Гора има најмала стапка на заразени и на смртност, пишува Тајмс.

Од друга страна, Северна Македонија својот прв случај го потврди 20 дена пред најавата за вонредна состојба, па претрпе најголема стапка на смртност, се наведува во текстот.

Исто така, се чини дека и словенечкиот строг пристап во одговорот на епидемијата на коронавирус се исплатеше. Со повеќе од петтина население кое има повеќе од 65 години, вирусот во почетокот погоди два старечки домови. Меѓутоа, Словенија на 14 мај, шест недели откако воведе строги правила за носење заштитни маски и патувања внатре во државата, стана прва држава во Европа која прогласи крај на епидемијата и до денес забележа само 1.473 заразени и 108 смртни случаи од последиците на коронавирусот.

Посебни мерки за јавниот сообраќај во Љубљана

Балканските држави во овој момент се далеку пред земјите на западна Европа кога станува збор за враќање кон нормалниот живот. Повеќето компании почнаа да работат, а се укинуваат и мерките за ограничување на движењето. Под притисок на граѓаните, владите повторно ги отвораат границите.

Меѓутоа, наглото отворање ги загрижува епидемиолозите кои предвидуваат втор бран епидемија наесен. Тестирањето на антитела во Словенија сугерира дека само 3 отсто од популацијата имале вирус и стекнале имунитет, а бесеже вакцината не е магично стапче, дури и ако се покаже дека е делотворна.

„Веруваме дека тоа би било мост до развој на специфична вакцина против коронавирусот која би овозможила заштита на одреден период од две до три години, додека во потполност не биде развиена нова вакцина и додека не биде достапна на целата популација“, рече професор Нетеа.

Тајмс на крајот се занимава и со политичкиот аспект на епидемиајта од коронавирус на Балканот, наведувајќи дека испливале и одредени проблеми во јавното здравство, како и деак и натаму е актуелен проблемот со корупција. Исто така, се наведува и дека кризата предизвикана од пандемијата на коронавирус ја приближи политиката на српскиот претседател Александар Вучиќ кон поголема соработка со Русија и Кина.

Епидемиологот Предраг Кон изјави на една од редовните прес конференции дека за ефектот од бесеже вакцината во сузбивањето на коронавирусот допрва ќе се прават научни истражувања и проверки.

„Има некоја логика во тоа, зошто се покажа дека во некои земји кои се најпогодени од корнавирусот имало најмалку вакцинација со бесеже вакцина, рече Кон.

Неговиот колега, епидемиологот д-р Бранислав Тиодоровиќ тоа го кажа на почетокот на април.

„Земјите кои го укинаа вакцинирањето со бесеже – Италија, Франција, Швајцарија, САД, Холандија – потешко се погодени од инфекцијата ковид-19 и имаат поголема смртност. Не може вакцинацијата да ја скроти таа инфекција но ја намалува веројатноста од компликации после инфекциите. Интересно е што антиваксерите никогаш не ја ставија под знак прашање вакцијата бесеже, како да знаат дека таа вакција многу значи“, рече Тиодоровиќ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот