Истражување: Луѓето без деца се среќни колку и оние кои станале родители

Ново истражување открива дека луѓето без деца се исто толку среќни како и оние кои станале родители, па дури и самите истражувачи биле изненадени од тоа колку мажи и жени изјавиле дека не сакаат да имаат деца.

Тоа е дел од трендот што е актуелен во скоро целиот свет. На пример, стапката на наталитет само во САД минатата година паднала на рекордно ниско ниво и според некои проценки, во 2021 година може да има 300 000 до 500 000 помалку раѓања.

Повеќе од една четвртина од возрасните или 27%, кои учествувале во новото истражување спроведено од психолози од Универзитетот во Мичиген и објавено минатата недела во списанието „PLOS ONE“, велат дека се без деца. Бројот „драматично ги надминува“ претходните проценки од 2% до 9% пријавени во претходните истражувања, велат истражувачите.

Наодите од ова истражување се базираат на репрезентативен примерок од 981 возрасни луѓе во Мичиген, но истражувачите предвидуваат дека слични обрасци може да се забележат и во други делови на САД, вели авторката Џенифер Ватлинг Нил, вонредна професорка по психологија на Универзитетот во Мичиген.

Една од луѓето кои се одлучиле да живеат без деца е Лора ЛаВои, писателка која живее во Ешвил, Северна Каролина. Цел живот знаела дека не сака да има деца. Сега кога има 46 години и вели дека никогаш не чувствувала каење за таа одлука затоа што имала низа причини за истата.

„Најважно е што едноставно не сакам да воспитувам деца. Никогаш не ме привлекувало. Не сакам да бидам одговорна за друго човечко суштество на тој начин“, изјави таа. „Сакам да патувам. Сакам авантури, никогаш не сум била на исто место многу долго и во мојот начин на живот дете навистина не се вклопува“.

Нејзиниот сопруг ги споделува истите ставови. Тие биле заедно 26 години и согласиле дека не сакаат да имаат деца. Ја отварале оваа тема неколку пати во текот на годините, но биле свесни дека одговорот секогаш ќе остане ист.

Исто така, ова истражување покажа дека луѓето без деца се задоволни од животот како и сите други. Имено, не биле забележани разлики во карактерите помеѓу различните групи на луѓе, но возрасните без деца биле „значително полиберални“ од родителите. ЛаВои се согласила со сите наоди од истражувањето, истакнувајќи дека е целосно задоволна од својот живот, но исто така признава дека понекогаш поради својата одлука не се среќава со одобрување од луѓе кои имаат деца, пренесува „Today“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот