Истражување: Договорот од Преспа сѐ уште е сензитивна тема за граѓаните во двете земји

Потпишување на преспанскиот договор Фото: Архива на „Слободен печат“

Три години од потпишувањето, Договорот од Преспа за решавање за спорот за името помеѓу Северна Македонија и Грција, сѐ уште е сензитивна тема за многу граѓани во двете земји.

Ова го покажува истражувањето на јавното мислење кое го направи канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер од Грција и Кипар и Грчката фондација за европска и надворешна политика (ЕЛИАМЕП), а го спроведоа Институт за демократија „Социетас Цивилис“ и Единицата за истражување на јавното мислење при Универзитетот Македонија во мај оваа година.

Како што се наведува во сооптшението од Институтот за демократија, јавноста во двете држави останува поделена во врска со изгледите на Договорот од Преспа и ефектите што тој ги имаше врз политичкиот и општествениот живот во нивните земји. Додека многу граѓани во двете земји ги признаваат придобивките од решавањето на спорот за името, голем дел од населението има негативни ставови за Договорот од Преспа. Мнозинството граѓани во двете земји ја признаа важноста на спорот за името и прифатија дека неговото решавање е компромис што требаше да се направи, се наведува во соопштението.

– Спроведувањето на Договорот допира деликатни прашања во врска со етнички и национални идентитети кои се сметаат за клучни фактори за незадоволство од Преспанскиот договор. Постигнатиот Договор сè уште генерира значителни поделби меѓу македонската јавност. Ова е особено видливо кај етничките македонски граѓани кои се длабоко поделени во проценката на добрите и лошите страни на резултатите од договорот од Преспа, посочуваат од Институтот за демократија.

Од грчка страна, и покрај главниот фокус на надворешната политика кон Турција, односите со Северна Македонија имаат одредена тежина за јавното мислење. Мнозинството Грци, како што се наведува, се спротивставуваат на идејата за компромис за името, но процентот на оние кои прифаќаат компромисно решение е зголемен.

Значителни процент на грчката и македонската јавност ја поддржуваат идејата дека Договорот од Преспа ги зајакна мирот и стабилноста во регионот.

Хенри Бонет, директорот на канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер во Грција и Кипар вели дека со Договорот од Преспа се тргнаа бариерите кои ги имаше Северна Македонија за да оди напред во нејзиниот пат кон ЕУ и дека се тргнаа предизвиците кои влечеа наназад цела генерација на луѓе кои живеат на двете страни до границите.

– Три години подоцна, не е се совршено како што покажуваат и резултатите од истражувањето. Особено фрустрирачки е што Северна Македонија не може да се движи доволно брзо кон Европската Унија, рече Бонет.

Директорот на Фондацијата Конрад Аденауер во Северна Македонија, Даниел Браун рече дека Договорот од Преспа е добар пример како може да се решат некои прашања, иако истражувањето покажува дека се уште постојат загрижености.

– Денеска гледаме друг предизвик за Северна Македонија со друга соседска земја. Тоа предизвикува разочарување дека иако се направи Договорот од Преспа за напредок во европските интеграции, преговорите повторно се заглавени поради проблемот со Бугарија, додаде Браун, се посочува во соопштението од Институтот за демократија.

Истражувањето го презентираа авторите Јоанис Армаколас, доцент на Катедрата за балкански, словенски и ориентални студии при Универзитет Македонија и Виш научен соработник и раководител на програмата за Југоисточна Европа на ЕЛИАМЕП и Иван Дамјановски, професор на Факултетот за политички науки при УКИМ и надворешен истражувач при Институтот за демократија „Социетас Цивилис”.

Во Северна Македонија, истражување на јавното мислење беше спроведено од Институтот за Демократија „Социетас Цивилис” – Скопје помеѓу 14 и 28 мај 2021 година на примерок од 1000 испитаници, а во Грција анкетата ја спроведе Единицата на Институтот за истражување на Универзитетот Македонија во периодот помеѓу 18-25 мај 2021 година на примерок од 1056 испитаници.

И Коѕијас побара промена на кратенката ФФМ: Тоа е федерација на непостоечка држава „Македонија”

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот