Истражување: 25% од етничките Албанци не веруваат во ковид-19, а 48% од Македонците сметаат дека е создаден вештачки

Скопје, 3 јуни 2020 / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Од Македонците 75% се загрижени за моменталната состојба во светот и земјата, а кај етничките Албанците 56%. Дека не се загрижени, пак, кај Македонците одговориле 24%, а кај Албанците 44%.

Вкупно 42,7 проценти од граѓаните сметаат дека коронавирусот е излезен од лабораторија. 36,7 проценти сметаат дека тоа е со намера, а 6 отсто дека е по грешка. Околу 23 проценти, пак, не знаат како се појавил, покажуваат податоците од најновото истражување на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и М-Проспект.

Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби / Скопје, 3 јуни 2020 / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

На истото прашање за постоењето и потеклото на коронавирусот, ставовите се различни во македонската и албанската етничка заедница.

Така, речиси 48 проценти од Македонците сметаат дека коронавирусот е направен во лабораторија. 41,8 отсто одговориле дека е направен во лабораторија со намера, а 5,9 дека е направен во лабораторија по грешка.

Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби / Скопје, 3 јуни 2020 / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Кај албанската етничка заедница, пак, 25 проценти се на став дека вирусот не постои. Исто толкав е процентот и на оние Албанци кои одговориле дека вирусот е направен во лабораторија со намера.

Од Македонците 5,7 проценти сметаат дека вирусот не постои.

Дека потеклото на вирусот е поврзано со воспоставување на 5Г мрежи во светот и кај Македонците и кај Албанците одговориле околу 5 проценти.

Граѓаните биле прашани и за тоа колку се загрижени кога размислуваат за моменталната состојба во светот и земјата во однос на ковид-19 и корона-кризата.

Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби / Скопје, 3 јуни 2020 / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

– Големо мнозинство, односно 71,3 проценти од граѓаните се изјасниле дека се загрижени (28,6 проценти се многу загрижени), а мало малцинство (28,5 проценти) рекле дека не се загрижени (16,6 проценти воопшто не се)- стои во истражувањето.

И за ова прашање можат да се забележат разлика по основ на етничката припадност.

Процентот на Македонци кои се чувствуваат загрижени изнесува 75,4 проценти, а на етнички Албанци е 56,2 отсто. Дека не се загрижени, пак, одговориле 24,3 проценти од Македонците и 43,8 од Албанците.

Генерално, мнозинство од граѓаните – 60 проценти се загрижени дека тие лично ќе се заразат со ковид-19 односно 21 процент се многу загрижени, а 39 донекаде.

Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби / Скопје, 3 јуни 2020 / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Кога станува збор за загриженоста на граѓаните дека можеби без да знаат веќе го имаат и го шират вирусот, речиси 50 проценти рекле дека се загрижени (многу или донекаде), а 45,5 отсто, пак, одговориле оти се воопшто или донекаде незагрижени.

Истражување било спроведено во периодот од 16 до 22 мај, со телефонски анкети на македонски и албански јазик на примерок од 1 000 испитаници. Резултатите од истражувањето, наведуваат авторите, се подложни на статистичка грешка од 3,1 проценти, со прифатливо ниво на доверба од 95 отсто.

Слободен печат на Инфективна клиника: Коронавирусот постои и никој не е имун на него (ФОТО+ВИДЕО)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот