Истрагата за специјалните напред, парите за бонуси назад!

Фото: МИА

Државниот обвинител Љубомир Јовески повторно е во средиштето на вниманието на јавноста – таа од него очекува одговор дали биле законски енормно високите надоместоци за доверливост што ги добивале специјалните јавни обвинители на чело со Катица Јанева. Таа, како шефица на СЈО, наплатила 150.000 евра, кои самата си ги одредила, а останатите обвинители од СЈО добиле од 80 до 100.000 евра за период од четири години, колку што функционираше ова обвинителство. Вчера и премиерот Зоран Заев искажа сомнеж во реалноста на сумите прикажани на владината алатка за отчетност и побара од државниот јавен обвинител да обезбеди точни информации од институциите и да ги сподели со јавноста.

Од Јавното обвинителство велат дека ќе ги испитаат сите околности и правно релевантни факти за исплата на платите и додатоците.

– Ако се утврди дека има основано сомнение за извршено кривично дело, ќе се постапи согласно со Законот. Исплатата на плати и надоместоци е утврдена во Законот за плати на јавните обвинители, а до поставувањето на алатката „Отворени финансии“, висината на надоместоците и начинот на пресметување на платата и надоместоците за СЈО јавно не беа достапни, за разлика од примањата на сите други обвинители, за кои на сајтот на ЈОРСМ јавно е објавен коефициентот за исплата на плати – велат од Обвинителството за „Слободен печат“.

Заев: Да не се фрла дамка врз обвинителите

Откако владината алатка „Отворени финансии“, која беше промовирана минатата недела, ги извади на виделина бонусите за доверливост на Јанева и на другите специјални обвинители, јавноста почна да бара морална и законска одговорност за трошењето на народните пари и обврска парите да се вратат. Премиерот Заев застана во одбрана на обвинителите со став дека висината на бонусите, вклучувајќи ги додатоците за доверливост, се непотврдени бројки.

– Сите знаеме дека специјалните јавни обвинители добиваа поголема плата за некои 300 до 500 евра, не знам колку е нивната плата поголема од таа на другите обвинители, поради тоа што сериозно презедоа одговорност. Ако јавен обвинител зема илјада евра плата, специјалните обвинители земале 1.300 евра, а дополнително на тоа се додатоците за доверливост, за сигурност, за чување на самите материјали, а распределбата е со закон определена. Нема да дозволам да се фрли негативно петно врз јавните обвинители. Постои истрага за државниот специјален јавен обвинител, а другите прво треба да се прашаат за да се кажат сите детали, целата анализа. Тие треба да кажат кој е тој дел од додатокот што се примал за сигурност, за доверливост на податоците во однос на вистинската нето-плата на специјалните обвинители. Сигурно бројките се далеку помали од тоа што Антонио Милошоски го слушам како шпекулира. Точни и јавни информации треба да се побараат од институциите. Државниот јавен обвинител може да ја побараа таа информација и да ја сподели – рече вчера премиерот и додаде дека секоја година не се трошат до крај предвидените 228 милиони денари што со закон се определени за СЈО.

Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Катица Јанева за четири години заработела над 340.000 евра и го обвини Заев дека ја поткупувал Јанева.

– Јавноста е сведок дека Заев преку Владата на лична сметка на Јанева префрлал и до 600 евра, а последната исплата била на само 10 дена пред апсењето на Јанева за рекетирање. Јанева примила пари на лична сметка од Владата за учество во Советот за реформи и тоа не било единствена исплата. Имало исплати и неколку години претходно. Ако се земе предвид дека Јанева веќе ја имаше депонирано својата оставка во тој период, која е причината за исплатата на овие средства на нејзината лична сметка? – вели портпаролот на партијата Димче Арсовски.

Тој вели дека за четири години Јанева по разни основи од СЈО  инкасирала над 340.000 евра, а другите обвинители помеѓу 270.000 и 290.000 евра.

– Неколку милиони евра пари на граѓаните се слеале во џебовите на овие јавни обвинители што беа избрани да носат правда, а не да рекетираат. Основите биле плата над просекот, приход по основа на доверливост, приход по основа на плаќање кирија конкретно кај Јанева, каде што самата таа имала ексклузивно право да ја одредува висината – вели Арсовски и побара Јанева да им ги врати парите на граѓаните.

И невладината организација „Цивил“ вчера најави дека ќе бара обвинителите од СЈО да ги вратат бонусите.

– Скандалозно е да имате такви бонуси, па не знам каква работа да вршите во општеството. Скандалозно е да имате бонуси што произлегуваат од буџетот на една земја во која има луѓе што гладуваат – вели претседателот на „Цивил“, Џабир Дерала, според кого ваков скандал со доделување енормни суми како дополнителни додатоци, не се случил во изминатите две децении.

Истраги, оставки и враќање на парите

И од Државното правобранителство вчера за А1он најавиле дека, ако Обвинителството поведе истрага и се докаже дека е оштетен Буџетот, Државното правобранителство ќе реагира по службена должност.

Од Антокорупциската комисија најавија дека ќе ги почекаат резултатите од истрагата на другите институции во врска со бонусите, па ќе одлучат дали ќе отворат предмет, а во тој случај ќе бараат информации од институциите што се надлежни за финансиското работење, какви што се Управата за финансова полиција и Државниот завод за ревизија.

Од партијата Демократски сојуз, пак, бараат оставки од обвинителите поради корупција.

– Тие што примиле пари, а знаеле дека работат надвор од општите правила и стандарди треба да понесат законска, политичка и друг тип на одговорност. Не е можно Јанева ниту кој било од тие јавни обвинители и понатаму да продолжат да бидат јавни обвинители затоа што делумно навлегле во корупција и криминал, без разлика дали таа ја покривале со некакви интерни правилници и одредби од Законот – изјави лидерот Павле Трајанов.

Од Министерството за правда за „Плусинфо“ објасниле дека во Законот за СЈО се предвидени додатоци на плати за ризик и за доверливост, а такво право имаат  и судиите и другите јавни обвинители, како и судската администрација и јавнообвинителската служба, но дали висината на надоместоците е во согласност со законот или не е треба да одговори Јавното обвинителство.

И редовните обвинители земаат додатоци за ризик и за доверливост

Според Законот за СЈО, член 14, платата на специјалниот јавен обвинител е определена во висина од 10 отсто пониска од платата на државниот јавен обвинител, а платите на останатите обвинители во СЈО се во висина на платите на обвинителите во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција. Обвинителите во СЈО имаат право на додаток за посебните услови за работа, додаток за постоење на висок ризик и додаток за доверливост.

Според Законот за платите на јавните обвинители, платата на јавниот обвинител се утврдува на начин што основицата се множи со коефициент, зголемен за процент за работното искуство, кое се вреднува со 0,5 отсто за секоја започната година на работен стаж, а најмногу до 20 отсто. Обвинителот има право на надоместоци за патни, дневни и други трошоци за службени патувања, за користење лични возила во службени цели, за трошоци за одвоен живот од семејството, за селидба, за работа на терен; за погреб во случај на смрт на обвинителот или член на неговото семејство, за штета при елементарни непогоди и за боледување. Со измените на законот пред 4 години, обвинителите добија право на надоместок за висок ризик и додаток за доверливост.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот