Историско судење: Кардинал ја олеснил католичката црква за десетици милијарди долари

Фото: EPA-EFE/CLAUDIO PERI

Во Ватикан започна историско судење за финансиски скандал, во кое се обвинети 10 лица. Меѓу обвинетите е и кардинал.

Поранешниот кардинал Џовани Анџело Бечу еден од обвинетите во скандалот во кој католичката црква беше „олеснета“ за десетици милијарди долари од донации преку лоши инвестиции, договори со сомнителни лица и наводни услуги на семејствата и пријателите.

73- годишниот Бечу, кој наводно во 2014 година потрошил 350 милиони евра црковни пари за да купи имот во областа Челзи во Лондон, се изјасни дека не е виновен. Меѓу другото, обвинет е и за непотизам, односно за донирање црковни пари на фирми во сопственост на негови роднини.

Папата Франциск, кој на Бечу му го укина имунитетот за да може да биде изведен пред лицето на правдата, го отпушти кардиналот минатата година.

Останатите 9 лица се обвинети за изнудување, перење на пари и злоупотреба на службена должност. Доколку се докаже дека се виновни, обвинетите ќе добијат парични или затворски казни.

Му се суди и на брокерот Џанлуиџи Торзи, кој е обвинет дека со парите на Ватикан купил акции на имотот во Челзи, за кој било во план да се претвори во објект со луксузни апартмани. Тој исто така тврди дека е невин.

Обвинет е и швајцарскиот адвокат Рене Бруелхарт, некогашен шеф на ватиканското финансиско тело, кој исто така ги негира сите обвиненија.

Се очекува на рочиштата неделава да се расправа за прелиминарни прашања, а потоа судењето да се одложи до октомври кога ќе се одржуваат по две рочишта секоја недела.

Минатата недела, Ватикан објави детали за своите имоти, меѓу кои се наведени над 4.000 објекти во  Италија и 1.120 во други градови низ Европа. Постапката е дел од реформите на папата Франциск, кој сака да воведе поголема транспарентност во финансиите на Ватикан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот