Историски пресврт на Тим за триумф на УС Опен

Тим поради повреда нема да настапи на последниот грен слем турнир оваа година/EPA-EFE/JUSTIN LANE

Австрискиот тенисер е нов грен слем шампион на УС Опен откако во финалето направи неверојатен пресврт и го совлада Александер Зверев.

Доминик Тим стана 55. грен слем шампион во модерната ера, 150. на сите времиња, прв кој е роден по 1990 година и прв Австриец кој триумфира на УС Опен.

Тим до трофејот дојде на импресивен начин откако успеа да надополни негатива од 0:2 во сетови за на крајот да слави со 2:6,4:6,6:4,6:3,7:6 и стана првиот тенисер во модерната ера кој направил ваков пресврт. Последен тенисер кој од 0:2 во сетови успеал да се врати и да триумфира на УС Опен е Панчо Гонсалес во 1949 година.

Тим исто така стана и вториот австриски тенисер кој освојува грен слем титула, пред него тоа му успеа на Томас Мустер на Ролан Гарос во 1995 година.

Интересно е што Доминик Тим до првата грен слем титула дојде од четвртиот обид, на Австралија Опен годинава загуби од Новак Ѓоковиќ во финалето, а на Ролан Гарос во последните две изданија губеше од Рафаел Надал.

Зверев далеку подобро го започна мечот, делуваше подобро на теренот, беше одлучен во поените, изгледаше далеку поподготвен од Тим и за помалку од еден час игра веќе имаше водство од 0:2 во сетови. Зверев дури имаше и брејк предност во третиот сет (1:2), и од тие моменти Тим го крена нивото на игра откако сфати дека нема што да загуби.

Австриецот ја презеде иницијативата и на доминантен начин ги освои наредните два сета. Одлучувачкиот петти сет донесе голема борба во која и двајцата тенисери имаа по еден брејк на стартот.

Зверев повеќе ризикуваше играше поагресивно и тој пристап му донесе водство од 5:3 и сервис за триумф. Сепак, не ги искористи своите шанси, а Тим направи два брејка за негово водство од 6:5 но во моментите кога сервираше за триумф, нервозата си го стори своето и му дозволи на Зверев да се врати во игра и да го однесе мечот во одлучувачкиот тај брејк.

Во тај брејкот, Доминик Тим ги искористи сите грешки на својот противник и третата меч топка ја претвори во голема победа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот