Историски потсетник за угодувањето на Грција, блокадата врз Турција и слабеењето на НАТО

Фото: Профимедиа

Промовирањето на Грција како бастион на американските интереси во регионот е во спротивност со историските факти и сериозно ќе го наруши сојузот на НАТО

Додека низ западните медиуми и аналитичките центри е во полн ек систематската кампања за делегитимирање на Турција, не само против претседателот Ердоган, од истите туркофобични кругови истовремено се спроведува успешна ПР-кампања која ја оценува Грција како „бастион на западниот интерес, остров на стабилноста и демократијата“.

Затоа, можеби е крајно време да се потсетиме на последните децении на грчката, во моментов подзаборавена, историја на антиамериканизам и нејзиното досие за поткопување на Западот.

 Длабоки антиамерикански корени

Историјата на современиот антиамериканизам во Грција може да се детектира во 40-тите години на 20 век. Кога Грција падна во крвава граѓанска војна во 1946 година, владините сили победија по три години борби против широко популарната и силна комунистичка Грчка народноослободителна армија (ЕЛАС), само благодарение на огромната воена и финансиска поддршка на Велика Британија и Америка. Додека победата на грчката влада дојде со практикување егзекуции, прогонство или затворање на околу 100.000 комунисти, антилевичарската политика на грчката држава, која беше поддржана или на која ѝ се гледаше „низ прсти“ од страна на Западот, вклучуваше систематско ништење, дискриминација и внатрешно прогонство на комунистите, што продолжи и по граѓанската војна.

Разбирливо, ваквата состојба создаде длабоки корени на антиамериканизам кај грчката левица. Раширеното убедување дека САД ја охрабруваа турската интервенција на Кипар во 1974 година, го шири антиамериканизмот во пошироки сегменти на грчкото општество, кај конзервативците, левичарите, националистите.

Со поддршка на Милошевиќ

Високо распространетиот и милитантен антиамериканизам во Грција започна да се негува од 80-тите години на минатиот век наваму, за време на владеењето на Панхеленското социјалистичко движење (ПАСОК) на Андреас Папандреу. Грција ја поддржа диктатурата Јарузелски во Полска, одби да го осуди сузбивањето на неистомислениците во Советскиот Сојуз и Источниот блок и соборувањето на корејскиот комерцијален авион од советските воени летала во 1983 година, а се спротивстави и на распоредувањето американски крстосувачки и ракети Першинг во Европа против Советскиот Сојуз. Истовремено, ги одржуваше односите и/или засолнуваше многу организации, вклучувајќи ги либанскиот Хезболах, Организацијата Абу Нидал (АНО), Ерменската тајна армија за ослободување на Ерменија (АСАЛА), курдската ПКК, кои беа назначени како терористички организации од грчките сојузници во НАТО, вклучително и Америка.

Антиамериканизмот во Грција, сепак, го достигна својот зенит за време на југословенската војна за сукцесија на СФРЈ во 90-тите години на минатиот век. Низ тие конфликти, Грција морално, економски и политички го поддржуваше режимот на Милошевиќ во Белград и режимот на Караџиќ на Пале. Постојано го кршеше нафтеното ембарго воведено против Србија од страна на ООН и одлуката на ЕУ, што подразбираше замрзнување на имотот на режимот на Милошевиќ. Покрај тоа, државата ги наѕираше и грчките волонтери кои се бореа за српската кауза, вклучувајќи го и учеството во масакрот во Сребреница, што беше предмет на осуда од страна на Западот.

Како што соодветно напиша водечкиот српски новинар Петар Луковиќ, „политиката на Грција му донесе исклучиво корист на режимот на Милошевиќ, помагајќи му на семејството Милошевиќ и неговите соработници да ја задржат власта во Белград. Режимот на Милошевиќ ја користеше Грција како одличен пример за западна земја која ја поддржуваше патриотската Србија.“

Без санкции

Првата декада на новиот милениуми не сведочеше за подобрување на проамериканските чувства во Грција. Чувствувајќи се уште посигурни и поавтономни откако станаа членка на Еврозоната, што за кусо време донесе просперитет на земјата, Грците се претворија во една од најантиамериканските нации во целиот свет. Во тоа време, повеќето Грци веруваа дека Американците се во сојуз со Турците и Евреите за да ја нападнат Грција, грчката култура и религијата. Меѓу другото, Грците дури веруваа дека САД стојат зад терористичките напади на 11 септември 2001 година.

Би било интересно да се знае со какви санкции се соочува Грција поради нејзините отворени антиамерикански политики, кои отворено ги поткопуваат американските интереси на Блискиот Исток и на Балканот? Изненадувачкиот одговор е дека не се воведоа никакви санкции. Додека грчката држава обезбедуваше рај за антиамериканските терористички организации и им помагаше на непријателите на Америка на Балканот, САД сепак не се двоумеа да ѝ обезбедат на Грција најмодерно американско оружје, вклучувајќи борбени авиони Ф-16 и напаѓачки хеликоптери АХ-64 Апачи. Понатаму, Америка под администрација на Обама се вклучи во притисок врз ЕУ да ја спаси Грција, кога нејзината економија се распадна во 2009 година.

Влошување на турско-американските односи

Да бидеме фер, грчката дипломатија, со помош на силната грчка дијаспора и други антитурски кругови во Америка, маестрално ги искористи спорните области меѓу Турција и Америка од средината на 2010-тите. Кратковидиот сојуз на Америка со терористичката група ПКК и со нивните изданоци во Сирија, двосмислената политика кон терористичката ѓуленистичка група ФЕТО, која е одговорна за поразениот обид за државен удар од 15 јули 2016 година, и затскриеното, а понекогаш и отворено ембарго за извоз на оружје во Турција со изговор дека Анкара го купи рускиот С-400 САМ ракетен систем и на тој начин постапи спротивно на нејзините заложби против Америка и НАТО, одигра значајна улога во влошувањето на турско-американските односи.

Во меѓувреме, Америка започна да ја менува својата политика во врска со турско-грчките несогласувања на Егејот, во Источниот Медитеран и на Кипар. Вашингтон изрази поддршка за максималистичките грчки тврдења, кои не можат да бидат прифатени од ниту една избрана влада во Турција. Покрај тоа, Америка има намера да ѝ продаде најсовремени фрегати и борбени авиони Ф-35 на Грција и преговара за проширување на своето воено присуство во Грција. Овие случувања, без сомнение, ќе создадат два длабоки и непосредни проблеми, не само за Турција, туку и за Америка и НАТО.

Лишена од западно оружје за одржување рамнотежа на Егејот и Источниот Медитеран, Турција ќе мора да бара други алтернативи. Таквиот потег навистина може да предизвика негативни економски, воени и политички импликации врз Турција. Сепак, губењето на Турција, која ја поседува една од најсилните и искусни армии на НАТО, за сметка на други незападни центри на моќта, практично би значело крај на НАТО, којшто е гаранција за просперитет и безбедност на Западот повеќе од 70 години.

 

Преземено од „Агенција Анадолу“ од Анкара

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот