Историска и добрососедска магла околу Македонија

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Во периодот на распаѓањето на поранешната југословенска федерација во почетокот на 90-тите години на минатиот век, беше промовирана и тезата за барање решение според примерот на добрососедство и заемно почитување меѓу скандинавските држави. Последниот претседател на Претседателството на СФРЈ, Стипе Месиќ, во тој контекст на тешките разговори за иднината на Југославија застапуваше мислење дека „треба да бидеме скандинавски и помалку скандализирани“. Но тоа повикување на скандинавскиот модел за мирен соживот и соработка меѓу група земји што сочинуваат регионална и историски културна целина, воопшто не придонесе за мирна дисолуција на југословенската федерација, туку заврши со крвави воени судири, засилувајќи ја историската перцепција за Балканот како буре барут и простор на насилство и трајни политички кризи.

Она на што веројатно најмногу се алудира со укажувањата на некои историски околности во Скандинавија во однос на распаѓањето на поголеми државни заедници – кое во случајот на поранешна Југославија беше проследено со низа конфликти, сè до краткотрајниот вооружен судир во Македонија во 2001 година – е мирниот распад на Шведско-норвешката унија во 1905 година.

Мирниот распад на Шведско-норвешката унија во 1905 година

И покрај тоа што по повеќегодишните недоразбирања и политички несогласици во рамките на унијата меѓу кралствата Шведска и Норвешка, проследени со засилување на стремежите на Норвежаните за самостојност и мобилизирање на 22.500 луѓе под оружје, двете страни сепак се согласиле да потпишат мировна конвенција. Тоа се случило изненадувачки брзо, бидејќи двете земји само неколку недели претходно биле на работ на избувнување граѓанска војна, но потоа се обврзале меѓусебниот конфликт, наместо со вооружена сила, да го решат со меѓународно посредништво. Шведска која зад себе има повеќе од два века мир, во моментот на распаѓањето на унијата со Норвешка веќе поминала период од речиси цело столетие без војни.

Се разбира, тешко се доаѓа до посеопфатна слика доколку историските процеси се гледаат површно и преку розови очила. Примерот на скандинавските добрососедски односи не плови секогаш по мирно море без бранови. Една друга мошне важна година за земјите во овој регион е 1940-тата, кога на 9 април нацистичка Германија ги окупирала Данска и Норвешка. Неочекувано, Швеѓаните биле поштедени од инвазија од германската фашистичка армија. Шведска останала неутрална до крајот на Втората светска војна, но под услови што на шведската концентрациона влада ѝ ги диктирала Хитлеровата Германија. Границите биле затворени, контактите меѓу соседите пресечени, така што соседните земји дури по завршувањето на војната можеле да се уверат каков бил „посебниот пат што го избрала Шведска“, гледајќи ги во летото 1945 година, не без завист и љубомора, неоштетените куќи и добро облечените и ухранети Швеѓани.

Деветти април пред осумдесет години ги раздвоил скандинавските соседи – и оставил траги. Тие траги сè уште се забележуваат. Тогаш беше Германија, но сега во екот на корона-кризата, Данска и Норвешка, како и Финска, сами ги затворија границите околу соседна Шведска. Објаснувајќи ги своите стратегии во борбата против вирусната зараза, соседите на Шведска со нагласена самодоверба зборуваат дека кај нив, кај сите три држави заедно, има трипати помалку смртни случаи отколку кај Швеѓаните. Соседите го следат и зборуваат за шведскиот исклучок со поблаги рестрикции, со отворени ресторани и училишта, но одвај да може да се слушне и понекоја желба за среќен и успешен исход од борбата против пандемијата. Поминале осумдесет години мир и унапредување на нордиската соработка, но трњето, острите шилци, и понатаму бодат, наследени и прикриени.

Сепак, во јавноста ретко може да слушнете и директни вербални напади што нордиските соседи си ги упатуваат меѓусебно. Таквиот недостиг може дури и да провоцира во извесна смисла на зборот. Со години наназад лично се обидував при контактите и дружењето со Швеѓани да поттикнам дискусии околу сфаќањата и ставовите за соседните народи, но буквално никогаш не успевав да слушнам каков било неконтролиран и емотивно воспален вербален напад, проследен со пцости и навреди  против припадниците на соседните народи. Едноставно, доколку и има предрасуди, историски и сегашни, за нив јавно не се зборува.

Балканот не може да функционира без „скандализирање“

Кога станува збор за Балканот, тој, се чини, воопшто и не може да функционира без своето познато „скандализирање“, особено кога станува збор за историјата која внесува длабок раздор меѓу соседите. Но разликата во споредба со скандинавскиот контекст е и во мошне широко распространетиот, кај сите слоеви на населението, „сочен“ вокабулар, наследен преку воспитување, образованието и некритичкото повторување и нагласување на длабоковкоренетите предрасуди, негаторски ставови, јазични омаловажувања и исмевања, квазиисториски измислици и цела низа погрдни зборови и тешки навреди. Ако се каже и нешто позитивно за соседниот народ, тоа на Балканот тешко привлекува симпатии.

Историски гледано, големите кризи, вклучувајќи ги и пандемиите, ги принудувале луѓето да ги прекинат врските со минатото и наместо тоа да замислат еден обновен свет. И овој пат се чини дека состојбите не се различни. Како што вели познатата индиска писателка Арундати Рој, „стоиме пред портал, пасаж меѓу еден свет и наредниот што доаѓа“. Можеме да го направиме изборот така што низ тој пасаж со себе ќе ги повлечеме и труповите, нашите предрасуди и омразата, алчноста, „компјутерските податочни центри и мртвите идеи“. Но, луѓето би можеле да поминат и со лесен багаж, подготвени да замислат и да си претстават еден нов свет.

Во делот на таквиот портал кој е наменет за Балканот едно нешто, сепак, тешко може да се очекува. Лесниот багаж кој би можел да биде понесен од другата страна на пасажот овде веројатно не би можел да биде ослободен и олеснет од тешката магла и историски баласт на идеите, кои секако би требало бидат сфатени како мртви.

Потврда за тоа се, на пример, и размислувањата на Красимир Каракачанов, кој не само во историјата, туку и сега гледа континуитет на еден ист народ од двете страни на македонско-бугарската граница, предлагајќи дека е созреано времето бугарските и македонските политички лидери заедно да побараат благослов од Грција да им дозволи заедничко подигање споменик на Гоце Делчев близу Баница.

Само што во куферот на Каракачанов тешко дека ќе се најде и најмало местенце за низ сегашниот меѓувременски пасаж да се пренесе и понекоја идеја за витализирање на европските вредности поврзани со решавање, а не натамошно компликување на проблемите што ги оптоваруваат добрососедските односи. Каракачанов и неговите истомисленици сигурно би го поздравиле постигнувањето на бугарско-македонското „историско“ разбирање, но само доколку на поканетите гости на свеченоста по повод отворањето на заедничкиот споменик во чест на Гоце Делчев, како десерт би им бил послужен сладолед прелеан исклучиво со – бугарска глазура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот