Историчарите ништо не средија, заглавија во средниот век

Мешовитата македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања уште еднаш – последен пат годинава – се обиде да најде заедничко решение за историското значење, односно за ликот и делото на револуционерот Гоце Делчев. На деветтата дводневна средба, која во бугарската метропола заврши вчера, на маса беа ставени проблемите со третманот во учебниците на средниот век, Османлиската Империја и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев. Сепак, според изјавите на двајцата копретседатели, Ангел Димитров од бугарска и Драги Ѓорѓиев од македонска, преговорите и овој пат не вродиле со плод. Како што соопштија преговарачите, освен тоа што постојат големи разијдувања за Гоце Делчев, сега нема согласност ниту за учебниците по историја.

Имено, откако на претходната средба во Охрид за Гоце Делчев не беше постигнат никаков договор, сега во Софија нема согласност ниту за средновековната историја во учебниците. Ова го изјави Димитров, во заедничкото гостување со својот македонски колега Драги Ѓорѓиев на Бугарската национална телевизија.

– Нема согласност за средниот век во учебниците по историја. Разликата е во несогласувањето дека имаме заедничка историја и не гледам како ќе постигнеме согласност за учебниците во двете земји. За средновековието, најголемото несогласување со нашите колеги е дека во 9 век кога поголемиот дел од географската територија на Македонија стана неразделен дел од бугарската територија, се формира бугарската националност и тоа „тераше“ два века понатаму. Тоа нашите колеги не сакаат да го прифатат – изјави Димитров и додаде дека двете држави имаат заедничка историја и за време на османлиското владеење.

Според професорот Драги Ѓорѓиев, пак, за средниот век постојат разлики во перцепцијата на некои процеси, а тој не може да види која е таа заедничка историја.

– Во која смисла таа историја би била заедничка со историјата на сегашниот народ? За време на османлиите имаме заеднички историја, на една територија сме. Исто така, македонската страна не го негира постоењето на бугарската држава ниту формирањето на бугарска националност, туку дека формирањето на бугарската народност од 9 век трае до 1944 година – возврати Ѓорѓиев.

За жешката прашање дали Гоце Делчев бил Бугарин или Македонец, Ѓорѓиев вели дека тоа е многу чувствителна тема, но и дека е неупатно да се одговори дали бил Бугарин или Македонец.

– Не е работата на Комисијата да каже. Ќе дискутираме. Ама ако оваа Комисија продолжи да инсистира и да напише документ дека Гоце Делчев бил Бугарин или Македонец, решение нема да има. Ние не зборуваме за еден црно-бел свет во тоа време, тоа е испреплетено, сите случувања се по малку и хаотични – рече Ѓорѓиев.

Но, неговиот колега Димитров не се согласува со ваквиот став.

– Се разбира дека треба да каже, зашто ако не се знае што е човекот, тогаш и ние не можеме да го оцениме точно неговото дело. Не треба ние да кажеме што е Гоце Делчев. Тој кажал сам што е, кажало неговото семејство, неговите другари, соборци, учесници во борбата и луѓето – возврати Димитров.

На ова следуваше одговор од Ѓорѓиев дека по таа аналогија ако сам кажал дека е Бугарин, многу често го употребува наративот македонски народ и Македонци.

Оценката е дека работата на Комисијата не се одвива според посакуваното темпо, а копретседавачот од бугарска страна обвини дека македонските колеги не сакаат да се работи поинтензивно.

– До крајот на годината треба да се стигне до решение. Предложив уште една средба до тогаш. Инаку, лош сигнал е Комисијата да не го исполнува она што го договориле двете влади. Треба да постигнеме резултати кои совршено одговараат на идејата од договорот за заедничка историја. Да ја исчистиме интерпретацијата на минатото од негативности кои влијаат на двете општества – изјави Димитров.

Досега, заедничката Комисија има одржано вкупно осум средби на кои им беа испратени препораки на владите на двете држави заеднички да ги чествуваат светите Кирил и Методиј, свети Климент, свети Наум и цар Самоил, како и препораки за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во Република Северна Македонија и за петти клас во Република Бугарија, кои се однесуваат на античкиот период од минатото.

Мицкоски: Никој не може да ме убеди дека Гоце не е Македонец

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека неговиот став околу Договорот за добрососедство со Бугарија останува непроменет, односно дека ќе продолжи и натаму да го поддржува, но исто така додаде дека никој на светот не може да го убеди оти Гоце Делчев не е Македонец.

– Не е добро некој мене да ме уценува, да ме условува, да ме притиска и да ми кажува дека Гоце Делчев не бил Македонец. Не може мене да ме убеди некој дека Гоце не е Македонец, не може мене некој да ме убеди дека македонскиот јазик не е посебен јазик и дека не е кодифициран и меѓународно признат. Гоце Делчев се борел за македонска држава, за македонска независна држава. Ние говориме македонски јазик што е засебен и меѓународно признат – вели Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот