Историчар разоткри голема измама: Познатиот ракопис на Галилео Галилеј е фалсификат

Галилео Галилеј
Фото: Profimedia/Принтскрин UNIVERSITY OF MICHIGAN LIBRARY

Со децении, библиотеката на Универзитетот во Мичиген, САД го истакнува ракописот на Галилео Галилеј поврзан со неговото откривање на месечините на Јупитер како „скапоцен камен“ на нејзината колекција. Но, историчар докажа дека овој ракопис е фалсификат, пишува „Њујорк Тајмс“.

Наводниот ракопис на познатиот научник го опишува телескопот со кој ги открил месечините на Јупитер, а содржи и скици од нивните орбити околу таа планета. Токму ова откритие на легендарниот италијански математичар и астроном ја потврди неговата теорија дека Сонцето е центар на Сончевиот систем, а не Земјата, што било остро осудено од Католичката црква во тоа време.

Ник Вајлдинг, историчар од Државниот универзитет во Џорџија, САД, почнал да се сомнева во автентичноста на ракописот во мај годинава, кога ја проучувал фотографијата од тој документот за биографијата на Галилео што ја пишува.

Откако библиотеката ги проверила неговите тврдења, откриле дека бил во право – ракописот на Галилео е фалсификат од почетокот на 20 век и дело на фалсификатор од Милано.

„Се посомневав во автентичноста поради мастилото“

„Беше доста болно кога дознавме дека нашиот Галилео не е навистина Галилео“, рече привремената деканка на библиотеката Дона Л. Хејворд. Таа посочи дека целта на библиотеката е проширување на знаењето и затоа решиле да бидат отворени за ова откритие и јавно да објават дека се работи за фалсификат. „Да го метете под тепих е спротивно на она за што се залагаме“, изјави таа.

Вајлдинг и претходно разоткри фалсификати на делата на Галилео, а сомнежите за автентичноста на овој ракопис ги покренале некои од употребените букви и зборови. Во исто време, мастилото на горните и долните делови на ракописот било слични, иако овие делови наводно биле напишани со разлика од неколку месеци.

„Беше чудно… Очигледно се работи за два различни документи напишани на ист лист хартија. Зошто сè  е во иста нијанса на кафена..?“, се запрашал Вајлдинг.

Историчарот, кој вообичаено предава курс за фалсификати на Факултетот за ретки книги на Универзитетот во Вирџинија во текот на летото, почнал подетално да го истражува ракописот и изјавил дека нема информации за него во италијанските архиви. Тој стапил во контакт со библиотеката на Универзитетот во Мичиген во мај и побарал дополнителни информации за потеклото на ракописот и фотографии од жигот.

Галилео Галилеј
Галилео Галилеј / Фото: Stock Montage, Inc. / Alamy / Alamy / Profimedia

Авторот е озлогласен италијански фалсификатор

Кураторот на библиотеката Пабло Алварез рече дека побледел кога ја видел е-поштата од Вајлдинг, бидејќи знаел за него и неговото искуство во откривањето фалсификати. Го извлекол ракописот и го фотографирал жигот – круг со трифолија и монограм „AS/BMO“.

Документот за автентичен наводно бил потврден од кардиналот Пиетро Мафи, архиепископ од Пиза, кој починал во 1931 година, откако го споредил ракописот со два документи на Галилео во неговата колекција. Кардиналот ги набавил тие документи од Тобиа Никотра – озлогласениот милански фалсификатор од 20 век.

„Кога го слушнав името Никотра, веднаш ми се сетилото на пајак“, вели Вајлдинг, мислејќи на суперхеројот Спајдермен и неговата способност да почувствува опасност.

Шах мат

За време на неговата истрага, Вајлдинг открил друг документ на Галилео од 1607 година во њујоршката библиотека и музеј Морган со различен жиг, но со истиот монограм – „БМО“- скратено за италијанскиот град Бергамо. Тој документ, наводно писмо испратено до непознато лице, бил речиси идентичен со писмото од италијанските архиви, што покренало нови сомнежи кај историчарот.

Кустосот од Мичиген, Алварез и њујоршкиот куратор Филип С. Палмер ги споредиле жиговите на документите со оние опишани во книгата за видовите жигови користени за трудови за време на Австро-унгарската империја, која исто така содржи информации за Бергамо. Откриле дека жигот на наводното писмо од 1607 година се совпаѓа со оние на документите од 1790 година.

Тие не можеле да пронајдат жиг идентичен со оној на ракописот од Мичиген, а во исто време ниту еден документ со тој монограм не се појавил пред 1770 година. Што значи дека малку е веројатно дека Галилео можел да користел таква хартија повеќе од 150 години порано, што всушност е и последната потврда дека тие или другите наводни документи на италијанскиот научник се всушност фалсификат.

Галилео Галилеј
Фото: Принтскрин UNIVERSITY OF MICHIGAN LIBRARY

Фалсификаторот имал седум љубовници

Алварез се чувствувал одговорен што самиот не го забележал тоа порано. „Основата на науката е набљудувањето… Јас не сум го работел тоа го работел Галилео“, рече тој.

Библиотеката на Универзитетот во Мичиген сега размислува како да го искористи ракописот за проучување на методите на фалсификување. Затоа, сепак може да биде клучен дел од некоја идна изложба. Хејворд нагласи дека се работи за исклучително добар фалсификат. „Ова откритие некако го прави овој документ уште пофасцинантен“, нагласи таа.

Експертите предупредуваат дека има големи шанси во разни збирки да има и други фалсификувани документи кои сè уште не се откриени.

Истражувајќи го фалсификаторот Никотра, Вајлдинг открил дека Италијанецот наводно почнал да продава лажни писма и музички ракописи за да ги издржува неговите седум љубовници. Во 1934 година, италијанската полиција, истражувајќи сомнителен ракопис на Моцарт се упаднала во станот на Никотри каде што нашла „вистинска фабрика за фалсификување“, рече Вајлдинг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот