Исток нè отпиша, Запад не нè запишуе – Слободен печат
Колумни

Исток нè отпиша, Запад не нè запишуе

Филозофската дилема од почетоков на текстов логично ми се наметнува и за оваа поранешна турска провинција, во траорново време во кое „Исток не отпиша, а Запад не нè запишуе“. Кога веќе немаме шанса да бидеме Шведска или Словенија, ајде да учиме барем од Турците, џанам, поблиски ни се и по менталитет и по серии.

Може ли во овие Ви-Ар времиња човек воопшто да се снајде низ ходниците меѓу дигиталните облаци и да го пронајде вистинскиот систем на вредности. Одговорот е најверојатно да, ама има едно Ама, ама ќе треба да ги користи вистинските клучни зборови (keywords), па потоа и да ги открие вистинските „линкови“. Не за џабе рекле: „Убавиот збор и железна врата отвора“. Кај мене на пребарувач само излегуваат работи кои уште повеќе ме збунуваат, а јас упорно се обидувам да ја најдам жичката која ги спојува. Така ми се споија и жичките во случајот со Хандке и Нобеловата награда и Турција без отпадоци.

Две, навидум неповрзани работи, ама со речиси иста филозофска поука.

Петер Хандке е добитникот на Нобеловата награда за литература за 2019 година. Ама за еден голем дел од светската јавност Хандке е стока од човек, поддржувач на Милошевиќ, мачоист и што ти уште не. Ама Швеѓаните ладно му ја доделија наградата. За литература. Не е за поведение. Значи ли тоа дека може да се биде одличен ученик со кец по „поведение“?

Идентично прашање ми е случајот со Турција и нејзината програма за „нула отпадоци“. Турција е една светска велесила, која во изминативе неколку години испозатвори или национализираше дузина средства за информирање, и испоуапси толку интелектуалци и новинари, па да може и Сталин би ги одликувал. Од почетокот на војната во Сирија, Турција си прави воени излети исклучиво против една групација, курдските борци, а на секој излет гинат цивили и деца. Нејзината демократија, која ја споредуваат со воен режим, решила да ја направи Турција земја без отпадоци. Нешто како Шведска на ориентот. „Единствен начин да ги свртиме апокалиптичните сценарија во обратна насока е да се префрлиме на ‘зелена’ економија“, изјави првата дама Емине Ердоган, на конференцијата за справување со отпад. Госпоѓа Ердоган, која веќе две години ја предводи програмата „Без отпадоци“, го форсира рециклирањето од секој вид и уверува дека тоа е главниот чекор за Турција како земја лидер во регионот во самоодржливост и заштита на природата. Таа со одушевување соопшти дека целта (само за 2 години!!!) 25.000 згради да се префрлат на „нула“ отпад е остварена два месеци пред планираното. Што значи нула отпад? Значи дека се рециклира буквално сè, од пластика и метал, до отпадоци од храна кои се компостираат, а тој компост се користи како прихрана во земјоделието. На иницијативата за нула отпад се приклучија уште 18750 деловни згради и субјекти и Турција сè посигурно гази во светлата и зелена иднина. А освен контејнерите за метал и пластика, кои никнуваат побрзо од билборди пред избори, Турците имаат и комбинирани контејнери за алишта и леб. Од едната страна може да уфрлите стари алишта и усреќите некој бездомник или бегалец, а од другата страна уфрлате бајат леб (Турците јадат многу леб!) и печива, па да усреќите некое бездомно куче или мачка. Нормално, имаат и соодветни институции и здруженија, кои лебот и алиштата ги спроведуваат кон вистинските корисници. Зелената економија им носи и нови работни места и, веројатно, и една нова свест за себе и својата околина, соседите и планетата.

Филозофската дилема од почетоков на текстов логично ми се наметнува и за оваа поранешна турска провинција, во траорново време во кое „Исток не отпиша, а Запад не нè запишуе“. Кога веќе немаме шанса да бидеме Шведска или Словенија, ајде да учиме барем од Турците, џанам поблиски ни се и по менталитет и по серии. Не мора 25.000, не мора ни 2.500, ни 250, ајде да направиме план за две години 25 згради да се ослободат од отпад. Јас веднаш ќе предложам на нашиот „Куќен совет“ да ја пријавиме нашата зграда во еден ваков проект. Гарант веднаш ќе се придружат и соседните, за да не останат покуси. Ама ајде и да направиме и фабрика за рециклирање, затоа што сме држава која дури и тоа нешто малку отпад што ќе го собере, го извезува. За туѓ, странски профит. Да не споменам и дека во нова фабрика има и нови работни места. Кец у кец.

Во ерата на смарт контејнери, ајде да испаднеме вистински смарт. Смарт згради, смарт населби, смарт Охрид, па зошто да не и еден убав и светол ден, и смарт Тетово. И онака нè перцепираат за искорумпирани балкански „ѓубриња“, па ајде да им покажеме дека и во ѓубрето има злато. Како Хандке, или Турција, на пример.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close