Испиj едно кафе, спаси ја економијата

Фото: Слободен печат

Здравјето треба да го чуваме, но мора да ги сочуваме и работните места, бидејќи по нашите животи можат да бидат далеку пострашни последиците од економската криза, од самиот ризик што со себе го носи заразата.

Отсекогаш сум имал посебен однос кон пиењето кафе. Го пијам во големи количини, што секако дека не може да биде здраво, но тоа дел од мене и тешко дека би можел да се променам.

Оваа навика не ја сменив ни кога добив напад на желудникот, така тоа ми беше соопштено од матичниот лекар, кој изрично ми забрани да пијам по 12 „турски“ кафиња на ден. Добро, денеска пијам многу помалку шолји кафе и се трудам што е можно повеќе да го одбегнувам „турското“, чиј талог му пречи на моето здравје, па сум преориентиран на разни макијата, еспреса, капучина, топло нес, со чоколаден прелив и шлаг.

Сакам да потенцирам дека мојот социјален живот, главно, се одвива преку кафето. Ми доаѓаат дома гости и прво ги нудам со кафе, ако се видам со некој другар од средно и по две три куртоазни реченици како по правило му велам – ај јави се, да се најдеме на кафе. Паузите на работа се разбира се трошат на кафе со колегите, а доколку треба да се видам со некого службено, тогаш тие средби ги договарам, веќе погодувате – на кафе.

Затоа одлуката на Владата повторно да ги отвори кафулињата, јас ја дочекав како второ раѓање. Конечно, по паузата од два и пол месеци, мојот социјален живот има некаква смисла. И не ми пречи тоа што на маса за четворица ќе седиме по двајца, и тоа што на келнерите треба да им докажувам дека двете девојчиња ми се ќерки и дека жената што вообичаено пие макијато со две шеќерчиња е мојата сопруга. Не ми пречи ни тоа што кафулињата ќе работат со половина капацитет. И онака беа преполни со маси и столови, па секое поминување на келнерот значеше и благ удар во плешката. Битно е дека кафе ќе се пие, а со тоа ќе се гледаат и другарите, пријателите и колегите.

Зошто ми е тоа толку битно? Тоа значи дека животот полека се враќа во нормала. Не сум лекар и затоа немам намера да дебатирам дали во септември или во февруари нѐ очекува вториот или третиот бран од заразата. Постојат предупредувања, но и спротивставени мислења. Претпоставувам дека вирусот уште некое време ќе биде меѓу нас и ќе претставува потенцијална опасност. Веројатно и натаму ќе има заразени и веројатно и натаму ќе има пациенти со потешки симптоми. Но, ние ќе мора да се навикнеме на таквиот живот. Со употреба на сите пропишани мерки, кои подразбираат физичка дистанца, носење маски и миење раце, ќе мора да работиме, да учиме, да се релаксираме и да пиеме кафе. Карантинот тешко дека ќе имаме ресурси да го повториме, бидејќи според сите предвидувања, за кои, интересно, нема спротивставени мислења, нè очекува мошне тешка економска криза. Затоа ќе мора да излеземе од дома, да се вратиме на работа, но и да им се вратиме и на старите потрошувачки навики, со цел да го забрзаме заздравувањето на оние бизниси кои беа најпогодени од кризата. Тоа секако дека се секторите на угостителството и туризмот, како и некои други бизниси што сѐ уште немаат дозвола за работа, иако се исклучително битни за нашата економија.

Здравјето треба да го чуваме, но мора да ги сочуваме и работните места, бидејќи по нашите животи можат да бидат далеку пострашни последиците од економската криза, од самиот ризик што со себе го носи заразата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот