Исланд ја претрка Шведска, има мнозинство жени во законодавниот дом

Парламентот на Исланд/ Фото: EPA/MIKKO PIHAVAARA

Исланд стана првата земја во Европа која има повеќе жени отколку мажи во Парламентот, еден ден по парламентарните избори, кои ја доведоа во прашање иднината на лево-десничарската коалиција, и покрај тоа што освои јасно мнозинство.

Од 63 места во законодавниот дом, 33 ќе ги заземат жени, или 52 отсто, според прогнозите врз основа на денешните конечни резултати.

Ниту една друга европска земја нема повеќе од 50 проценти жени пратеници, а Шведска е најблиску со 47 отсто, според податоците собрани од Светска банка. Пет други држави во светот моментно имаат парламенти во кои жените имаат најмалку половина од пратеничките места, според Интерпарламентарната унија: Руанда (61 отсто), Куба (53 проценти), Никарагва (51 отсто) и Мексико и Обединетите Арапски Емирати (50 проценти).

За разлика од некои други земји, Исланд нема законски квоти за застапеност на жените во Парламентот, иако некои партии бараат минимален број жени кандидати.

Скандинавската земја долго време е пионер во родовата еднаквост и правата на жените и ја предводи листата на Светскиот економски форум за најегалитарни земји во последните 12 години. Исланд исто така беше првата земја која избра жена претседател во 1980 година.

– Имам 85 години, цел живот чекав жените да станат мнозинство… Навистина сум среќна, изјави една жителка на главниот град Рејкјавик.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот