Исламистите се жалат на пуч, народот низ Тунис слави

Фото: EPA-EFE/STR

Повикувајќи се на член од Уставот за вонредни ситуации, претседателот Каис Сајед го суспендираше Парламентот и го разреши премиерот Хишем Мешиши еден ден по масовните антивладини протести.

Тунис, земјата што беше посочувана како позитивен пример во Северна Африка во турбулентниот период на револуции од Арапската пролет пред една деценија, од вчера е и без премиер и без парламент како последица на масовните антивладини протести поради ширењето на пандемијата на ковид-19.

Претседателот Каис Сајед со декрет го суспендираше Парламентот и го разреши премиерот Хишем Мешиши еден ден по масовните антивладини протести. Илјадници луѓе во речиси сите градови низ земјата жестоко протестираа против владејачкото исламистичко движење Енахда, обвинувајќи го за лошо управување во периодот на пандемијата, како и за уништување на економијата. Демонстранти ги демолирале и ги запалиле канцелариите на Енахда во градот Тузер, а во многу случаи полицијата употребила солзавец за да ги растера толпите.

Сајед, кој беше избран за претседател како независен кандидат и не припаѓа на партија, се повика на членот 80 од Уставот за итни ситуации при разрешувањето на извршната и на законодавната власт.

Владејачкото исламистичко движење Енахда ова го протолкува како тивок пуч, но граѓаните масовно на улиците ја прославија одлуката на шефот на државата. Атмосферата прилегала на прославата по соборувањето на долгогодишниот диктатор Зин ел Абидин бен Али.

– Пресреќни сме. Доста ни беше од нив. Ова е најсреќниот момент по револуцијата – коментирала Ламија Мафтахи, учесничка на прославата во главниот град.

Аналитичари, сепак, предупредија дека повикувањето на Членот 80, кој на претседателот му дава моќ да презема „вонредни мерки во услови на итна опасност што им се заканува на државните институции“, води во опасност да се концентрира огромна политичка моќ кај претседателот и тоа во неограничена временска рамка. Во вонредниот период без премиер и парламент, на народните избраници не им важи пратеничкиот имунитет.

Веднаш по објавувањето на одлуката, армиски единици се распоредиле околу парламентот и го спречиле спикерот Рашед Гануши од владејачкото движење Енахда да влезе во зградата. Гануши и неколкумина пратеници одржаа „седница“ надвор од објектот и најавија дека парламентот би можел да продолжи да работи преку платформа на интернет.

Во телевизиско обраќање до јавноста, Сајед истакна дека опасноста од избувнување насилства била главната причина за суспендирање на парламентот.

– Ги направивме овие одлуки сè додека социјалниот мир не се врати во Тунис и сè додека не ја спасиме државата. Ги предупредувам сите што помислуваат да посегнат по оружје. Ако некој истрела куршум, воените сили ќе возвратат со куршуми – изјави Сајед.

Претседателот уште од стапувањето на функцијата пред две години е во конфликт со Гануши од движењето Енахда и со премиерот Мешиши, кој е политички независен, но е поддржан од исламистите. Поради политичките битки за назначувања министри и за слични прашања во сенка останаа напорите за борба против пандемијата на ковид-19, кои уште посилно ги исфрлија на површината хроничните социјални и економски проблеми во Тунис.

Сајед повеќепати се закануваше дека ќе ги распушти парламентот и владата за да го разбие „комплексниот политички систем заразен од корупција“.

Повеќе од 18.000 луѓе во Тунис веќе починаа од ковид-19 во Тунис, а пандемијата ја уништи туристичката индустрија, која учествува со 16 отсто во бруто-домашниот производ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот