Искри од скинат кабел запалија трева, изгоре куќа во Соње

Фото: МИА

Пеплосани ѕидови, изгорени греди и искривени лимови е сѐ што остана од семејната куќа на браќата Душко и Васко Николови во населбата Горно Соње крај Скопје. Во пожарот што им ја зафати куќата, за само неколку минути изгоре целата покуќнина и дворот на ова шестчлено семејство. Причина – искричење од каблите на блиската бандера, потпомогната од енормно високите температури и ветерот.

Николови спасиле само жива глава и облеката што ја носеле на себе и не успеале да извадат ништо притиснати од огнената стихија, која, велат, за миг ја свела двокатната куќа на урнатина.

– Имавме среќа во сета несреќа што настанот се случи преку ден, а не додека спиеме. Не сакам ни да помислам на тоа дека можевме да изгинеме сите до еден, вели Билјана Николова, ќерка на Душко.

Облечена во бањарка, бидејќи пред да избувне пожарот се подготвувала да се тушира, таа видно вознемирена раскажува дека прво слушнала пукот и звук на искричење, па почувствувала миризба на изгорена инсталација. Но додека го викнала татко ѝ, каблите на бандерата што биле споени, паѓајќи долу ја запалиле сувата трева.

Сувата вегетација, како и силниот ветар што дувал кон нивната куќа, опкружена со насадени борови, придонесле пожарот молскавично да го опожари целиот двор сосе куќата, а нивниот автомобил со погон на плин експлодирал, зголемувајќи ја огнената стихија.

– Ова не е првпат да имаме и ние и нашите соседи проблеми со застарените и лошо поставени кабли на бандерите. Пред две недели, веднаш до нашиот плац се случи да пукне кабел и да падне на земја, но поради тогашните врнежи не се запали вегетацијата. Ги повикавме луѓето од ЕВН и им укажавме на проблемот, но тие само дојдоа, ги споија каблите и си заминаа, раскажува Васко Николов.

Не е првпат каблите на ЕВН да прават беља

И другите соседи кажуваат за проблемите што ги имаат со застарената и несоодветна електрична инфраструктура за која е надлежна ЕВН. Според кажувањата, истите бандери со истите кабли, како и трафостаницата, се од 80-тите години на минатиот век, само што сега, наместо 20 куќи, опслужуваат повеќе од 200, и тоа само во нивното непосредно соседство.

Викенд-населбата Горно Соње, некогаш оддалечена од истоименото село на падините на Водно, сега е споена со селото, со куќи начичкани една до друга, но електро-инсталацијата останала истата, иако повеќепати поради преоптовареност се случувале пукања на кабли, помали пожари, пад на мрежата, варирање на напонот…

– Голем пожар пред неколку години за малку ќе се случеше во соседната куќа која му припаѓаше на сега покојниот академик Момир Поленаковиќ, вели еден од соседите, кој помагаше со вода за гаснење на преостанатиот жар во куќата на Николови. И неговиот двор претрпе штета.

– Беше истата ситуација и тогаш, само брзата реакција на соседите и поинаквите временски околности тогаш ја спасија таа куќа, заедно со нашите, вели соседот и додава дека ни самиот не знае колкупати низ годиниве тој лично и сите други соседи се јавувале да пријават дефекти и проблеми со напонската мрежа во ЕВН, барајќи да се зајакне и дополнително обезбеди токму поради опасноста од пожари, но залудно.

– Сметките редовно пристигнуваат, но, како што гледате, нивната неодговорност скапо нѐ чини, а можеше да однесе и човечки животи, вели тој.

Апел за помош

Семејството на браќата Душко и Васко Николови изминатата ноќ ја поминаа под ведро небо. Скромниот дом не им бил осигурен и немаат начин да си ја надоместат штетата. Сега велат дека ќе се снаоѓаат со сместување по роднини, но бараат помош за своите седум кучиња, домашни миленици, за кои немаат никаква храна ниту можност некој да се грижи за нив кога тие ќе заминат од својот опожарен дом.

– Ве молиме, помогнете ни привремено да ги сместиме овие кутри животни, топло е, немаме ни вода да им дадеме, а камоли храна, а тие мора да седат во боксовите поради ова што се случи, вели Билјана.

Николови ги молат граѓаните, друштвата за заштита на животни или кој и да е што може, барем на животните некако да им ја скрати маката. На ова семејство сега им е неопходно буквално сѐ – од облека, до покуќнина, храна, градежни материјали, вода, струја, бидејќи веќе ништо не им остана. Утрово ги посети градоначалникот на Општина Сопиште, Стевче Трпковски, и им вети скромна материјална помош, како и помош во работна рака и транспорт на изгорениот шут и покуќнина надвор од плацот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот