Исфрлање отпад на несоодветни локации – секојдневна појава во Скопје

Исфрлањето градежен шут, мебел, стакло и градинарски отпад на несоодветни локации низ јавните површини низ Скопје и во неговата околина е секојдневна појава, која, за жал, траеја подолг период.

Во обид да се известат навремено надлежните институции, но и јавно да се впери прстот кон загадувачите на природата, сѐ почесто на социјалните мрежи може да се забележат граѓани што сликаат или снимаат одредена еколошка катастрофа.

На последното видео што беше споделено на социјалните мрежи, јасно може да се види како натоварен камион нелегално истура смет во Нерези.

На ваквата објава реагираа од „О2 коалиција“, од каде што посочија дека не е прв пат на посочената локација неправилно да се исфрла отпад и тоа во големи количини.

По објавата на ваквиот начин на депонирање отпад, следуваше експресна реакција и од Инспекторатот на Град Скопје, од каде што изјавија дека за ваквото несоодветно однесување, на сторителите ќе им биде изречена максимална глоба за, како што велат од таму, да им служи како поука на идните потенцијални сторители.

Слична објава на социјалните мрежи имаше и пред неколку денови кога граѓани исто така исфрлија полна камионска приколка градежен шут во населбата Трнодол. И таму сторителите на ова дело беа фатени и како што информираат од Инспекторатот на Град Скопје, им била изречена соодветна глоба, а биле задолжени и да го вратат местото во првобитна состојба односно да го исчистат отпадот кој противзаконски го одложиле на посочената локација.

Сепак, исфрлањето отпад на несоодветни локации не е единствениот проблем со кој се соочуваат надлежните институции во последниот период. Речиси секојдневно и тоа на најразлични локации во Скопје и околината се спалуваат диви депонии. Од чадот што се шири поради палењето на пластика, гума но и секаков друг вид отпад, се зголемува загадувањето на воздухот во Скопје, кој веќе неколку години наназад секоја грејна сезона е на неславната врвна листа на петте најзагадени градови во светски рамки.

Последно спалена дива депонија на која мораше да реагираат екипи на Противпожарната бригада на Град Скопје, но и место каде што излегоа инспекторите на Градот, беше депонијата во Визбегово.

За подметнатиот пожар да биде изгаснат, на скопските пожарникари им помагаа и вработените во ЈП „Дрисла“ и на ЈП „Улици и патишта“, кои со градежна механизација помагаа  да се изгасне пожарот од страната на Шутo Оризари.

-Овие пожари се лесни да се запалат, а многу тешки да се угаснат поради потповршинските гасови на депонијата. Тие можат да тлеат со денови и да се појават одново и кога делуваат изгаснато – велат од Инспекторатот на Град Скопје.

Оттаму посочуваат и дека деновиве бележат голем број намерно запалени огнови на отворено на Вардариште и во населбите Маџари и Лисиче.

-Некои од нив беа откриени од нашите инспектори и не беа воопшто пријавени на 193. Ги потсетуваме граѓаните дека најбрзиот начин тие да бидат сузбиени е јавување на 193, а мешаните тимови на Инспекторатот, Противпожарната бригада, полицијата и Црвениот крст, се задолжени за идното нивно превенирање – потсетуваат оттаму.

Скопскиот Градоначалник Петре Шилегов во изјава дадена за медиумите, им се заблагодари на граѓаните за тоа што со своите објави преку социјалните мрежи им помагаат на инспекторите кои се во мал број, за на тој начин полесно да ги лоцираат сторителите на овие дела.

Она што го имам договорено со министерот за правда, а тоа е во текот на измените на Кривичниот законик, делот што се однесува на животната средина од прекршочна зона да премине исклучиво во кривична зона и при такви случаи како што го имавме во Трнодол да завршува со заплена на возилата. Тогаш мислам дека таков вид законска превенција ќе придонесе да немаме појава на такви случаи – истакна Шилегов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот