Исчистени, па оградени неколку диви депонии во Скопје

Дивите депонии низ Скопје во изминатиот период забрзано се чистат, а за да не дојде до повторно натрупување ѓубре на исчистениот простор, дел од нив се заштитуваат со поставување заштитни столпчиња и огради.

На терен работат екипите на ЈП „Улици и патишта“, од каде објаснуваат дека акцијата се спроведува со цел да се се отстранат дивите депонии кои се извор на зарази и воедно влијаат на аерозагадувањето, па затоа, како што тврдат оттаму, со ваквите активности ќе се продолжи и во наредниот период.
Досега се исчистени повеќе диви ѓубришта, како што е депонијата на улицата Марк Твен во Карпош, која е заштитена со ограда за да се спречи пристапот и повторното создавање на депонија. Во општина Кисела Вода исчистени се дивата депонија во населбата Припор и кај „Теферич”, како и депонијата на патот од населба Драчево кон село Батинци.

– Депонијата во насока од село Јурумлери кон Лисиче е исчистена, а се чисти и депонијата под Транспортен Центар на булевар АСНОМ спроти Ист Гејт Мол. Исчистена е и депонијата во општина Бутел на крстосницата со улица Боца Иванова и со улица Александар Урдаревски. Исчистени се и депониите покрај Усјански канал во Горно Лисиче, кај гробишта Бутел на паркингот, на крајот од булевар Илинден кон Карпош и депонијата кај гробишта Камник – велат од ЈП „Улици и патишта“.

Градоначалничката Данела Арсовска уште во предизборната кампања најави дека во првите 82 дена од нејзиниот мандат ќе се исчистат сите диви депонии во Скопје, а од Градот на крајот од декември се пофалија дека веќе се исчистени 120 депонии.

– Уште во првите денови од својот мандат градската администрација почна интензивно да ги чисти сите диви депонии кои беа детектирани на територијата на Град Скопје и досега се исчистени над 120 депонии. На дел од нив се планирани нови зелени површини, а меѓу нив во Ново Лисиче, во Ново Село и на многу други места – информираа од Град Скопје на крајот на минатата година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот