Исчезнатата тинејџерка од Франција пронајдена жива

Француска полиција / Фото: ЕPA-EFE/JEAN-MARC LOOS FRANCE OUT / SHUTTERSTOCK OUT / NO MAGS SALES

Успешно заврши големата потрага по тинејџерка (17) која исчезна додека трчала во северозападна Франција. 17-годишната девојка била пронајдена жива на десет километри од местото каде што трчала, а на полицијата и рекла дека била киднапирана, пишува Би-Би-Си.

Таа била шокирана и веднаш пренесена во болницата.

Француските медиуми јавуваат дека девојката успеала да му побегне на киднаперот. Покрената е истрага за киднапирањето, а едно лице е доведено на распит поради можна поврзаност со случајот, но подоцна тој бил ослободен.

Идентитетот на девојката која исчезна додека трчала не е објавен. Девојката во понеделникот околу 16 часот излегла од својот дом и се упатила кон блиската шума Белебранш, лоцирана во регионот Мајен источно од Рен.

Во потрагата вклучени 200 полицајци

Откако не се вратила дома во вообичаеното време, татко и почнал да ја бара. Три часа подоцна, тој повикал полиција. Додека пешачел по вообичаената тркачка рута на својата ќерка, го пронашол нејзиниот мобилен телефон и часовник со траги од крв на него.

Проучувајќи ги податоците од нејзината апликација за трчање, полициските иследници сфатија дека таа одеднаш престанала да трча во рурална област. Набрзо била започната потрага во која учествувале 200 полицајци, кучиња спасувачи, нуркачи, а бил подигнат и хеликоптер.

Пред да биде пронајдена младата Французинка, локалниот истражител Селин Мењи им изјави на новинарите дека започнала истрага за киднапирањето и дека ниту една опција не е исклучена.

Во средата, Селин Мењи ја информираше јавноста дека во понеделникот вечерта бил уапсен пијан маж поврзан со случајот на исчезнување, но веднаш бил ослободен и не се сметал за осомничен. Тој беше испрашуван за да се разјаснат некои недоследности во неговите првични изјави во полицијата.

Киднаперите непознати

Француските медиуми јавуваат дека девојката не можела да ги идентификува киднаперите ниту да го лоцира местото каде што се обиделе да ја киднапираат.

Телевизијата БФМ објави дека девојчето имало траги од крв на себе кога влегло во ресторан за брза храна во вторникот околу 20 часот.

Сведок кој живее во близина на ресторанот дал изјава за ТВ БФМ. Тој вели дека девојката избегала од автомобилот на киднаперот и влегла во првиот ресторан. Таа побарала помош, а киднаперот побегнал, изјави очевидец.

Истрагата за исчезнувањето на девојчето продолжува. Градоначалникот на Сен Брис, Андре Боасо, се заблагодари на полицијата за нивниот ангажман во пронаоѓањето на девојчето.

„Многу добри вести, се надевам дека брзо ќе закрепне“, рече тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот