Ирина Тошева: Модата е многу повеќе од убави „фустанчиња“

Својот јубилеј 10 години активно творештво и дизајн Ирина Тошева го прослави со многу необична модна ревија, а круна на повеќемесечната работа беше презентацијата на колекцијата „Oya“ на платото пред „Вила Водно“.

Женските носии на Јуруците од Радовишко, како и изворните и оригинални елементи на јуручката култура, беа креативен предизвик за модната дизајнерка Ирина Тошева својот дизајнерски јубилеј да го одбележи со нова колекција, со која на традиционалната облека на Јуруците ѝ дава современ моден контекст.

Од каде се појави идејата за новата модна колекција инспирацијата да ја побараш кај Јуруците во Радовишко?

– Јуруците неколкупати сум ги забележала во Штип и секогаш од далеку сум им се восхитувала на облеката и на деталите. Ми биле интересни, а недоволно познати. Минатиот ноември, кога почнав полека да размислувам за следната колекција, патот ме одведе во Радовиш на акција на „Трибенкс“, каде што садевме дрвја за сите купени облеки од мојот бренд во изминатата година. Беше пазарен ден и ги сретнав во градот. Вечерта кога се вратив дома, почнав да пребарувам на темата и тоа што немаше доволно информации онлајн ми беше само поголем мотив да кажам „ова е следното што ќе го работам“. Така започна целата авантура.

Како се одвиваше комуникацијата со нив, колку време го подготвуваше проектот и што научи од Јуруците?

– Целиот процес беше многу интересен и едукативен. Со оглед на тоа што интернетот не беше од голема помош, одев на „старомоден“ начин. Ги посетив Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, Библиотеката при МАНУ, разговарав со неколку професори од Институтот за етнологија, разгледував слајдови од 60-тите години, читав книги и истражувања од 70-тите, се обратив и на Турскиот културен центар „Јунус Емре“ за дополнителна литература.

Од февруари започнав теренско истражување. Со поддршка на КХО на Турците од источна Македонија неколкупати бев во селата, се запознав и разговарав со месното население, директно учествував во нивните обичаи и начин на живот. Имав можност одблизу да ги погледнам облеките и прекрасните доработки, па дури и да ги пробам на себе.

Моето непознавање на турскиот јазик на почетокот беше пречка, но почитта, културата и уметноста не познаваат јазици, па комуникацијата понатаму се одвиваше непречено. Јуруците се прекрасни и многу топли луѓе, вредни и посветени на работата во својата заедница.

Јуруците се прекрасни и многу топли луѓе, вредни и посветени на работата во својата заедница

Презентацијата на модната колекција се одржа на платото на „Вила Водно“ со присуство на многу гости, соработници и пријатели, како и сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска. Колку е битна поддршката на модните дизајнери од највисокото ниво?

– Кабинетот на претседателот, во рамките на своите заложби за поддршка на работата на младите креативци и претприемачи, го отстапи просторот за одржување на настанот. Поддршката на г-ѓа Ѓоргиевска придонесува за поголема видливост на иновативните пристапи во дизајнот, модата и женското претприемништво, како и нашето културно богатство, културната одржливост и екологијата. Нејзината отворена и искрена соработка со локалните модни дизајнери, промоцијата преку носење македонски модни дизајни на сите значајни настани во земјата и странство, се пример што треба да го следат сите луѓе на значајни функции.

Кои соработници имаат клучна улога во подготовката на новата колекција?

– Соработував со графичкото студио за текстилни дезени „Sun Smith“ од Барселона. Изработивме модерна интерпретација на препознатливите цветови, и покрај дигиталните принтови беа изработени и машински везови, кои рачно ги доработував. Три месеци собирав пластични шишиња од сите блиски и испраќав на Елена Арсовска, која ги сече, рачно ги топи и изработува еко-мониста, со која беа надополнети моделите. Плетените елементи од памучни конци беа повторно изработени од моите драги соработнички Радмила Хасанбеговиќ и Мелек Карахасан. Се потрудив сите карактеристични елементи да ги преведам во современ моден контекст, внимавајќи и на одржливоста, која е основен дел од мојата работа.

За презентација на колекцијата беше изработен моден едиторијал во соработка со модниот фотограф Антонио Станков и модно видео со музика од „Фолтин“. Заштитни лица на кампањата се Кристина Рачиќевиќ, Кристина Филиповска, Кони Маркова и Бојан Петровски. Шминката и фризурата се на Ирена Сенокозлиоска и Ива Петровска, директор на фотографија е Марјан Петковски.

На документарното видео неуморно работевме со Марјан, извозевме многупати до Радовиш и околните села, баравме соодветни локации, го „бркавме“ сонцето во кој дел од денот е најдобро за снимање, додека асистентот снимател Стефан Миливојевиќ на паузите уживаше играјќи одбојка со децата од Аликоч, кои многу ни се радуваа. Во доцните часови во мај и јуни Драган Спасов работеше на монтажата, а Оливер Јосифовски од „Љубојна“ на музиката. На крај, Гога Стојковска графички ни „дотера“ сѐ.

Колекција „Oya“

Презентацијата на колекцијата е мултимедијална, вклучувајќи го документарното видео „Латици“. Дали тоа значи дека модните дизајнери треба да размислуваат многу пошироко од идејата само за креација на нова колекција?

– Документарното видео „Латици“ ги прикажува разговорите на неколку различни генерации од село Аликоч и проф д-р Владимир Јаневски, фолклорист, околу нивната карактеристична и шаренолика облека. Луѓето што не живеат во источна Македонија и околу Дебар и не ги среќаваат Јуруците по улиците и пазарите, најчесто не се запознаени со оваа заедница. Тоа ме понесе да направам и нешто што ќе остане трајно. За неколку месеци ќе има нова модна приказна за раскажување, но ова видео со секое гледање, кога и каде и да биде прикажано, ќе заинтригира и ќе едуцира некого.

Модата е многу повеќе од убави „фустанчиња“. Модата има моќ да осознава, сплотува, едуцира, привлекува. Богатството на нашата земја е што изобилува со разнолики културни традиции. Дијалогот и соработката меѓу нив ни даваат голема вредност.

Наша обврска е да ја одржиме врската со културните традиции, работејќи на иднината со одржлив развој

Какви се понатамошните планови поврзани со колекцијата „OyA“?

– Колекцијата „Oya“ претставува техника на рачна изработка со мониста и конци, која е во исчезнување. Во минатото била и „таен јазик“ на жените, преку кој пренесувале пораки. Еден тип од оваа техника ја работат и јуручките жени за украсување на рабовите на марамите, а ја има и во колекцијата. По успешната презентација на колекцијата сега главниот фокус е продажбата. Во меѓувреме преговараме и каде би можеле да го прикажеме документарното видео во земјата и регионот, со што повеќе луѓе би можеле да се запознаат со оваа шаренолика култура. Наша обврска е да ја одржиме врската со културните традиции, работејќи на иднината со одржлив развој. Само така ќе цутиме сите, заедно.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 135, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3 јули 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот