Ирина Тошева ќе дизајнира облека со средношколците од штипското текстилно училиште

Ирина Тошева
Ирина Тошева / Фото: Фејсбук, Ирина Тошева

В четврток почнува првата работилница за ученици од средното текстилно училиште (СОУ) „Димитар Мирасчиев“ во Штип, а ќе имаат можност да дизајнираат парчиња облека со познатата модна дизајнерка Ирина Тошева.

За таа цел, текстилната компанија „Астибо Бејзик“ донираше опрема и текстилен отпад, кој понатаму ќе се преработува и од него ќе се создаваат уникатни парчиња облека.

„Работилницата ќе започне овој четврток и ќе дојде познатата модна дизајнерка Ирина Тошева, која ќе ни ги даде упатставата како да продлжиме понатаму со проектот. Ќе бидат вклучени ученици од нашето училиште, десетина, со оглед на расположливите машини кои ги имаме во нашата работилница со цел да ги изработиме моделите. Манекенките ќе бидат од гимназијата од Штип“, вели Тања Неткова, професор во СОУ „Димитар Мирасчиев“ – Штип.

Донацијата од приватните компании во Штип се состои од опрема, материјали и репроматеријали кои ќе се користат за образовниот процес на учениците и за поуспешно образование. Според директорката на СОУ „Димитар Мирасчиев”, Марина Варадиновска, интерес кај младите има да се запишат и да создаваат уникатни и модерни парчиња облека.

„Целта на овој проект е самите ученици да го осмислат и остварат својот пат и својата визија кон оваа значителна професија, во однос на текстилното инженерство. Учениците ќе бидат опфатени од трета и четврта година“, вели Варадиновска.

Симона Санева, менаџер на „Астибо Бејзик” вели дека вратите на нивната конфекција се секогаш отворени за младите и ученици. Посочи дека даваат поддршка на текстилното училиште со цел да има квалификуван кадар.

„Целта е младите, нашата идна перспектива да почнат да се насочуваат за занаетчиските профили. Даваме целосна поддршка и неодамна потпишавме и Договор за соработка со Министерството за образование и наука за дуалното образование, преку кое учениците не само што добиваат теоретско знаење, ќе имаат и практична настава кај нас“, вели Санева.

Посочи дека најголем број од граѓаните во Штип се вработени во текстилните компании или според статистичките податоци еден член од семејството во Штип е вработен во овој сектор. Побара и поддршка од Министерството за економија и Агенцијата за поддршка и развој на бизнис секторот да организираа Саем на мода на готови конфекциски производи за фирми со сопствен бренд, како што беше реализиран Саем на виното во Белград.

Настанот е организиран по повод 30 години соработка меѓу државата и УСАИД. Во склоп на ова ќе се организираат низа настани во осум општини во државата меѓу кои и Општина Штип.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот