Иранскиот Парламент покренува обвинение против шефот на државата

фото: EPA/ROLAND SCHLAGER AUSTRIA OUT

Иранскиот Парламент покрена обвинение против претседателот Хасан Рохани, во момент на зајакната борба за моќ меѓу тврдокорните и умерените ирански политичари и реформистите блиски до шефот на државата.

Пратениците го обвинуваат претседателот за игнорирање на законите усвоени од Парламентот.

Новинската агенција Фарс денеска објави дека 190 од присутните 235 пратеници гласале за покренување обвинение против Рохани, без да наведат повеќе детали.

Сепак, постои видлива врска меѓу гласањето во Парламентот и обновените нуклеарни преговори во Виена, кои можат да бараат компромис со главниот ирански непријател, САД.

Набргу по победата на парламентарните избори во февруари 2020 година, тврдокорните и конзервативците извршија притисок врз претседателот да поднесе оставка.

Тие тврдат дека Рохани ја дистанцирал Исламската Република од нејзините идеолошки цели со својата прозападна политика и Виенскиот нуклеарен договор од 2015 година.

Пред претседателските избори во јуни, Рохани ги обвини тврдокорните во Парламентот за жртвување на националните интереси во корист на домашната борба за моќ.

Рохани можеби нема да може да се кандидира повторно по два мандата, но тврдокорните, исто така, сакаат да ги намалат шансите на останатите умерени политички кандидати блиски до него.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот