Иранската одмазда против Израел е прашање на време
Прашањето за почетокот на иранската одмазда против Израел за атентатот на лидерот на Хамас Исмаил Ханије во Техеран е само прашање на време. Така барем тврдат американски извори кои го предупредија Тел Авив да се подготви за такво сценарио.
Иранците тврдат дека нема да ги ескалираат тензиите во регионот на Блискиот Исток, но велат и дека Израел треба да биде казнет за да се спречи натамошна нестабилност. Според портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, Иран се обидува да воспостави стабилност во регионот, но тоа може да се постигне „само со казнување“ на агресорот – Израел и затоа одговорот на Техеран е неизбежен.
Поддршката на САД кон Израел, единствена кочница за одмаздата на Техеран
Портпаролот ги повика САД да престанат да го поддржуваат Израел, наведувајќи дека меѓународната заедница не ја исполнила својата должност за одржување на стабилноста во регионот на Блискиот Исток и дека затоа треба да го поддржи казнувањето на „агресорот“. Командантот на корпусот на иранската револуционерна гарда, Хосеин Салами, вчера ја повтори заканата дека Израел „ќе биде казнет во догледно време“.
Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, им рекол на колегите од земјите членки на Г7 дека Вашингтон верува дека нападот на Иран врз Израел може да започне многу брзо, објави американскиот портал „Аксиос“, повикувајќи се на добро информирани извори. Блинкен разговараше со своите колеги од Г7 поради напорите на САД за деескалација на тензиите во регионот на Блискиот Исток и спречување на избувнување на поширок конфликт.
Со оглед на тоа што САД веруваат дека иранскиот напад врз Израел е неизбежен по убиствата на највисоките функционери од либанската милитантна група Хезболах и палестинската милитантна група Хамас минатата недела, Блинкен им рекол на претставниците на Г7 во телефонски разговор дека притисокот врз Техеран да го ограничи нападот е најдобар начин да се избегне регионална војна.
Израел е подготвен за одбрана
Израел се подготвува за потенцијален повеќедневен напад од Иран и неговиот сојузник, изјави неименуван израелски функционер. Тој изјави за „Ен-би-си њуз“ дека Израел стравува дека „брановите“ од ракети и беспилотни летала може да бидат истрелани во текот на наредните неколку дена како одговор на убиството на Ханије и командантот на Хезболах, Фуад Шукр.
„Ќе се обидат да нè истрошат“, рече функционерот. Тој додаде дека израелските преговарачи биле во Каиро во саботата за да ги продолжат преговорите, но оти си заминале „без да постигнат никаков напредок“.
Израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич изјави дека меѓународната заедница нема да дозволи два милиони Палестинци во Појасот Газа да умрат од глад до смрт, иако, како што наведе, тоа „може да биде оправдано и морално“ додека не се ослободат заложниците кои ги држи Хамас. Смотрич рече дека Израел дозволува испорака на хуманитарна помош во Појасот Газа, бидејќи, како што наведе, „нема избор“ поради фактот што меѓународната заедница не дозволува блокирање на хуманитарната помош за Газа, пишува „Тајмс оф Израел“, пренесе Политика.