Иран му се закани на Израел: Ако се осмелите да одговорите на нашиот напад, ќе следи уште поразорен
Иран го предупреди Израел дека повторно ќе ги нападне доколку одлучат да одговорат на нивниот напад вечерва.
„Доколку ционистичкиот режим се осмели да одговори на нападот, ќе следи уште еден разурнувачки удар“, стои во објавата на мисијата на Иран во Обединетите нации на социјалните мрежи.
Тие напишаа и дека ова е правен, рационален и легитимен одговор на терористичките напади извршени од Израел.
Iran’s legal, rational, and legitimate response to the terrorist acts of the Zionist regime—which involved targeting Iranian nationals and interests and infringing upon the national sovereignty of the Islamic Republic of Iran—has been duly carried out. Should the Zionist regime…
— I.R.IRAN Mission to UN, NY (@Iran_UN) October 1, 2024
„Правниот, рационален и легитимен одговор на Иран на терористичките акти на ционистичкиот режим – кои вклучуваа таргетирање на иранските државјани и интереси и кршење на националниот суверенитет на Исламската Република Иран – е соодветно извршен. Доколку ционистичкиот режим се осмели да одговори или да изврши дополнителни злонамерни акти, ќе следи последователен и поразорен одговор. На регионалните држави и на поддржувачите на ционистите им се препорачува да се разделат со режимот“, пишува во објавата на платформата Х.
Ебрахим Азизи, шеф на Советот за надворешни работи на Иран, го предупреди Израел дека нивниот следен напад, доколку Израел одлучи да одговори, ќе биде уште поразорен.
„Израелските воени центри беа наша цел. Доколку Израел ја повтори грешката, ќе има втор бран напади“, рече тој.
Потсетуваме, медиумите претходно објавија дека врховниот верски лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи наредил напад врз Израел.