ИОК препорача враќање на руските и белоруските спортисти во меѓународните натпреварувања

Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) денеска препорача враќање на руските и белоруските спортисти во меѓународните натпреварувања, под неутрално знаме и „во индивидуално својство“, под услов активно да не ја поддржуваат војната во Украина.
ИОК додаде дека „во соодветно време“ ќе одлучи за нивното можно учество на Олимписките игри во Париз во 2024 година, изјави на прес-конференција претседателот на ИОК, Томас Бах.
Украина, Полска и балтичките земји се закануваат со бојкот на Олимпијадата доколку учествуваат руски и белоруски спортисти. По притисокот да ја разјасни својата позиција, олимпиското тело минатиот декември објави дека „наоѓа начин“ да ги врати назад руските и белоруските спортисти, откако препорача нивно исклучување кон крајот на февруари поради инвазијата на Украина од страна на руската војска, поддржана од соседна Белорусија.
По четиримесечни консултации со целиот олимписки свет, ИОК одлучи да ја препушти примарната одговорност на меѓународните федерации и организаторите на натпреварувањата дали да поканат руски и белоруски спортисти.
Извршната власт предлага да се задржи исклучувањето на сите руски и белоруски тимови и да се ограничи враќањето во натпреварувањата на спортистите „кои имаат руски или белоруски пасош“ сè додека се натпреваруваат „индивидуално“, под неутрално знаме и дека „не ја поддржувале активно војната во Украина“ и не се под договор со руската војска или безбедносните служби.
ИОК денеска „не се осврна“ на прашањето за учеството на Русија и Белорусија на Олимпијадата и покрај заканите за бојкот на некои земји. Kако што вели Бах, Олимписката организација ќе одлучи „во соодветно време и по сопствена дискреција и без оглед на резултатите од квалификациските натпреварувања за Олимиските игри“.