ИНТЕРВЈУ | Васко Ковачевски, директор на ЕСМ: Електричната енергија од јаглен ќе станува сè поскапа

Васко Ковачевски, директор на ЕСМ / фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Со моменталниот план за производство за следниот период, не се планирани набавки на електрична енергија, освен во непредвидени ситуации. Во секој случај, апелираме до граѓаните за одговорно, планско и рационално трошење на електричната енергија во грејната сезона што е пред нас. Струјата засега останува главен ресурс што им е потребен и на домаќинствата и на стопанството, а нејзиното производство и кај нас и во светот станува сè потешко и поскапо, вели Ковачевски.

Цената на електричната енергија минатата година беше на ниско ниво под 60 евра за мегават-час, но годинава скокна на многу високо ниво, во одредени денови таа беше и трипати повисока и се движеше меѓу 170 и 180 евра за мегават-час, па дури и 200 евра. Тоа е многу висока цена што не можат да ја издржат ни фирмите ни компаниите.

Но, ЕСМ 100 проценти го снабдува Универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“ со струја за домаќинства, иако за годинава законската обврска беше снабдување од 70 проценти, како дел од целосната либерализација на пазарот на електрична енергија. Ако ЕСМ не извршеше 100-процентно снабдување, струјата што ја плаќаат домаќинствата ќе беше многу поскапа.

Ова во интервју за „Слободен печат“ го објаснува директот на ЕСМ, Васко Ковачевски. Но, како што забележува тој, преориентацијата на обновливите извори на енергија и затворањето на атомските централи низ светот, ќе предизвикува натамошен раст на цените. Сегашните прогнози на берзата на струја, која ја следиме и ние, е дека наредната година, во просек, цената на електричната енергија ќе биде 113 евра за мегават-час. Но, прогнозите се едно, а реалноста и особено ценовните пикови се нешто друго. Во меѓувреме, нашата држава е во процес на огромен инвестициски циклус за енергетска транзиција.

l Пред нас е големата енергетска транзиција од јагленот кон обновливите извори на енергија. Македонија е пофалена дека е прва земја во регионот што веќе го почна процесот. До каде сме и што досега направивме?

– Како компанија, ние веќе ја почнавме енергетската трансформација – конкретно во РЕК „Осломеј“. На самиот крај е изградбата на нашата сопствена 10-мегаватна фотонапонска електрана, а уште една таква е во постапка за добивање документација. Го потпишавме и големиот проект за сончева електрана од 100MW, која ќе се гради со нашите партнери од Турција и од Бугарија.

Работиме на подготовки за изградба на соларни електрани во РЕК „Битола“. Една со инсталирана моќност од 20 MW, една од 60MW и една од 100MW. Планирана е една од 100MW во близина на нашата хидроелектрана „Тиквеш“ во Кавадарци. Сончева електрана од 350MW ќе градиме во Штип, за тој проект имаме и задолжение од Владата. Фотонапонски електрани ќе градиме и во близина на другите наши производни капацитети, во ХЕС „Маврово“ и другите електрани. Што се однесува до друг извор за обновлива енергија, ветерот, во тој дел во фаза сме на комплетирање на ветерниот парк Богданци со дополнителни три до четири турбини, со кои оваа електрана ќе стигне до максималната инсталирана моќ од 50 MW. Се подготвува и проектот за ветерната електрана во Миравци.

Енергетската транзиција во РЕК Битола ќе се одвива и преку изградба на гасна електрана, која ќе замени два блока што сега работат на јаглен, а таа замена на терен ќе почне да се случува во 2025/26 година

За базна енергија што нема да доаѓа од јаглен, се работи на два големи капитални проекти. Првиот е хидроцентралата „Чебрен“, другиот е нашето учество во изградбата на гасната електрана во Александрополис, Грција. Значи, имаме почнато широк фронт на инвестиции и стратегиски планирања, кои треба да ја донесат енергетската трансформација во Република Северна Македонија во согласност со обврските преземени како земја кандидат и новите законски одредби во ЕУ и во светот, а со кои електричната енергија од јаглен ќе станува сè поскапа.

Васко Ковачевски / фото: Слободен печат/ Драган Митрески

l  Покрај волја, за енергетската транзиција се потребни и пари. Европската Унија, барем од она што можеше да се слушне на Енергетскиот форум во Скопје, е заинтересирана за зелените проекти во енергетиката. Имате ли некоја процена на колку европски пари можеме да сметаме за овој процес и од кои фондови може да се добијат пари?

– Соработката со европските институции е одлична и нивната поддршка е видлива. Со финансирање и грант од ЕБРД ги градиме фотонапонските централи: „Осломеј 1“ (10MW) – 7 милиони евра и „Осломеј 2“ (10 MW) и „Битола 1“ (20 МW) за 18 милиони евра двете. За првпат добивме инвестициски грант преку „Вестерн Балканс инвестмент фрејмворк“ (Western Balkans Investment Framework – WBIF) за овие два проекта од 6,1 милиони евра. Инаку, за овие проекти 20 отсто е учество на нашата компанија.

Во преговори сме со ЕБРД за почеток на проектот „Брод Гнеотино“ со моќност од 100MW. Со германската КФВ банка ги развиваме проектите: ФЦ Битола 2 (60 MW), ФЦ Битола 3 (100 MW) и Ветерна централа Миравци (50 MW).

За изработка на студиите за екологија, физибилност и дизајн, потпишан е договор за грант од 2,4 милиони евра. По изработка на студиите ќе следува договор за финансирање.

Проектот Топлификација Битола го развиваме со поддршка на КФВ банката. Почетокот на работите за Лот1 се очекува до крајот на годината. Проектот Ветерен Парк Богданци 2, е во фаза на избор на изведувач. Станува збор за изградба на 3 ветерни турбини од по 5MW. Вредноста на кредитот е 18 милиони евра, а 20 отсто се учество на ЕСМ. За овој проект имаме добиено фидинг тарифа. Има капитални проекти на фотонапонски и ветерни централи, кои заедно со Владата ги развиваме по пат на стратегиски инвестиции. Во преговори сме со реномирани светски компании, но подетално ќе ве информираме по завршување на преговорите. Имаме и проекти за кои имаме поддршка од ИФЦ (International financial corporation), преговорите се во завршна фаза. Успешната приказна за проектот Фотонапонска централа Осломеј 3, во моќност од 100MW, по пат на јавно приватно партнерство се одвива според планираната динамика. Очекуваме во првите месеци на идната година на биде избран нашиот партнер за хидроцентралата „Чебрен“, најголемата инвестиција со вредност од 600 милиони евра. Помалите фотонапонски централи како: Пискупштина, Леуново и Богданци, ЕСМ ќе ги гради од сопствени средства и со финансиска конструкција со домашните банки.

Васко Ковачевски / фото: Слободен печат/ Драган Митрески

l  Кога очекувате да заврши зелената енергетска транзиција и дали струјата од обновливите извори на енергија е поскапа или поевтина од онаа што се добива од јагленот?

– Според Енергетската стратегија до 2040 година, предвидено е во следните 10 години да се затворат сите капацитети што произведуваат електрична енергија од јаглен и тие да се заменат со обновливи извори на енергија, имајќи ја предвид тука и социјалната компонента, односно вработените итн. Што се однесува до цената, електричната енергија од обновливи извори во моментов е поскапа, но со карбон кредитите, односно плаќањето данок на CO2 за електричната енергија произведена во термоцентрала, цената ќе се изедначи.

l  Што во меѓувреме? Во каква состојба е нашиот најголем енергетски капацитет РЕК „Битола“?

– РЕК „Битола“ е најголемиот и најважен енергетски капацитет, 70 отсто од целата домашна струја се произведува таму. Термоелектраната редовно се одржува, се прават капитални ремонти на блоковите, континуирано се санира сè што е потребно за да тече производството оптимално. Се набави значајна количина механизација, која треба да даде ефект во деценијата пред нас и да го направи ископот на јаглен поевтин. Се соочуваме со тешкотии при ископите на јаглен, при откривките на наоѓалиштата, имавме и елементарни непогоди двапати минатата година, во најтешките услови на ковид-19, кога и човечките ресурси беа на удар итн. Но, максимално вложуваме напори и максимално се работи на терен, особено што полека веќе влегуваме во грејната сезона.

l Каква е состојбата со хидроенергијата со оглед на долгото и сушно лето?

– Така е, хидрологијата е неповолна и оваа година, така што во моментов не може да се произведува електрична енергија од вода во оптимални количини или количини предвидени со годишниот план за производство. Во очекување сме на есенските месеци кога по правило би требало да има врнежи што се добредојдени за акумулациите.

l Како заклучок од претходните две прашања – очекувате ли мирна зима во однос на енергетското снабдување?

– Со менаџирање на производниот процес од сите капацитети и со комбиниран систем на производство (термоелектрани, хидроелектрани, гасна електрана и ветерна електрана) се вложуваат напори и се постигнува да се обезбеди во целост потребата од електрична енергија на ЕВН Хоум. Со домашната електрична енергија обезбедуваме заштита на потрошувачите од ценовен шок. Во овој момент цените на електричната енергија на регионалните берзи се за трипати зголемени, и од 56 евра за MWh пред неколку месеци, сега цените се движат меѓу 140 и 160 евра за MWh.

Во овој момент, со моменталниот план за производство за следниот период, не се планирани набавки на електрична енергија, освен во непредвидени ситуации. Во секој случај, апелираме до граѓаните за одговорно, планско и рационално трошење на електричната енергија во грејната сезона која е пред нас. Струјата засега останува главен ресурс што им е потребен и на домаќинствата и на стопанството, а нејзиното производство и кај нас и во светот станува сè потешко и поскапо.

Карбон кредитите, пресметковно, учествувале 18 отсто во цената на струјата

АД ЕСМ самоиницијативно почна да си пресметува цена на јаглерод како подготовка до задолжителното законодавство. Ја известивме Енергетската заедница во Виена дека ќе почнеме со внатрешно пресметување на ,,цена на јаглерод“, како подготовка на компанијата до воведувањето на задолжителното законодавство кое, усогласено со европските и со светските енергетски и климатски трендови, ќе наметне повисоки цени за електричната енергија произведена од јаглен.

За интерните потреби на компанијата, цената на електричната енергија произведена од термоелектраните ќе биде земена предвид со дополнително пресметана цена на јаглерод, која ќе покаже како ќе изгледа реалната производна цена на струјата од јаглен во иднина кога ќе биде воведено плаќање на т.н. карбон кредити по тон емитуван CO2 во атмосферата од страна на производителите.

Во овој период сме во фаза на усогласување на методологијата за ваквите пресметки, во соработка со  Енергетската заедница. Последниот извештај на Енергетската заедница од Виена испратен на почетокот на годинава до членките наведува дека карбон кредитите ќе учествуваат во цената на струјата со 18 проценти. Но, тоа беше во период кога цената на јаглеродот за тон изнесуваше 32 евра. Во моментов таа е покачена на 64 евра по тон CO2.

Овде исто така треба да се напомене дека има и различни цени на електрична енергија. Производна цена, продажна цена за тарифни потрошувачи, стопанство, мали и големи потрошувачи итн., така што не може да се даде една заедничка цена. Во секој случај, цената на јаглеродот што ќе се плаќа, дефинитивно ќе ја изедначи електричната енергија од термоелектраните со таа од обновливите извори.

„Карбон кредитите“ ќе треба да почнеме да ги плаќаме од 2023 година. Во моментов се водат преговори, но не верувам дека ќе има одложување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот