Интервју со Зорица Велковска од „Блинк 42-21“: Иднината на европскиот филм лежи во блиската соработка меѓу индустријата и публиката
Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“ и Mакедонската мрежа на кина ја организираа првата средба во рамките на проектот „Европски филмски предизвик“, а настанот обедини професионалци од домашната филмска индустрија, кино прикажувачите и претставници на филмските фестивали.
Проектот „Европски филмски предизвик“ е алатка за развој на нова публика со цел промоција на европскиот филм меѓу љубителите на киното, а кај нас го спроведува Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“. Зорица Велковска е соосновач на Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“ каде повеќе од 14 години заедно со мал, но исклучително мотивиран и посветен тим, развиваат иновативни решенија за социјалните предизвици со кои се соочуваме.
Таа е неуморен оптимист, технолошки ентузијаст, визионер за иновации кои водат кон напредок, просперитет и среќа во заедницата и постојан протагонист дека на Македонија ѝ требаат успешни приказни! Една од тие приказни е реализацијата на проектот „Европски филмски предизвик“.
Во рамките на проектот „Европски филмски предизвик“ одржавте индустриски настан за развој на нова филмска публика. По кој повод и со каква цел се одржа настанот?
– Настанот „Industry Cooperation – THINK AUDIENCE“ се одржа во рамките на проектот „Европски филмски предизвик“ (Еuropean Film Challenge – EFC), кој ја обединува индустријата и публиката од 13 европски земји во една Паневропска заедница која го слави и промовира европскиот филм.
Во блиска соработка со релативно младата иницијатива за Македонска мрежа на кина, настанот ги обедини професионалците од филмската индустрија, кино прикажувачите и филмските фестивали на отворена дискусија за размена на искуства и развој на иновативни пристапи за задржување на публиката и привлекување нова, пред сѐ, млада публика. Индустријата глобално се соочува со овие предизвици, а особено европската кинематографија, која се „бори“ да допре до интересите и потребите на младата публика во ерата на дигитална доминација на стриминг платформите, како и до европските филмови, кои често се засенети од холивудските остварувања.
На настанот, покрај дискусијата за случувањата, потребите и можностите во нашата земја, учесниците имаа можност да погледнат неколку иновативни пристапи и успешни приказни, како што се воведувањето на програми за кино-писменост, создавањето на интерактивни настани што ја вклучуваат младата публика, развојот на програма согласно потребите на различната публика, атрактивна и забавна интеракција преку социјалните медиуми итн., кои ги сподели претставничката на „Кинодвор“ од Љубљана, Сара Хоржен.
Од наша перспектива, настанот „Industry Cooperation – THINK AUDIENCE“ беше повеќе од платформа за дискусија, туку и простор за соработка, зацврстување на мрежите и размена на искуства за подобро разбирање на интересите и потребите на новата генерација филмска публика. Ова е повик за заедничко делување, со јасна цел да ја направиме европската кинематографија подостапна, попривлечна и попрепознатлива.
Ваквите иницијативи покажуваат колку е важна меѓусекторската соработка, потврдувајќи дека иднината на европскиот филм лежи во блиската соработка меѓу индустријата и публиката, нагласувајќи ја важноста на адаптацијата кон современите трендови за вклучување на публиката. Преку проектот „Европски филмски предизвик“ со гордост можеме да кажеме дека претставниците од филмската индустрија во Северна Македонија се активни чинители и дел од овој процес на културна трансформација на европско ниво.
Од каде доаѓа идејата за проектот „Европски филмски предизвик“ и како „Блинк 42-21“ се вклучи во неговата реализација?
– Идејата зад European Film Challlenge (EFC) започнува од 2016 година со едноставна цел – да ја мотивира младата публика да го открие богатството и различноста на европската кинематографија. Преку иновативна алатка – мотивирачки предизвик за публиката, EFC низ годините прерасна во платформа достапна во 13 европски земји за промоција на националните филмски остварувања, прикажување на талентите, поврзување на филмските фестивали, покренување на свеста за гледање на европскиот филм на легалните платформи и развој на нова публика.
Во 2019 година нашата организација стана дел од конзорциумот кој го спроведува проектот во рамките на програмата „Креативна Европа“ на Европската комисија. Оттогаш „Европски филмски предизвик“ е достапен и за нашата публика и низ годините развива и поврзува мала, но значителна заедница на љубители на европскиот филм и независното „инди“ кино, која активно го користи просторот за забава, откривање, препорачување и споделување на најдобрите европски остварувања.
Какви резултати досега постигнавте во проектот?
– Во изминативе шест години, филмските предизвици за македонската публика им овозможија на многумина (победници) да поминат незаборавни филмски доживувања чекорејќи на црвениот килим и од првите редови во кино салите на големите европски фестивали. Следејќи ја едноставноста за победа во предизвикот „гледај 10 европски филмови за 10 недели и освои најмногу поени на твојот профил на платформата“ проектот е веќе препознатлив поддржувач на нашите филмски фестивали, кина и ВОД платформи, промотор на филмските остварувања и креативен простор за љубителите на европскиот филм, филмските работници и ентузијасти.
Дополнително податоците ја покажуваат големината на оваа Паневропска заедница, која обединува преку 100.000 регистрирани корисници на платформата, преку 4.000 внесени европски филмови и преку 9.000 играчи во секој предизвик. Воедно, реализацијата на проектот во 13 земји во Европа преку различни медиумски канали допира до повеќе од 100-милионска публика.
Од наша перспектива, сметаме дека проектот е од исклучително значење во поддршката на земјите со помали филмски индустрии, обезбедувајќи промоција на нивните национални продукции, дозволувајќи нивните филмски остварување да допрат до публиката на пошироката европска сцена. За нас, како организација што го спроведува проектот „Европски филмски предизвик“, ни претставува задоволство и особена гордост кога ќе видиме дека во списокот на 10 филма на победниците во Шпанија, Италија, Германија, Словенија, Латвија итн. се наоѓаат филмови од наша продукција. Пресреќни сме кога „Врба“, „Сестри“, „Медена земја“, „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, „Домаќинство за почетници“, „Патување пеш“ и ред други филмови на некој млад филмофил во Европа му ја донеле победата во предизвикот.
Со кои филмски фестивали соработувате во реализацијата на предизвикот?
– Европскиот филмски предизвик е започнат како инцијатива со трите најголеми фестивали во Берлин, Кан и Венеција, земајќи ја предвид атрактивноста на овие фестивали како мотивација за публиката да учествува во предизвикот и да освои незаборавно патување на истите. И покрај воспоставената соработка, искрено нема секој победник исто искуство на фестивалите. Без разлика што имаат обезбедена акредитација, платено сместување и пат, искуството како гледач зависи и од ангажираноста на победникот да погледне што повеќе филмови, да учествува на пропратни настани и забави.
Големината на фестивалите не секогаш значи и најголемо и најдобро доживување за публиката. Земајќи ги предвид искуствата од нашите победници, можам слободно да кажам дека „Блинк 42-21“ беше иницијатор на ниво на конзорциум да го евалуираме искуството на фестивалите и да ја прошириме соработката. Па така, од 2023 година ја инициравме и ја воспоставивме соработка со Сараевскиот филмски фестивал и фестивалот во Сан Себастијан, кои во две години се покажаа како одлични домаќини и многу „попријателски настроени“ за публиката, благодарение на достапноста на содржините, пристапноста до локациите и подеднакво атрактивниот црвен килим со филмски ѕвезди.
Од друга страна, за нас, како организација, од исклучителна важност ни е соработката со нашите фестивали и уште од 2019 година соработуваме и ги поддржуваме програмите на „Синедејс“ (CinEdays), „Бич филм фестивал“ (Beach Film Festival) во Охрид и „МакеДокс“ во Скопје. Дополнително заеднички креираме и пропратни содржини за публиката, екстра поени во предизвикот за филмовите на фестивалите, како и организираме настани „Film&Friends“ на кои публиката се забавува со музика од познати европски филмови.
На настанот беа присутни претставници на Македонската мрежа на кина. Каква соработка имате со киноприкажувачите кај нас?
– Мора да споменам дека покрај со фестивалите, уште од почетоците на проектот „Европски филмски предизвик“ активно соработуваме и ги промовираме репертоарите на Кинотека, 3Д Кино Битола и „Киноверзум“. Постојано креираме содржини за промоција на европските филмови кои ги прикажуваат, доделуваме билети преку кампањи на социјалните медиуми, и имаме постојано правило во секој предизвик за +6 поени за европски филм гледан на овие локации.
Македонската мрежа на кина е млада инцијатива, која во 2024 година е формирана во организација посветена на обединување на кината во Северна Македонија и со мисија да ги застапува заедничките интереси, да го промовира развојот на кино прикажувањето и да ја подобрува филмската култура на национално ниво.
Природно дојде соработка за настанот „Industry Cooperation – THINK AUDIENCE“ каде што се истакна важноста на заедничките напори во промоцијата на европската кинематографија и иновативните пристапи во привлекувањето на нова публика во киносалите. Од настанот се развија многу идеи за соработка помеѓу „Блинк 42-21“ и Македонската мрежа на кина не само во рамки на „Европски филмски предизвик“, туку и за нови заеднички проекти кои ќе ја отворат и регионалната или европската перспектива.
Кој е профилот на Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“ и какви проекти се дел од Вашите активности?
– Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“, основан во 2011 година во Скопје, претставува платформа која ги поврзува луѓето посветени на идејата дека социјалните иновации водат до економска, образовна, културна и социјална трансформација преку паметна употреба на луѓето, податоците и технологијата.
Во изминатите 14 години работиме на развивање и примена на иновативни решенија, примарно дигитални решенија, за подобрување на јавниот сектор, иновации за подобро образование и алатки за интерактивно учество во културата. Една од клучните мисии на организацијата е да ја подобри пристапноста до културата и да овозможи вклученост во културата за секого преку користење на новите технологии и иновации.
Во портфолиото на „Блинк 42-21“ има неколку пионерските проекти кои имаат влијание во земјата, Балканот и во Европа, како што се: првата VR апликација „Гладијаторите се враќаат во Стоби“ за најголемиот археолошки локалитет Стоби; мобилната апликација „Immersium“, која овозможува интерактивни водени истражувања, едукација и забава на три археолошки локалитети – Стоби во Северна Македонија, Виминациум во Србија и Емона во Словенија и моделот за „Имерзивно раскажување приказни за поттикнување соработка и ширење на културното наследство на Западен Балкан“ развиен за партнерски организации во пет земји – Северна Македонија, Србија, Словенија, Грција и Бугарија.
Од ноември 2024 година за првпат сме водечки партнер на голем проект, „Talking Heads – Conversation with the Art from the past“, поддржан од програмата „Креативна Европа“. Во следните три години заедно со истакнати партнери од Грција, Словенија, Латвија, Грузија и Украина, покрај активностите за зајакнување на капацитетите на културниот и креативниот сектор, ќе развиеме дигитална платформа која користи вештачка интелигенција, големи модели за учење и дата бази за разговор во прво лице со портретите и скулптурите во музеите и локациите низ градовите.
Како организација континуирано создаваме партнерства за да ја поттикнеме соработката меѓу културниот и креативниот сектор, за да изградиме нови платформи за ширење на културата и за да примениме новопојавени и напредни технологии во создавање наративи и искуства насочени кон корисниците, кои допираат до луѓето и надвор од физичките простори.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 258, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30.11.-01.12.2024)