Интервју со Жикица Тасевски: Прво да се обезбедат услови, во Македонија ЃП сме гладни за фудбал

– Секоја донесена одлука во однос на фудбалот ќе ја почитувам – вели тренерот на популарните „лавови“ од Ѓорче Петров.

Поради пандемијата на коронавирус, скоро три месеци е во прекин фудбалската сезона во Македонија. Фудбалската федерација на последниот состанок со претставниците на клубовите од Првата лига предложи три можни сценарија за завршување на сезоната.

Екипите ќе треба да се изјаснат за едно од трите понудени сценарија, а одлуката за првенството од Прва МФЛ ќе ја донесе ФФМ. Веќе полека се рестартираат другите национални првенства ширум Европа со почитување на здравствените проколи, а будно и внимателно ја следат ситуацијата и од редовите на Македонија Ѓорче Петров.

Како што и веќе е објавено, фудбалерите, стручниот штаб и сите луѓе кои што работат во ФК Македонија ЃП се негативни на тестот.

Веб порталот на „Слободен печат“ направи ексклузивно интервју со актуелниот тренер на Македонија ЃП, Жикица Тасевски.

– Како го поминувате периодот, со оглед на тоа што скоро три месеци во прекин е фудбалската сезона во Македонија…

– Периодов на глобалната Корона пандемија во почетокот тешко го прифатив со оглед на тоа што по природа сум човек кој поголемиот дел од денот го поминував надвор од дома на отворено и во секојдневна комуникација со голем број на луѓе. Впрочем и фудбалот ме има така моделирано. Меѓутоа, како изминуваше времето полека се адаптирав и ги почитувам сите препораки. Јас сум вработен на Факултетот за Физичко образование, спорт и здравје во Скопје, па дел од времето го поминувам држејќи онлајн настава со студентите.

Бевте назначен како шеф на стручниот штаб на Македонија ЃП, екипа која до прекинот на шампионатот се наоѓаше на шестото место во генералниот пласман.

Воедно клубот се придржува до препораките, да се остане дома, да се заштитиме сите и на тој начин и тие помогнат да се спречи ширењето на Ковид-19 и да се врати што поскоро фудбалот, спортот воопшто…

– Во овој период на играчите им дадовме насоки за работа индивидуално и трипати неделно имаа онлајн тренинг. Први од спортските клубови во Македонија, направивме Корона тестирање и за среќа сите бевме негативни. Голема е желбата кај сите да се вратат на своите работни места на фудбалскиот терен, но постои и мала доза на страв.

Која опција е најреална што се предложени од Фудбалската федерација на Македонија за можното продолжување на натпреварувачката сезона 2019/2020 во Првата лига?

– Во однос на понудените сценарија за доигрување на сезоната, тоа што јас го знам како фидбек од фудбалерите е тоа дека се веќе гладни за тренинзи и фудбал. Нема некој кој што би можел со сигурност и аргументирано да тврди кое сценарио е најдобро, само времето ќе покаже. Во овој момент е најважно е да се создадат услови во кои ќе можеме безбедно да тренираме и на прво место биде здравјето на сите, доколку надлежните проценат дека има услови за тие натпревари да се организираат.

Верувате ли дека наскоро ќе се врати стариот добар фудбал и воедно со поддршката од трибините се комплетира целосната слика?

– Враќањето во тренажен и натпреварувачки ритам ќе биде комплексно со оглед на големата пауза. Би апелирал во Македонија што побрзо да се создадат инфраструктурни услови и терени за натпревари со рефлектори. На тој начин ќе има услови и за играње во текот на летото. Јас сум професионален фудбалски тренер и мојата работа е надвор на фудбалскиот терен. Секоја донесена одлука во однос на фудбалот ќе ја почитувам, оптимист сум и се надевам дека повторно со публика на трибините ќе се вратиме на фудбалските терени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот