Интервју со Владимир Мартиновски: Творењето е постојан процес, со многу видливи и невидливи етапи

Поетот, прозаист, есеист и професор на катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, Владимир Мартиновски, максимално го изрази својот креативен потенцијал во 2020 година, која место како пречка ја доживеа како предизвик.

Уште на почетокот на годината, која глобално ќе ја препознаваме по пандемијата на коронавирусот ковид-19, поетот и професор Владимир Мартиновски покажа дека нема намера да се предаде и веќе во карантинскиот период секојдневно објавуваше сонети на својот Фејсбук-профил.

Креативноста, очигледно, го држеше во текот на целата година, бидејќи покрај книга со сонети, објави уште неколку други дела, негови песни станаа дел од поетски антологии, а доби и значајни книжевни награди. Неговиот пример покажува дека тешките времиња може да дадат голема инспирација за уметниците, иако неговото творештво директно не е поврзано со пандемијата.

Крајот на 2020 година го пречекавте со четири Ваши песни во поетската антологија „Европа во песни“ на мрежата „Версополис“. Како лично ја примивте веста и што за македонските поети и поезија значи појавувањето во проекти што вклучуваат песни од 60 поети од 25 европски земји?

– Веста ме израдува многу поради неколку причини. Во матичната средина секогаш постои доза на резерва дека и вонкнижевните фактори можеле да влијаат во тоа дали некои творби се застапени во некоја антологија, но кога арбитражата доаѓа од некој кој ги читал вашите песни, но не ве познава лично, тогаш радоста е непоматена. За мене секое претставување на македонската книжевност во меѓународни антологии е одлична вест. Имајќи предвид дека антологијата е приредена од угледниот оксфордски професор и писател Патрик Мекгинис, како и дека станува збор за престижно издание во кое се најдоа песни на значајни имиња на европската поетска сцена, честа е секако огромна. Би го искористил овој наш разговор за да им се заблагодарам јавно на препејувачите на песните Милан Дамјаноски и Калина Јанева.

Општо земено, се радувам што периодов имав среќа да учествувам во неколку проекти поврзани со претставувањето на македонската литература во странство. Преку размената што ја воспоставивме меѓу списанието „Културен живот“ и реномирани книжевни списанија во странство, неодамна се случија македонско-српска размена во сферата на микрофикцијата, македонско-хрватско реципрочно претставување на млади поети, во тек е македонско-индиска поетска размена. Исто така, во зародиш е соработка околу македонско-израелска заедничка поетска публикација. Приредена од Петер Распор, деновиве се објави и словенечко-македонска поетска антологија, во која се обединуваат песни на поети кои се членови во Ротари.

Се радувам и што учествував во уредувањето на најновиот број на Ревијата на Македонскиот ПЕН, во која на англиски јазик се објавија најнови дела од реномирани македонски поети, прозаисти, есеисти и книжевни критичари. При крајов на годинава излезе од печат и тријазичната антологија (на македонски, грчки и англиски јазик) „Да сум на твое место“, преку која Живко Грозданоски направи пресек на кусите форми во нашата современа книжевност. Исто така, во избор на Никола Маџиров, австриските читатели преку списанието „Литература и критика“ неодамна добија одличен преглед на нашата книжевна сцена… Набројувајќи ги овие неодамнешни и тековни проекти, уверен сум дека македонската книжевност и уметност има што да му понуди на светот.

Светот годинава страдаше од пандемијата на ковид-19, но се чини за Вас годината на творечки план помина исклучително креативно. Колку Ваши книги беа објавени годинава?

– Творештвото е непредвидливо, а некогаш и тешките околности можат да бидат дополнителен поттик. Иако зад нас е тегобна, необична, неизвесна година, творештвото и читањето ми беа еден вид секојдневни прибежишта. Последниве неколку месеци ми излегоа од печат четири нови книги: стихозбирката „101 сонет од една чудна пролет“, во издание на „Кликер“, поетската книга за деца „Шах со Бах“, илустрирана од страна на Зоран Кардула, а во издание на „Чудна шума“, книгата компаративни студии и есеи „Далеку, а блиску – македонско-јапонски книжевни врски“, во издание на „Три“, како и изборот на песни и хаибуни „Преобразби“, приреден и преведен од страна на Роман Кисјов, а објавен во издание на „Ерго“. Покрај објавените книги, интензивно работев и на два други ракописи, кои можеби ќе излезат од печат во текот на 2021 година.

На почетокот на годината во карантинскиот период секојдневно објавувавте сонети на Фејсбук, а потоа се појави збирката „101 сонет од една чудна пролет“. Тогаш изјавивте дека „седењето дома“ сте го прифатиле како дел од креативниот процес. Тој процес трае ли уште?

– Творештвото е постојан процес, со многу видливи и невидливи етапи, со многу внатрешни меандрирања. Блиска ми е Борхесовата идеја дека книжевното творење треба да тече како вода, како огромна река, а не како некоја машина која мора да се придвижува на сила. Верувам во посветеност на уметноста, но свесен сум дека ни стих не може да се напише на сила. Некогаш додека се работи на еден ракопис, се насетуваат и никулци на некои потенцијални, идни дела. А патот од идеја од реализација може да биде молскавично брз, но и прилично трновит. И по книгата „101 сонет од една чудна пролет“ во неколку наврати продолжив да пишувам сонети, од кои постепено се оформува нов поетски ракопис, со работен наслов „Жив(отн)и песни“.

Верувам во посветеност на уметноста, но свесен сум дека ни стих не може да се напише насила (Фотографија: Филип Кондовски)

Една од Вашите книги што ја одбележаа оваа година е наградуваната „Шах со Бах“ во издание на „Чудна шума“. Според Вас, колку е битно книгите за деца да бидат соодветно напишани и врвно дизајнирани?

– Не попусто велат дека нема втора шанса за добар прв впечаток. Првите контакти со книгата кај децата ги поставуваат првите репери, критериуми и темели за идната читателска љубопитност. Затоа сите аспекти во книгите за деца се еднакво битни: и книжевната вредност и естетските дострели и односот меѓу текстот и илустрациите и дизајнот, а дури и квалитетот на хартијата и кориците. Книгите мора да се беспрекорни за да го заслужат и задржат вниманието на денешните „нови клинци“ опколени со екрани. А сè влијае врз вкупниот впечаток и кај децата и кај родителите, кои се секако значаен фактор во градењето на читателската култура. Книгите за деца се паметат цел живот. Еден од најубавите културни настани во изминатава година за мене беше изложбата на илустрациите на Димитар Кондовски во „Мала станица“. Средбата со илустрациите од нашето детство беше еден вид патување со временска машина.

Еден од најубавите културни настани изминатава година беше изложбата на илустрациите на Димитар Кондовски во „Мала станица“

Како професор на Филолошкиот факултет, би можеле ли да го определите местото на литературата за деца во македонскиот книжевно-издавачки систем?

– Повеќе од очигледно е раздвижувањето на сцената на литературата за деца, која мене лично многу ме радува. Покрај реномираните автори од позрелите генерации, во последниве години значаен број автор(к)и од средната и од помладата генерација (Билјана Црвенковска, Ника Гавровска, Ване Костуранов, Владимир Лукаш, Ана Голејшка-Џикова, Николина Андова-Шопова, Калина Малеска, Румена Бужаровска, Елизабета Баковска и други) објавија впечатливи дела за деца и млади, а се појави и една нова генерација одлични илустратор(к)и. Неколку фестивали беа посветени на литературата за деца и млади (Литера, Друга приказна). Особено ме радува што, речиси, сите позначајни (и големи и помали) издавачки куќи нудат мошне квалитетни (и домашни и преводни) изданија за помладите читатели. Секако, како и во други домени од книжевната продукција, би било добро да има повеќе критички одгласи за објавените дела.

Повеќе одгласи недостигаат во медиумите, но покрај поезија и кратка проза, пишувате есеи и рецензии на книжевни дела и сте чест учесник на промоциите на македонските автори. Предавате „Компаративни поетики“ и во таа смисла како една поетска творба од локално добива глобално значење?

– Еднаш создадени, поетските и уметничките дела се мостови меѓу луѓето од различни времиња и простори. Не може дело кое не функционира на локалната културна и уметничка сцена веднаш да го освои и светот. Не случајно нашиот Конески вели дека поезијата е порив кој за смисла не прашува. Книжевни и уметнички дела што немале никакви претензии за вечност и универзалност, денес ги читаме како репери за цели книжевни епохи. Има огромен број фактори што можат да влијаат врз перцепцијата на значењето на едно уметничко дело, но сакам да верувам дека најбитниот е, сепак, естетскиот дострел: нешто што ги допира читателите отаде сите граници.

Еднаш создадени, поетските и уметничките дела се мостови меѓу луѓето од различни времиња и простори (Фотографија: Павел Мартиновски)

Имајќи предвид дека често настапувате со ВИС „Тркалезна маса“. Колку поетската промоција сѐ почесто добива мултимедијален карактер?

– Не случајно зборот лирика е поврзан со инструментот лира. Поезијата од своите зачетоци е поврзана, пред сè, со музиката, но и со другите уметности. И во овие пандемиски околности, со ВИС „Тркалезна маса“ годинава имавме неколку мултимедијални настапи во кои изведувавме музика во симбиоза со поезија за деца. Проектот „Звуци и песни од чудната шума“, со кој настапивме на Скопско и Велешко лето беше еден вид смел експеримент – како да се долови поезијата за деца на мултимедијален начин, кој би бил еднакво атрактивен и за возрасна публика, а по одличните реакции тоа ни беше еден вид увертира и за омажот посветен на поезијата за деца (култната „Црни и жолти“) на Славко Јаневски. Извонреден предизвик ни беше како да се „преведат“ во музика фантазмагоричните визии и хуморот од поетските слики на Јаневски.

Следната 2021 година ќе биде посветена на великанот на македонската литература Блаже Конески. Можно ли е отсега да се откријат дел од плановите на кој начин ќе бидат одбележани 100 години од раѓањето на Конески на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“?

– Стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески е извонредна можност да се чествува и да се истакне неговиот исклучителен влог во македонската култура, јазик и литература. Ако Французите знаат да кажат дека XVIII век e „век на Волтер“, мислам дека ние слободно може да кажеме дека ХХ век за македонската култура е век на Блаже Конески. Филолошкиот факултет, кој го носи неговото име, веќе подготвува низа активности и публикации во рамките на Годината на Конески, меѓу кои стожерно место зазема меѓународниот научен собир посветен на научниот, книжевниот и преведувачкиот опус на Блаже Конески, кој ќе биде организиран во соработка со уште неколку реномирани научни институции.

Книгите за деца се паметат цел живот – наградуваната „Шах со Бах“ во издание на „Чудна шума“ и со илустрации на Зоран Кардула

Во текот на 2020 година ги добивте наградите „Антев златник“ во Скопје и „Лирата на Орфеј“ во Пловдив, Бугарија. Каква посакувате да биде 2021 година?

– Наградите радуваат, но и обврзуваат. Особено кога се поврзуваат со имиња од рангот на митскиот Орфеј и на еден од доајените на современата македонска поезија – Анте Поповски. За Новата година на сите, пред сè, им посакувам добро здравје, а пандемијата да заврши што е можно порано. Се надевам дека наскоро ќе се врати непосредната комуникација, прегратките, наставата во живо, научните симпозиуми, концертите, претставите, промоциите, фестивалите, дружењата, а и многу други мали и големи работи што ни го облагородуваат животот.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 63, во новогодишниот број на печатеното издание на „Слободен печат“ на 31 декември 2020 – 3 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот