ИНТЕРВЈУ со Владимир Ангелов: Кинотеката е чувар на визуелното минато на нацијата

Со Владимир Ангелов, директор на Кинотеката, разговаравме за многубројните проекти што се реализирани минатата година, а тој најавува уште повеќе проекти за оваа година

Неколку години наназад Кинотеката е национална установа што прва почнува со годишната програма веќе од 8 јануари и континуитетот го одржува речиси до 31 декември. Годинава проекции во кинотечното кино имаше уште од 2 јануари. Бројот на проектите што се реализираат во Кинотеката на годишно ниво е толку голем што не е можно да се наредат во еден новинарски текст. Покрај стручната дејност на собирање, реставрирање и чување на филмското материјално богатство, Кинотеката реализира и многубројни филмски ревии, промоции, изложби, а го одбележува и Светскиот ден на аудиовизуелното наследство, востановен од УНЕСКО. Традиционално, секоја година Кинотеката ја доделува наградата „Златен објектив“ – Награда за исклучителен придонес во македонската кинематографија.

Владимир Ангелов е директор на Кинотеката во последниве две години, а таму е вработен од 1995 година. Раководи со стручна, професионално посветена и ентузијастички расположена екипа. Добро е запознаен со секоја пора на установата, а ја знае, речиси, секоја „флека“ на филмските ленти. Пред разговорот нè прошета низ просториите на Кинотеката и нè симна во депоата, каде што се чуваат филмските и дигиталните копии на македонското филмско богатство. Дел од копиите што се чуваат во депото се прикажуваат и на филмското платно, но богатството на Кинотеката го чинат и филмовите што стигнуваат од сите страни на светот.

Колку богатата програма е плод на ентузијазмот на екипата што работи во Кинотеката, а колку на потребата за прикажување филмски остварувања во кинотечното кино?

– Годинава Кинотеката програмата ја заврши на 30 декември 2019, а 2020 година ја започна на 2 јануари. Сето тоа благодарение на одличните македонски филмови. Завршивме и почнавме со „Врба“ и продолжуваме со „Медена земја“. Работевме и на Бадник, кога немаше многу посетители, но моравме да им дадеме шанса на оние што сакаа тогаш да го изгледаат филмот на раат, без турканици за билети. Секако, богатата програма во киното е резултат на ентузијазмот. Без тоа нема ништо. Никој не нѐ тера да прикажуваме толку обемна и квалитетна програма, но тоа го сметам за мисија на Кинотеката. Тоа е принцип на работење што нѐ приближува до кинотеките во светот кои имаат големо влијание во општествата. Без филмска програма, Кинотеката би била депо. И сме биле. Кинотеката е комплексна установа и е дел од еден филмски комплекс. Без Кинотека, без „Македокс“, без „Браќа Манаки“… немаше да ги има овие филмови „што нè ставија назад на мапата на светот“ (Роџер Еберт).

Покрај проекциите на „Врба“ од Милчо Манчевски и во рамките на детското „Кино утро“, годината ја почнавте и со проекции на филмот „Медена земја“, кој веќе има две номинации за Оскар. Како од позиција на филмолог гледате на историскиот успех на овој документарец?

– Филмолозите немаат монопол на коментирање и анализа на филмот и филмската уметност. Филмот го гледаме со истите очи како и сите други гледачи. Го црпиме истото значење и ги примаме истите пораки, но сум гледал повеќе македонски филмови и само влечам паралели со нив. На пример, во „Медена земја“ ми беа интересни шлемовите на кошниците за пчели, што другите гледачи може и не го забележале, или пеливаните или делови од ликовниот израз на филмот. Останатото го доживувам како секој гледач.

Кога Буњуел го прашале што сака да каже со неговиот филм, чинам беше за „Ангел на уништувањето“, тој во негов стил изјавил дека ќе почека критичарите да го кажат тоа. Не додавам значење и го делам истото воодушевување и (блага) еуфорија како и секој Македонец или човек врз кого овој филм оставил впечаток. Верувам дека има многумина такви. И тоа е најголемиот успех и вредност на овој филм. Топлината што допира до сите што го гледаат. Сепак, да не заборавиме дека лани го имавме и „Петрунија…“, кој исто така постигна историски успех, а претходно и „Исцелител“ направи „дар-мар“, особено со наградите што на фестивалите ги доделува публиката.

Од позиција на директор, со колкаво и какво филмско богатство располага Кинотеката?

– Ги имаме, речиси, сите филмови што се снимени во Македонија од страна на домашните филмски продукции. Од филмовите на браќата Манаки до „Медена земја“. Самото тоа значи дека имаме огромно богатство. Кинотеките, односно филмските архиви насекаде во светот се атрибути на државноста, на сувереноста на една држава. Во нив се чува визуелното минато на нацијата. Сепак, ни преостанува уште работа во насока да ги прибереме филмските материјали што се снимени во нашата земја од странски продуценти. Имаме сознание за таквите материјали и денеска со дигиталната технологија можноста за нивно прибирање е олеснето. Сепак, има проблеми што некогаш се од административна природа. Мора да кажам дека ги надминуваме и набргу ќе продолжиме со прибирање на овие филмови, а секако и со нивно прикажување.

Кинотеките, односно филмските архиви насекаде во светот се атрибути на државноста, на сувереноста на една држава (Фотографија: Арбнора Мемети)

Веќе неколку години го реализирате проектот за реставрација и дигитализација на филмскиот опус на доајените на македонскиот филм. Веќе го објавивте целокупниот опус на браќата Манаки, но и на режисерите Столе Попов, Љубиша Георгиевски, Бранко Гапо и Кирил Ценевски. Која е целта на проектот и што во иднина се подготвува во овој правец?

– Зачувување на филмовите и полесна презентација. Филмовите, односно филмската лента е органска материја (нејзин составен дел е желатинска маса) и како таква е подложна на зарази. Една од најопасните болести, покрај физичките оштетувања, се вика „винегар синдром“. Од друга страна, копирањето (филмот за разлика од другите уметности и после копирање во вистински формат повторно е оригинал) е најдобрата заштита, а дигитализацијата овозможува лесно копирање на разни медиуми. Затоа светски тренд е насушната дигитализација и ние држиме чекор.

Лани започнавме поинаков принцип во дигитализацијата. Наместо за автори, решивме приоритет да дадеме на филмови што имаат повисок степен на загрозеност и така беа селектирани филмови од фондот на кратки и среднометражни играни филмови. Излезе дека филмовите од поскора дата се позагрозени затоа што имаме помалку копии, немаме негативи и од нив не се правеле заштитни филмски копии, како што е тоа направено со документарните филмови од 1947 до 1963 година. Годинава треба да го завршиме проектот на реставрација на овие дваесетина краткометражни играни филмови, а се надевам дека ќе ја завршиме и реставрацијата на првиот македонски игран филм „Фросина“.

На крајот од 2019 година одбележавте 25 години од премиерата на „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, кој на Кинотеката ги отстапи филмските копии од сите негови филмови. Што точно добивте на чување во кинотечниот филмски трезор?

– Од Милчо добивме одлични 35 мм копии од неговите филмови снимени на филмска лента – онаа лента што при движење со 24 сликички во секунда создава илузија на движење. Добивме и дигитална копија од „Бикини Мун“. Од Горан Трајковски ги добивме лентите од музиката за „Пред дождот“, како и финалниот микс на музиката. Секоја копија од филмовите на Милчо ни е исклучително важна затоа што тие филмови се барани за прикажување по светот. Иако од филмовите на Милчо имаме дигитални копии, има кинотеки и фестивали што преферираат филмски копии. А, секако, копиите се важни и поради веќе спомнатиот принцип – колку повеќе копии, толку е иднината на филмот побезбедна.

Депо на Кинотеката (Фотографија: Арбнора Мемети)

По дефиниција Кинотеката е установа што собира, заштитува и обработува, но и презентира, промовира и прикажува материјали од филмската дејност. Во какви услови работи Кинотеката денес (откако е сместена во библиотеката „Другарче“)?

– Во овие простории Кинотеката најде решение на прашањето со просторот. Иако Кинотеката ги шири активностите, сега-засега сме безбедни од таа страна. Во овој објект имаме депоа за македонската продукција на филмска лента и депо за дигитални филмови, депо за пишувана граѓа, магнетни ленти, стручна библиотека, киносала, но и галериски простор. Имаме услови за уште една, мала и повеќенаменска (кино)сала со 30-ина седишта, библиотека што ќе биде поотворена и поблиска до корисниците, како и за катче за дружење на посетителите – кафетерија. Се надевам дека наскоро ќе направиме исчекор во насока да го обезбедиме ова. Во септември направивме и, би рекол, успешна проба за отворено кино и мислам дека годинава ќе одиме посериозно со тој проект.

Што се случува со Хавзипашините конаци? Дали и колку од кинотечните материјали се чуваат таму?

– Во Хавзипашините конаци се чуваат странските материјали и мора да признаам дека состојбата е далеку од добра. За некои состојби се известени надлежните институции, како Управата за заштита на културно наследство и Конзерваторскиот центар – Скопје. Се надевам дека ќе се изнајде решение за овој проблем. Во Кинотеката има голем мегдан за работа.

Кинотеката е издавач на специјализираното периодично списание за историјата, теоријата и културата на филмот „Кинопис“. Има ли можност место еден двоброј годишно да се создадат услови за почесто излегување на списанието?

– Секако дека размислуваме за зголемување на издавачката дејност. Не само за „Кинопис“. Затоа лани Кинотеката по повеќе години објави и книга од жанрот филмолошка литература. Во последно време, поради обврските, ги прелистував старите броеви не само на „Кинопис“, туку и на неговиот претходник „Кинотечниот месечник“. Од оваа перспектива, временска, општествена и културолошка, убеден сум дека овие две изданија претставуваат национално богатство.

На крајот на декември, со помош на Агенцијата за филм, го објавивме „Кинопис 55-56“, во кој одбележуваме 30 години од објавувањето на првиот број. За жал, интересот за киното и филмот не е правопропорционален со интересот за филмската литература. Можеби тука има и наша вина и ќе треба и ние да се менуваме. Мора да наоѓаме проактивни начини да допреме до публиката. Како дел од зголемувањето на издавачката дејност започнавме веб-страница Кинотека.мк, на која покрај актуелностите може да се прочитаат и теоретски содржини. Во секој случај, продолжуваме со мисијата.

Во 2019 година беа одржани 584 проекции, прикажани 614 наслови (кратки и долгометражни филмови), а вкупната посетеност е 20.486 посетители (Фотографија: Арбнора Мемети)

Покрај соработката со повеќе домашни филмски фестивали и странски амбасади со организирање филмски ревии, што оваа година во однос на кинотечната програма ќе биде во фокус?

– Три години по ред постигнуваме рекордна посетеност. Во 2019 година беа одржани 584 проекции, прикажани 614 наслови (кратки и долгометражни филмови), а вкупната посетеност е 20.486 посетители. Што значи 3.000 повеќе од лани, десетина илјади од прелани. Беа организирани циклуси посветени на автори, национални кинематографии и фестивали. Би ги споменал Хрватските детски филмови; Недела на австралиски филм; Месец на класичен и современ руски филм; омажи на Горан Стефановски, Љубиша Георгиевски, Љупка Џундева; Сокуров, Бруно Ганц; Кирил Ценевски; Рајко Грлиќ, Јохан Мелин, Гордан Михиќ, Стефан Сидовски Сидо, Кшиштов Кјешловски, Милчо Манчевски; недела на ирански филм, современ мексикански филм, бразилски филм; денови на Лен филм, на јапонски филм, на шпански филм; Фокус на режисерите Буњуел, Саура и Берланга; Месец на европски филм; Француски кино-клуб; Филм по избор на Гете-институт; Филозофски филмски фестивал; Детски фестивал „Буф“; 25 години „Пред дождот“; Италијански филм; Вечери на женски права; Скопје филм фестивал… Го спомнав летното кино, а издадовме и ново ДВД-издание со 5 (пет) дигитално реставрирани македонски филмови (Три Ани, Татко, Хај-Фај, Жед, Македонски дел од пеколот) – очекувајте промоција; музикологот проф. Александар Трајковски за книгата „Музиката во македонскиот игран филм“ во издание на Кинотеката ја доби наградата „13 Ноември“. Со помош на Агенцијата на филм ја објавивме монографијата „40 ИФФК Браќа Манаки“ и ќе следува промоција… Секако, ја интензивираме издавачката дејност.

Годинава продолжуваме во исто темпо, она што е извесно е презентација на Словенечкиот филмски архив со филмови на Франце Штиглиц и ревијата Фински филм. На презентацијата на Југословенската кинотека и Фестивалот на иранско-македонски филм очекуваме и повеќе гости… Традиционалните циклуси остануваат, ќе ги збогатиме со нови. Бараме и нови канали за добивање филмови. Лично ме интересираат романскиот нов бран, како и турската кинематографија, на пример, Јилмаз Ѓунеј, по што би продолжиле со други турски филмови што последниве години ја издигнаа таа кинематографија во ранг на најдобрите во светот. И, исто така, ќе гледам да се стави акцент на немите филмови, кои ѝ недостигаат на Кинотеката. Дел сме од мрежата „Јуропиан синемас“ и европскиот филм е традиционално во фокус. А годинава е 100-годишнината од раѓањето на маестро Федерико Фелини.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ бр. 14, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 18/19 јануари 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот