ИНТЕРВЈУ СО ВИНКА САЗДОВА: „Вилино“ е повик за освестување, за слобода

Писателката Винка Саздова има специфично место во македонската книжевност, бидејќи со своите пет романи успеа да создаде свој круг на верна читателска публика. Кругот уште повеќе го прошири со својот најнов роман „Вилино“.

Романите на Винка Саздова секогаш предизвикуваат посебно внимание кај читателите. Низата што Саздова ја започна во 2009 година со романот „Последниот чај“ и ја продолжи со „Полиња со диви нарциси“ (2011), „Понекогаш доаѓа среќа“ (2013), „Луна“ (2015), оваа година доби нова книжевна алка со романот „Вилино“ (издавачки центар „Три“, 2019). Интересот на читателите го покажува фактот што нејзините романи имале повеќе од 35 изданија, а само „Последниот чај“ имал 14 изданија и преведен е на српски, на хрватски и на бугарски јазик.

Деновиве го промовиравте своето најново дело „Вилино“ – модернистички психолошки роман, според Венко Андоновски. Колку време се таложеше приказната за романот до моментот на неговата финална книжевна појава?

– Секое дело си има свој ритам на создавање, свое време кога се откинува од авторот и започнува свој живот, независен, далеку од оној што го создал, што бдеел над него со месеци, години. „Вилино“ го работев безмалу четири години, ако воопшто толку едноставно може да се смета времето на создавање. Зашто и пред да почнам да ја плетам приказната за Вилино, којзнае колку време таа тлеела во мене. Она што го имам во свеста е дека досега на ниту една книга не сум работела толку долго. Всушност, долги беа паузите меѓу две навраќања на „Вилино“. И секогаш кога ќе му се вратев, не го препознавав, а и тоа не ме препознаваше мене. Тоа е како да сте разговарале со некого и среде неговата недоискажана реченица сте станале од масата и сте си заминале. И по шест месеци одново се среќавате и го прашувате: И? Што ми раскажуваше?

Секојдневно се менуваме. Нашиот однос кон себе, кон другите, кон сè што правиме е инаков. Затоа и „Вилино“ се менуваше. И мојот однос кон ликовите. Сè дури во еден миг не сетив дека е време да ставам точка. И да си речам: Толку од мене овојпат. Знаете, јас сум многу попустлива кон другите, ама кон себе сум строга, понекојпат и претерано. Сакам да извлечам сè од себе, а и да отфрлам од напишаното сè што е непотребно. Да нема збор отповеќе, камоли реченица. Секој збор да ѝ служи на приказната. Да не биде декор, ами суштина.

Винка Саздова и Венко Андоновски на промоцијата на романот „Вилино“

Станува збор за жестока психолошка драма во семеен триаголник – татко, мајка и син. Со каква идеја го напишавте „Вилино“?

– Еден лик во „Вилино“ вели дека уметноста не треба да се занимава со големи теми, ами со мали, навидум секојдневни приказни на обичниот човек. Големите приказни се во малите мигови, додава тој.

Мене, како автор, а и како човек, ме интересира што се случува внатре, во секој од нас. Однадвор навидум среќни, задоволни, приспособени… а внатре бури и неприфаќање. Тричленото семејство во „Вилино“ гледано отстрана е навидум исто како и останатите. А може е и исто како и многу други, којзнае? Потонато во болка, во меѓусебни повредувања и премолчувања. Љубовта престанува во оној миг кога ќе се премолчи вистината, вели, всушност, помислува во еден миг еден лик во книгата. Токму тоа ми беше целта, или идејата, како што велите. Преку личните судбини на мајката, таткото и синот да проговорам за тоа каде сè можат да нè одведат премолчувањата. Какви демони во нас можат да разбудат, во какви бездни можат да нè фрлат. Во нељубов. Во измешани улоги во кои не се знае кој е жртвата, а кој тиранинот. А може и секој да е и едното и другото, во истовреме.

„Вилино“ е повик за освестување, за слобода. Така јас го доживувам. И порачувам: Самите се заробуваме, самите се ослободуваме. Или, како што вели Руми, чија мисла е мото на „Вилино“: Зошто седиш во зандана кога вратата е ширум отворена?

Навистина, зошто честопати седиме во темница, а надвор е сонце? Сè што треба да сториме е да бидеме искрени кон себе (и кон другиот) и да се осмелиме, да исчекориме од сопствената зандана. Надвор можеби виорат ветришта, ама се дише. Птици летаат по синото небо.

Клуч во приказната е љубовта во бракот. Што е бракот – зандана или слобода?

– Ех, кога би можело толку едноставно да се најде одговорот. Сè е прашање на избор. Она на што инсистирам во „Вилино“, се разбира суптилно, преку судбината на моите јунаци, е дека бракот, и воопшто секоја заедница, треба да биде проникната со слобода. Пред љубовта е слободата. Или: нема љубов без слобода. Меѓутоа, има и доброволни ропства. Ако некој милува да биде заробен, ако ужива во сопственото ропство, тогаш не постои проблем. Тоа секој психијатар ќе ви го каже. Проблемот настанува тогаш кога еден од учесниците во тоа сојузништво ќе се побуни, ќе сака да ги смени правилата на игра. Се разбира, бракот како институција, самиот по себе наметнува правила што треба да се почитуваат. Наивно е да се мисли дека зад секој брак стои љубовта. На нејзино место честопати е стравот, несигурноста и којзнае што уште не. Во такви случаи тој се доживува како безбедно место, како тврдина на која светот (тој, застрашувачкиот) ништо не ѝ може.

Бракот, во суштина, треба да биде хармонично сојузништво на свесни, будни луѓе, кои бдеат врз себе и другиот. Кои ги прифаќаат промените. Живеат и зборуваат вистина. Имаат високи цели. Ја развиваат љубовта. Создаваат среќно потомство. Преку „Вилино“ се борам токму за тоа. За слободен, љубовен избор.

Во еден друг свет живее Вили, уште еден лик во романот, која живее во фиктивното идилично место Вилино. Која е Вили?

– Вили е антипод на несреќното семејство од градот. Таа е сè што не се тие. Едноставна жена што има цврста врска со себе и со светот во кој живее. Која му се радува на мигот и ги прифаќа промените. Болките ги престорува во радост. Таа е учител на љубовта, верувајќи дека сè што еднаш го допрело срцето, останува засекогаш да живее во него. Тоа и преку себе го докажува.

Вили е најживиот лик во книгата. Таа е носител на идејата дека вредноста на животот е во малите нешта, навидум обични, а толку драгоцени. Преку неа ја пренесувам и пораката дека природата е нашиот вистински дом. Дека не смееме да се оддалечиме од неа. Губејќи го контактот со неа, ја губиме и радоста на сопственото постоење. Замираме.

Вили е и единствениот лик во книгата што е инспириран од конкретен лик во реалноста. Живее во едно мало гратче, и многу е слична на мојата Вили: раскикотена и жизнерадосна. Згора на тоа, прави и најубави белгиски вафли во светот. Исто како мојата Вили.

Во секој свој роман се барате себеси. Што откривте? Како го чувствувате сопствениот духовен раст?

– Како рудар сум што без престан копа во себе. Во приказните што ги наоѓам, и понекојпат ги преточувам во книга, го вткајувам најважното што сум го спознала, научила. Во секој од нас длабоко е всадена потребата за споделување. А јас се чувствувам привилегирана што тоа можам да го правам преку моите приказни.

Никој од нас не е тука случајно. Нашето постоење има длабока смисла. Тука сме за да растеме, а ако паѓаме, бргу да стануваме. Сопствените промени ги забележувам преку поедноставување на животот. Ме интересираат само тивки, мали мигови. Или, како што вели еден јунак од „Вилино“: Треба светот да се исчисти од сета џева, од сè што е пренагласено, за да се допре суштината. Суштината? Што е тоа? Вистина, убавина, љубов? Зборови што се претесни за своето значење. Се обидувам да ја допрам суштината. Со љубов. Ете, така некако.

И Вашата најнова книга изобилува со духовни вредности од ризницата на мудрости од источната филозофија, но и со лични спознанија. Како ја толкувате мислата „Самотијата не се мери со присуството на другите, туку со отсуството на себе“?

– Ова е време на меѓусвет. Живееме безмалу во зона на самракот. Распнати меѓу реалниот и виртуелниот свет. ИТ-технологијата завладува со нашите срца и умови. Порој од информации, комуникации без лични познанства. Безброј пријатели на социјалните мрежи, а во домот осамени. Далеку од оние што се во другата соба, далеку и од себе. Тоа е најстрашното што може да му се случи на човека. Да го изгуби контактот со себе. Да престане да го слуша внатрешниот глас. Да заборави и кој бил, и кој сака да биде. Лагите да му станат вистина. Во таа пустелија не виреат цвеќиња, ами само трње.

Само оној што умее да биде вистински сам, умее да биде и со другите. И сегде ти е убаво, ако ти е убаво со себе. Тоа се учи. Ниту еден дар не доаѓа сам, не паѓа тукутака од небо. Треба ревност. Страст. Посветеност. Малодушноста е џелат на душата.

Во Вашата професионална работа прво бевте новинар, потоа ја основавте и бевте уредник на издавачката куќа „Три“, а сега сте писател. Вертикалата околу која се нанижани сите Ваши професии е зборот. Колкава е моќта на зборот да ги менува нештата во нашиот свет?

– Зборот е алатка што ни е дадена за да го артикулираме сопственото постоење. Да се поврземе со светот. А зад зборот стои вербата. Мислам дека не постои писател што во еден миг не рекол, или барем не помислил: Зошто пишувам? Чуму толку многу непроспиени ноќи? Кому му се потребни моите писанија?

Одговорот стига макар од еден единствен читател. Тој, вистинскиот. Оној што ќе го осветлат прочитаните зборови, и кој таа светлина ќе ја прошири потаму. Всушност, не го осветлуваат зборовите, туку енергијата, чувствата што стојат зад нив. Вистината. Препознавањето.

Секој од нас треба да го дава најдоброто од себе. Така мислам. Така верувам. Така се обидувам и да живеам. Секој човек треба да биде капка бистра вода во океанот наречен Свет. Тоа е најмалку што можеме да бидеме, да сториме.

За десет години објавивте пет романи. Зошто се одлучивте да се изразувате само со овој, според многумина, најкомплексен книжевен жанр?

– Романот за мене е широко поле што ми пружа голема слобода за изразување. Ми дава простор за раскрилување. Сите мои романи (барем досега) се слоевити. Во секој од нив има најмалку две паралелни приказни што се допираат и испреплетуваат, проникнување на минатото во сегашноста, на јавето и сонот. Има приспомнувања, навраќања во други времиња и простори, а понекојпат има и поезија. И ниту еден од нив не е праволиниски, ами наликува на делта, на разгранета река пред устие што се влева во големата вода, во сржта на приказната. Честопати не постои само еден главен лик, туку има повеќе. Во „Вилино“ има дури четири лика што се еднакво главни. Секој со својата приказна, секој со својата судбина. И со точки на допирање меѓу нив. Преку секој од нив се обидувам (а дали успевам во тоа, читателот ќе каже) да осветлам различни аспекти на човековата личност. Да ја прикажам сложеноста на неговата психа, а во истовреме едноставноста на неговата душа. Затоа што јас верувам дека сите, длабоко во себе, сме исти. Сакаме исти нешта. Се стремиме кон исти нешта. Кон чиста радост на постоењето. Прашањето е: Зошто толку тешко стигнуваме до тоа? Ете, затоа романот ми е омилен жанр. Можам да барам и да наоѓам одговори.

Издавачката куќа им ја препуштивте на синовите за да се посветите на пишувањето, но какви чувства се појавија при неодамнешната прослава на 20-годишниот јубилеј на „Три“?

– Како што наближуваше јубилејот така бев сè порадосна, сè повозбудена. Станав свесна колку многу луѓе, колку многу приказни се вткаени во „Три“. И тоа толку многу ме допре. Духовните отци, кога те фалат, умеат да кажат: Нека не ти биде на гордост, ама… Нека не ми биде на гордост, ама јас сум навистина среќна што „Три“ не само што опстоја, ама стана еден од водечките македонски издавачи. Стотици автори, илјадници книги, милиони отпечатени изданија. Врвни домашни и странски писатели, расни преведувачи, одлични дизајни и комуникација со читателската публика. За тоа се најзаслужни моите тројца синови, Александар, Бојан и Љубомир, кои веќе цели десет години восхитувачки добро го водат „Три“. Благодарејќи им ним, јас можев да се посветам на пишувањето. Ми дарија слобода, за што сум им бескрајно благодарна. Посакувам тие да го доживеат тоа што јас го доживеав, го доживувам: нивните деца да бидат подобри од нив. Да растат повисоко, да се разгрануваат пошироко. Да ги поместуваат границите. Благослов што го посакувам секому.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ бр. 11, во викенд-бројот на „Слободен печат“ на 28/29 декември 2019)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот