Интервју со Викторија Варадинова: И Македонија има добри борци, до успех со труд, дисциплина..! (ВИДЕО)

– Условите во кикбокс клубот „Шампион“ се најдобри за тренинзи во Македонија и пошироко – се зборовите на Варадинова.

Веб изданието на „Слободен печат“ направи интервју со Викторија Варадинова, неколку кратен државен шампион во кик бокс.

Воедно третопласирана од Европското првенство во Скопје, како и „бронзена“ на Светскиот шампионат во Италија.

Во овие неизвесни моменти поради пандемијата, поради која спортистите воглавно се во карантин и секој на свој начин во домашни услови ја одржуваат некако формата, така и нашата натпреварувачка за која исто така сега, но и за во иднина, здравјето е на прво место.

И натаму не е познато кога би продолжила сезоната, но нејзината желба еден ден да се најде и на врвот на европско и светско првенство.

Кога започна љубовта спрема кикбоксот и што беше причината да се одлучите за спортот?

– Па вака, љубовта спрема овој спорт и боречките спортови се појавија пред седум и пол години. Започнав со 11 години да тренирам. А причината и ден денес не можам да ја издвојам и да кажам да, тоа е точна причина. Започнав рекреативно, без план за да редам успеси или да влезам во тие води.

Сте дел од кикбокс клубот „Шампион“, колку сте задоволни од условите, кои се вашите тренери и што најмногу ве исполнува на тренинзите?

– Да, тренирам и се натпреварувам за кикбокс клубот „Шампион”. Тренинзите се одржуваат во центарот за бодибилдинг фитнес и боречки спортови „Магнус”. Со право и со задоволство можам да кажам дека условите се најдобри за тренинзи во Македонија и пошироко. Тренер е Дејан Митровски-Урко, кој несебично се труди и посветува на тренинзите и натпреварувачите. Во тој клуб сите сме како една фамилија која се подржува и помага во што и да било.

На Европскиот куп „Карловац опен 2020“ го освоивте сребрениот медал, кажете ни нешто околу тој настан, колку беше силна конкуренцијата?

– На овој натпревар сум учествувала повеќе пати и сум направила добар резултат. Сепак, овој натпревар е еден од подобрите со појака конкуренција на Балканот. Оваа година освоив сребрен медал во категорија К1-постар јуниор до 60кг. Во полуфинална борба требаше да се борам со натпреварувач од Хрватска, но не се појави во рингот. А во финална борба се борев со натпреварувач од Романија каде што изгубив поради моја грешка и добив минусирање на поени. Но, јас сум задоволна премногу како и моите тренери, бидејки се претставив со добра борба.

Кои се вашите најголеми досегашни успеси на домашната и меѓународната сцена?

– Најголеми успеси на домашна сцена се неколку кратен државен првак. А од меѓународната сцена ги издвојувам 3-то место на Европско првенство кое се одржа во Скопје и 3-то место на Светско Првенство кое се одржа во Италија, како и освојувач на повеќе Европски купови и меѓународни купови.

Со оглед на ситуацијата, воглавно спортистите се наоѓаат во карантин, домашна изолација, како вие ја одржувате физичката подготвеност?

– Oваа ситуација за секој спортист, па и за мене е многу голем удар.. Но, здравјето е пред сè. Јас пред сè се обидувам со трчање и вежбање дома да ја одржувам формата колку можам..

Која е вашата најголема поддршка, дали имате можеби идол кој ве инспирира, или можеби некоја изрека?

– Најголема подршка секако ми е мојата мајка, потоа следат тренерот и клубот.

Колку според вас се вреднува кик боксот во нашата земја, има ли разлика во однос на останатите земји?

– Доста почна да се развива овој спорт во нашата земја и оди во нагорна линија. Секако не можеме да се мериме со поголемите земји, но можеме цврсто да и се спротиставиме во рингот и да и покажеме дека и од мала земја како нашата излегуваат добри борци.

Што треба да го краси еден спортист, што е пресудно за помладите генерации да можат исто така да веруваат во еден добар резултат?

– Па видете секој спортист мора да си има зацртано цел и пат по кој ќе оди за да стигне до таа цел и да ја оствари. Само труд, дисциплина и цврст карактер се патот до успехот.

Освен со кик бокс, дали се занимавате и со други спортови?

– Покрај кикбоксот, вежбам и во фитнес/теретана.

Неизвесно е кога ќе продолжи сезоната, кои се вашите желби кои што сакате да ги остварите во блиска или далечна иднина?

– Хмм. Тешко прашање. Но, желба ми е да освојам светско и европско првенство, па за понатаму ќе видиме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот