Интервју со Виктор Илиески: Сакаме да бидеме во чекор со другите европски и светски оркестри

Веќе две години со филхармонијата раководи Виктор Илиески. Прво една година беше вршител на должност, а потоа и официјално беше назначен за директор на НУ Филхармонија на Република Северна Македонија. Покрај одличните концерти пред домашната публика, на почетокот од месецот филхармонијата гостуваше во Израел, а оттаму и поводот со Виктор Илиески да разговараме за успешната турнеја, но и за квалитативниот раст на најзначајниот оркестар во државата.

Со какви искуства и впечатоци се вративте од турнејата во Израел?

-Чувството да се претставува државата надвор од нашите граници е најблагородно и највозвишено. Да се свири македонската химна на почетокот на концертите беше чест за нас како уметници. Носиме одлични впечатоци од оваа историска турнеја во Израел, каде реализиравме три концерти: во Ерусалим, Од Хашарон и Ришон Ле Цион. Она што најмногу ме исполни мене, секако и музичарите во оркестарот, е фактот што во двете исклучителни сали во кои настапивме имаше по 1000 посетители, а повеќе од 2500 присустуваа на концертот на отворено во Од Хашарон. Успеавме на најдобар начин да ја претставиме нашата култура и уметност во светата земја.

Како во попрактична смисла изгледа една турнеја на филхармонијата? Сепак, станува збор за голем оркестар, многу инструменти… колку време треба да се подготви едно такво патување?

-Процесот на организирање турнеја за осумдесетчлена делегација е долгорочен, комплексен и специфичен. Прво се договараа концертните сали во кои требаше да настапиме, па следуваше фаза на потпишување договори со концертните сали и условите за одржување на концертите. Потоа работевме на програмата со која нашата институција се претстави во договор со диригентот Јерухам Шаровски, кој ги водеше трите концерти во Израел. Составен дел од организацијата беше и процесот на резервација на авионски билети, хотели, гаранции и осигурувања за инструментите кои се носеа со целата делагација и на крајот го договаравме начинот на рекламирање на нашите концерти со промоторите. Процесот е вистина комплексен, но бенефитот е голем и за институцијата, а пред сѐ за државата и афирмацијата на нашата култура во светот.

На почетокот на годината бевте и во Кина, каде одржавте 7 концерти во 7 градови. Значи ли тоа дека филхармонијата планира почесто да настапува надвор од државата?

-Член сум на оркестарот од 2000 година и нема да бидам субјективен ако кажам дека ваква динамика на патувања и меѓународни гостувања немало никогаш досега. Со моето доаѓање, еден од приоритетите ми беше да се реализираат што поголем број на меѓународни гостувања и турнеи на оркестарот. Ми претставува чест што овие две години реализиравме четири турнеи. Бевме во Казахстан, Шпанија, Кина и Израел. Сметам дека меѓународните претставувања се многу важни и за растот и развојот на оркестарот, ни помагаат да се мапираме на светската музичка сцена и да станеме видливи и препознатливи надвор од рамките на нашата земја.

За македонската публика имавте фантастично и моќно отворање на новата сезона со првиот концерт на Бетовен и „Така зборуваше Заратустра“ на Рихард Штраус. Со кој концепт ја креирате програмата за домашната публика?

-Кога ја правиме програмата важно ни е да бидат опфатени сите стилови и естетики во класичната музика. Приоритет ни се делата коишто не биле изведени на нашата програма, важно ни е да настапат солисти и диригенти кои во моментов се актуелни на светската музичка сцена. Сакаме на публиката да ѝ понудиме квалитетна програма, тоа ни е најважно. Отворањето на сезоната со антологиското дело „Така зборуваше Заратустра“ од Рихард Штраус беше дел од циклусот кој го започнавме пред неколку години со намера да го изведеме неговото комплексно симфониско творештво. Досега ги отсвиревме „Тил Ојленшпигел“, „Кавалер со роза“, „Дон Жуан“… Планираме да реализираме и други вакви циклуси во кои ќе бидат вклучени важни дела од композитори кои имаат централно место во светската историја на музиката.

Филхармонијата е една од ретките национални институции која неколку месеци однапред ја објавува годишната програма за целата сезона. Кои се предностите, а кои недостатоците на овој, во суштина професионален, концепт на планирање на програмата, но тешко и ретко изводлив кај нас?

-Овој концепт е практика веќе подолг период. Сакаме да бидеме во чекор со другите европски и светски оркестри, кои целосната годишна програма ја објавуваат неколку месеци пред почетокот. Публиката на тој начин има увид во нашата годишна програма и однапред може да си планира на кои концерти сака да присуствува.

Како се одвива комуникацијата со ѕвездите од класичната музика, кои често се гости на концертите на филхармонијата?

-Имаме одлична комуникаци со најдобрите менаџменти кои ги претставуваат водечките светски уметници – солисти и диригенти. Уметниците носат одлично искуство од настапите со нашиот оркестар, а фактот што голем дел од нив сакаат повторно да настапат кај нас, укажува на довербата која сме ја стекнале.

Веќе комотно се сместивте во новиот објект. Колку тој го услови растот на институцијата во целост?

-Со преселувањето во новиот објект, функционирањето на институцијата е драстично променето од секој аспект. Тука не мислам само на условите за работа и на уметниците и на администрацијата и помошно-техничкиот кадар, туку и на можностите кои ги нуди целиот објект. Нашата институција во моментов е најатрактивна за реализирање на настани.

Покрај големата сала, во која се одржуваат симфониските концерти, сѐ почесто во функција ја ставате и камерната сала, која има одлични услови за помали концерти. На кој начин се конципира програмата за малата сала?

-Камерната сцена ја надополнува програмата која се реализира на големата сцена. Таа е исто толку важен сегмент, поинаков подиум на кој се афирмира камерно музицирање. И годинава публиката ќе има можност да чуе рецитали на странски, но и на наши солисти, главно од оркестарот на Филхармонија на кои оваа сцена им е матичен подиум на кој можат активно да концертираат во најразлични формации и состави.

На функцијата директор сте повеќе од 2 години, од кои првата како в.д. Колку сте задоволен од тоа што досега го направивте во вашиот мандат во филхармонијата, каде чувствувате дека може да се подобрат работите и кон кои цели се стремите во растот на институцијата?

-Со мојата двегодишна работа како прв човек на институцијата, лично сум презадоволен од сите резултати кои ги постигнавме. Во овие две години успеавме да ги решиме сите недостатоци на објектот, кои ги утврдивме во текот на работата.

-Набавена е опрема која што е неопходна за целиот процес на институцијата. Оформено е и ново одделение за аудио и видео продукција.

-Во однос на програмскиот и продукцискиот дел, успеавме да ја подигнеме програмата на повисоко ниво. Исто така, имаме поголема поддршка од Министерството за култура.

-Конечно добивме конкретна поддршка од страна на пријателите и спонзорите на институцијата. Имаме конкретен бенефит за институцијата. Добивме нов концертен клавир во вредност од 160 илјади евра после 28 години. Во новата сезона имаме најави за конкретни корпоративни партнерства со неколку компании.

-Како институција организираме и корпоративни настани со најголемите брендови и успешни компании во државата.

Пред сѐ како уметник, драго ми е што донесовме нов правилник за аудиции, при што минатата година за првпат беа примени нови уметници во оркестарот по европски критериуми. Аудициите беа спроведени позади параван, кандидатите полагаа под редни броеви, не по име и презиме.

Пред да ја преземете раководната функција во филхармонијата бевте првиот претседател на Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ). Со директорската позиција во национална установа се наоѓате во ситуација да одговорите на барањата што претходно ги упатувавте до Министерството за култура како синдикален лидер. Како од оваа позиција гледате на актуелните состојби во културата?

-Тоа беше период во којшто имавме големи опструкции од институциите за регистрација на сите основни синдикални организации, но сепак, успеавме да привлечеме најголем дел од институциите од културата. Ме радува фактот што синдикатот (СКРМ) сега прераснува во најголем репрезентативен субјект за заштита на правата на сите вработени во културата. Условите за функционирање и спроведување на процесите се драстично сменети. Синдикатот веќе има свои претставници во комисијата за донесување на нов закон при Министерството за култура. Процесот за промена на законот е бавен, но тоа се должи на фактот што долго време не е донесен нов колективен договор, а последниот е од 2005 година. Тврдам дека има капацитет и во синдикатот, но и големо расположение и волја од страна на Министерството за култура за конечно да биде финализиран процесот за донесување на новиот Закон за култура и на новиот колективен договор.

Во однос на состојбите во културата сметам дека со затворање на отворените прашања за законската легислатива, со промена на начинот на финансирање на националните институции, резултатите ќе бидат неминовни. Во моментов институциите кои навистина покажуваат огромни резултати во секој поглед имаат отворена, конкретна поддршка од Министерството за култура.

На крајот, што би можеле да предложите/издвоите од следната програма на филхармонијата во сезоната која тукушто започна?

-Доколку треба да направам некаква селекција би ѝ препорачал на публиката да не ги пропушти концертите на контрабасистот Рено Гарсија – Фонс, на челистот Николас Алштед, на авангардната холанска пејачка Шерон Ковач, на виолинистот Вадим Глузман, концертот на Естер Ју, американската виолинистка со корејско потекло која е препознатлива по „темниот аристократски тон“… Програмата е деликатна и комплексна и навистина е тешко да се издвојат само неколку концерти. Секој концерт има различна тежина, значење. Мислам дека во новата сезона секој може да си пронајде интересен концерт во зависност од индивидуалниот вкус и личната естетика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот