Интервју со Весела Чернева: Поради Северна Македонија, Бугарија остана осамена и неразбрана во ЕУ

„Всушност, она што го губиме во моментов – е разбирањето во ЕУ. Никој не може да разбере што сакаме, кои се нашите приоритети, како го дефинираме бугарскиот национален интерес“, вели Чернева

Весела Чернева е заменик-директор на Европскиот совет за надворешни односи (ECFR) и директор на канцеларијата на организацијата во Софија. Нејзини главни истражувачки теми се надворешната политика на ЕУ, Западен Балкан и регионот на Црното Море. Од 2010 до 2013 година, Чернева беше портпарол на Министерството за надворешни работи и член на политичкиот кабинет на министерот за надворешни работи Николај Младенов. Во минатото, таа служеше како секретар на Меѓународната комисија за Балканот, со која претседаваше поранешниот италијански премиер Џулијано Амати, беше уредник на списанието „Форин полиси Бугарија“ и политички секретар во бугарската амбасада во Вашингтон.

Капитал: Како се гледа на бугарското вето за Република Северна Македонија во Брисел?

Чернева: Според мое мислење, нашите политичари имаат среќа што вниманието во Брисел се пренасочи од нив на друга тема, бидејќи тие можеа да бидат единствената вест од ЕУ неделава. Блокадата на Република Северна Македонија ќе „блескаше“, да не беа полските и унгарските колеги, кои ја „спасија ситуацијата“ со вето на европскиот буџет. Тоа ќе го забави процесот на закрепнување на европските општества со буџет од 750 милијарди евра, за кој ЕУ сметаше дека е усогласен.Спорот со Северна Македонија е непријатен, балкански, но е помалку штетен од она што го прават некои други. Од гледна точка на нашата европска улога, таа идеја е помалку лоша. Од друга страна, бидејќи премногу блокади се собраа одеднаш, и без барањето на Борисов, па тоа стана дел од проблемот. Се работи за поголемата слика –  која е позицијата на Бугарија во Европската Унија. Која е иднината на бугарското членство воопшто?

Капитал: Ако Полска и Унгарија не ставеа вето на буџетот, каков ќе беше разговорот за Бугарија во Брисел во моментов?

Чернева: Немаше да има разговор. Само ќе имаше серија констатации дека Бугарија ја внесува историјата во процесот на проширувањето, што интеграцијата би ја направила практично невозможна или многу тешка за другите балкански земји. Постојат најмалку 11 билатерални спорови на Балканот. Би било опасно ако некој може некого да блокира.

Се разбира, земјите членки можат да имаат тврдења за тоа како една земја го применува европското законодавство, како се прилагодува на европските стандарди и тоа е основата за соодветно прекинување на преговорите или за враќање во поглавјата. Поентата е дека тоа не се прави врз основа на историјата и идентитетот. Во Европската Унија постои договор дека земјите членки се обединиле затоа што сакаат заедничка иднина, а не затоа што сакаат да ги решат своите историски проблеми. Тоа се постигнува преку економска кохезија, преку трговија и модерна дипломатија.

Имиџот на Бугарија се претвора од пасивно-конструктивна во пасивно-агресивна земја и всушност, многу луѓе не сфаќаат дека овој вид штета е многу тешко да се поправи. Таквата штета може да се направи за неколку недели, а потоа ќе бидат потребни години работа за штетата да се отстрани.

Капитал: До кој степен членството на Република Северна Македонија во ЕУ е приоритет за германското претседателство?

Чернева: Германија во моментов има уште неколку огромни приоритети. Несомнено, тоа е економското закрепнување од кризата со ковид-19, буџетската рамка за следните седум години, Брегзитот, односите ЕУ-Кина… Ова се широки теми за кои нема консензус во Европската Унија. Отворањето на разговорите со Северна Македонија и Албанија беше на агендата токму за да се сигнализира дека проширувањето не е завршено и дека ќе продолжи. Тоа беше придонесот на Германија во процесот на проширување, кој има многу противници во ЕУ.Но, овој натпревар сè уште не е доигран, бидејќи има време до крајот на годината. Минатонеделниот рок беше малку вештачки наметнат. До крајот на годината може да има уште еден обид, иако и за тоа, искрено, изгледите не се многу оптимистички. Не можам да замислам Португалија да се занимава со проширување на ЕУ кон Западен Балкан. Можеби Словенија, што веројатно ќе биде уште потешко.Не сфаќаме дека ако следното и следното ротирачко претседателство со Унијата не вложат доволно напори или не постигнат некои посебни резултати, ЕУ ќе им даде статус на кандидат на неколку земји, но тие нема да водат вистински преговори. Србија годинава не отвори ниту едно поглавје. По француското вето минатата година и бугарското вето годинава, јасно е дека уште сега можеби ќе треба само да се збогуваме со процесот на проширување. Дали е ова во интерес на Бугарија?

Весела Чарнаева со Стево Пендаровски и Никола Димитров

Капитал: Како сегашната ситуација влијае на изгледот за Борисов како играч во надворешната политика?

Чернева: Досега разговаравме за тоа како изгледа Бугарија во Европската Унија. Другото е како изгледа Бугарија во регионот. Од моите разговори на разни форуми со колеги од регионот во последните две недели можам да кажам дека навистина, од Загреб до Тирана, односот кон Бугарија е многу негативен. Овој капитал, кој беше акумулиран за време на бугарското претседателство со ЕУ, кога нашите соседи видоа дека Бугарија навистина сака да работи за европската перспектива на регионот, сега секако е ликвидиран!За целиот регион, ова е чекор назад, а Република Северна Македонија имаше најголеми причини да очекува поттик од Унијата, особено што Заев го освои вториот мандат токму со ветување за поголема и побрза европска интеграција. Тој го деблокира европскиот пат на Македонија. Алтернативата таму е да се врати на власт ВМРО-ДПМНЕ, која секако ќе следи поинаков пат – во интерес на Русија и на ретроградните сили во регионот.Сепак, мора да се стави до знаење дека политичката цена што ќе ја плати Бугарија ќе биде многу поголема од придобивките за која било надворешна сила.Во оваа фаза, не гледам дека стекнавме некаков бенефит од ваквата надворешна политика. Единствено што гледам е дека истуривме изборна поддршка за Красимир Каракачанов. Не знам зошто ова треба да биде приоритет на бугарската надворешна политика. Секој има внатрешна политика и нашите партнери го гледаат домашниот политички случај, но лидерството се состои од тоа да одлучите кој е вашиот приоритет и до кој степен ќе ги ставите интересите на една мала националистичка партија наспроти големиот европски интерес.Дојдовме до ситуација да не правиме ништо. Ако владата, во последната година и пол, започнеше сериозна дипломатска и каква било друга – економска, културна, образовна соработка со Македонците, немаше да ни се случи ова што ни се случува. Влијанието на Каракачанов врз ова прашање немаше да биде толку големо.

Капитал: Како блокадите создадени во последните месеци ќе влијаат на бугарскиот интерес во ЕУ?

Чернева: Промената во ставот на ЕУ кон Софија започна со протестите и фактот дека никој не може да ги затвори очите за она што се случува во Бугарија. Прашањето сега се интензивира, бидејќи и ЕПП и Германците некако одлучија дека, во оваа фаза, ќе ги „затворат очите“ пред преговорите за европскиот буџет, за да нема друга земја што ќе го блокира буџетот.

Односно, да не го антагонизира Борисов во толкава мера за тој да почне да се однесува како Орбан. Но, иронично, тој започна да се однесува на сличен начин на друга тема –Република Северна Македонија. Тоа е големиот контекст и тоа е големиот потег што се одигра. Европскиот контекст за улогата на Бугарија е многу поважен на долг рок, отколку сегашниот спор.

Од гледна точка на имиџот и тежината на Бугарија во странство, нашата земја може да каже дека има улога по две линии. Една беше како стабилизирачки фактор на Западен Балкан. Таа улога, очигледно, веќе не може да се сфати сериозно во моментов. Втората улога беше со Турција, каде Бугарија се обидуваше да посредува меѓу Анкара и ЕУ за проблемот со миграцијата. Во моментов, Турција е проблем за сосема различни прашања поврзани, прво, со Источниот Медитеран и, второ, со исламските заедници во Европа. Бугарија не е медијатор на овие теми и воопшто не се појавува во нив. Единствената надворешно-политичка карта што ја имаше Бугарија ја изгуби, заради спорот со Северна Македонија.

Преземено: Капитал, Бугарија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот