6 C
Скопје

Интервју со Трајко Стаматоски, научник, лингвист, претседател на Фондација „Небрегово“: Сигурно сум еден од оние што најмногу пишувале за ликот и делото на Блаже Конески

Во пресрет на големиот јубилеј 100 години од раѓањето на академик Блаже Конески, што ќе се одбележува во текот на 2021 година, разговаравме со Трајко Стаматоски, најдобриот познавач на личноста и мислата на великанот Блаже Конески.

Годинава на 19 декември одбележуваме 99 години од раѓањето на великанот на македонската научна, културна и книжевна мисла Блаже Конески (1921-1993), додека следната 2021 е прогласена за Година на Блаже Конески, со обемна програма која ќе содржи многубројни настани, манифестации и свечености. Дел од нив ќе бидат реализирани од фондацијата „Небрегово“, која го носи името на родното место на Конески. Македонскиот научник, лингвист и долгогодишен директор на Институтот за македонски јазик, Трајко Стаматоски, е најдобриот познавач на личноста и делото на Конески, но и негов близок соработник речиси 50 години. Стаматоски, покрај своите 95 години, сè уште е општествено активен, речиси секоја година држи говор пред споменикот „Ослободители на Скопје“ на празникот „13 Ноември“, активно се занимава со книжевна дејност, а претседател е и на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“. Поканата за разговор во чест на родениот ден на Блаже Конески, Стаматоски ја прифати со големо задоволство.

Министерството за култура ја прогласи следната 2021-ва за Година на Блаже Конески. На кој начин фондацијата „Небрегово“ ќе се вклучи во активностите на славењето на јубилејот 100 години од раѓањето на Блаже Конески?

– Раководството на Фондацијата долго размислуваше како да ја одбележи 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската национална мисла Блаже Конески. Како резултат од тие размислувања и консултации на компетентни личности и организации дојде и опширната програма. Среќни сме што таа сретна поткрепа од надлежните органи на државата. Сега ни останува нејзиното реализирање. Свесни сме дека за тоа се нужни напори од членовите на Фондацијата, но и од соодветните државни органи.

Тешко ми е да ја интерпретирам целата програма. Ќе се задоволам само со една нејзина точка – издавање на VI книга од својата едиција „Македонски збор“, што го има работниот наслов „Како ме поттикнува Конески“. Поупатените знаат дека во оваа едиција се издадени книгите „По што го запаметив Конески“ и „Како го читам Конески“ со десетици прилози на познати проучувачи и пријатели на Конески. Предвиденава нова книга треба, пред сè, да ги анимира творците од разни области на општествениот живот (научниот, уметничкиот, итн.) да соопштат како животот и делото на Конески влијаело врз нивниот развој. Ова нека го сфатат и како отворена покана за учество со свој прилог во планираната книга. Очекуваме прифаќање на нашава покана.

Фондацијата „Небрегово“ беше основана со цел да го поттикнува проучувањето на животниот и на творечкиот пат на Блаже Конески (Фотографија: Огнен Стаматоски)

Практично, со каква цел беше основана Фондацијата „Небрегово“ во 2002 година?

– Фондацијата беше основана со цел да го поттикнува проучувањето на животниот и творечкиот пат на Конески, но со тоа и да влијае за проучување на македонството воопшто, најшироко сфатено. Не е упатно јас да го оценувам дејствувањето на Фондацијата. Ќе се задоволам само со констатација на некои резултати. Тука, пред сè, мислам на обновата на родната куќа на великанот и на основањето на едициите „Македонски збор“ и „Поттикот Конески“.

Прочитајте и...  ИКОМОС се залага за сеопфатен третман на културното наследство

Родната куќа на Конески веќе стана спомен-објект, во кој се одржуваат разни научно-културни средби, коj го посетуваат не само наши луѓе, туку и луѓе однадвор. Тоа може убаво да се проследи со поглед во книгата за впечатоци поставена во домот. Едициите на Фондацијата се вистинско богатство. Во нив се објавени стотици прилози за делото на Конески од над стотина проучувачи, истакнати творци од земјата и од странство. Сето тоа е постигнато од атипична фондација, без оставена донација, но затоа со разбирање од органите на државата.

Како современик на Блаже Конески, би можеле ли да ни откриете што го поттикнуваше неговиот творечки порив, со аргументи на научник и со интуиција на уметник, да му докаже на светот дека македонскиот јазик не е дрво без корен?

– Малкумина знаат дека Конески го започна своето факултетско образование како студент по медицина. Но, проникливиот ум многу брзо сфати дека медицината не може да му биде животна преокупација. Тој носеше нешто уметничко во себе, но беше обземен и од нараснатиот македонизам на неговата генерација, но и на тие пред неа. Затоа се фрли на проучување на јазикот и на сè што се сврзува со него. Притоа неговото студирање не беше трчање по преодна оценка на некој предмет, туку држење до вистинското значење на овој збор – грижливо изучување, длабоко проникнување, размислување и разјаснување. Трагаше по секој релевантен податок за самобитноста и на својот народ и на неговиот јазик. Се израдува како мало дете кога во познатиот Зборник за умотворби на БАН уште во Белград ги најде записите на Марко Цепенков од македонското народно творештво. Студентот Блаже Конески во текот на своите студии во Белград и Софија се подготвуваше внимателно за денот на слободата. Го дочека тој ден и му ги стави на располагање своите потенцијали.

Родната куќа на Блаже Конески во Небрегово

Духовното богатство што Блаже Конески го остави е со огромен обем и со непроценливо значење, но што како оставина се чува и негува во нашите институции и во Фондацијата „Небрегово“?

– Блаже Конески остави навистина огромно духовно богатство. Тоа богатство може да го забележи секој внимателен проучувач. Тоа останува регистрирано за генерациите. Но, нешто друго треба да се согледува, да се извлекува од тоа дело. Тоа е духот, внатрешната суштина на делото. Кој не може да го сфати духот, пораката на делото, тој и не го сфатил вистинскиот Блаже Конески.

Институциите што го изучуваат како професионална обврска тоа дело ќе ги запознаваат заинтересираните, ќе откриваат и нови поединости, ќе го шират опсегот итн. Сите тие, а со нив и Фондацијата „Небрегово“ ќе придонесат тоа дело постојано да зрачи во иднината.

Прочитајте и...  Излезе „Културен печат“ број 77 во весникот „Слободен печат“
Кој не може да го сфати духот, пораката на делото, тој и не го сфатил вистинскиот Блаже Конески (Фотографија од личната архива на Трајко Стаматоски)

Веројатно е тешко да се издвои, но според Вас, кои се најзначајните книги на Блаже Конески?

– Со своите книги Конески ги одбележа маркирните точки на македонската лингвистика. Почна со азбуката и правописот, продолжи со граматиката и заврши со историјата на македонскиот јазик. Меѓу нив има и многу потточки (македонските учебници од XIX век, Историската фонологија и др.). За сите нив се напишани сериозни рецензии во угледни домашни и странски списанија од добро верзирани во дадената проблематика.

Ако треба да издвојам (а тоа е неверојатно тешко), ќе се определам за констатацијата на големиот српски славист Павле Ивиќ, искажана во рецензијата на Историјата на македонскиот јазик дека барем што се однесува до српската наука за јазикот „засега само можеме да посакаме таква каква што е книгата на Конески“. Нема што. Признание коешто годи.

За мислата на Блаже Конески се на пишани многу томови, но низ животното искуство каков спомен имате за него како личност?

– Сигурно сум еден од оние што најмногу пишувале за ликот и делото на Конески. Најголем дел од тие написи се објавени во мојата книга „Мислата на Блаже Конески“ (2006). Најдобар одговор на вашето прашање ќе се најде во текстот „Половина век со Конески“, објавен во наше литературно списание на годишнината од смртта на творецот. Горд сум што мојот текст се најде на воведно место, пред текстовите на мнозина наши писатели и негови блиски пријатели.

Сега ќе кажам дека Конески беше високо и широко образована личност, при тоа надарена со неверојатна мудрост. Ми импонираше неговото настојување во секоја акција да се тргнува од резултатноста, а не од манифестноста или парадерството. Беше пред времето, ја гледаше иднината и ја опеа во своите последни песни („Вера“, „Лажни пророци“, „Молитва“ и др.).

Научникот и лингвист Трајко Стаматоски е најдобриот познавач на личноста и мислата на Блаже Конески, а нивната соработка траела половина век (Фотографија од личната архива на Трајко Стаматоски)

Како гледате на најновите обиди за редефинирање на корените на македонскиот јазик, имајќи предвид дека Блаже Конески во одбрана на македонскиот јазик ја напиша книгата „По повод најновиот напад на нашиот јазик“ уште во 1948 година?

– Обидите за оспорување на македонскиот литературен јазик имаат континуитет – траат од неговото кодифицирање во 1945 година сè до денеска. Природно е што Конески одговори на тие напади, зашто се напаѓаше рожбата во чие растење неговиот придонес е несомнен. Нападите имаат и разни форми – изречени од поединци, но и од компетентни институции. И нашите одговори беа соодветни. На сите меѓународни славистички конгреси бугарската наука настапуваше со напади врз самостојноста на македонскиот јазик. Ние достоинствено одговаравме и бевме поддржувани од целокупната славистичка наука. На конгресот во Прага во 1968 дури им беше упатена закана од Претседателството на конгресот дека ќе биде присилено да ги отстрани бугарските учесници доколку продолжат со недоличните напади. Во 1978 одговоривме со книшката „За македонскиот јазик“ со избор на мислења на видни светски мислители и тоа во време кога ние не сме имале центар што можел соодветно да се постави. Неслучајно дојде и мојата книга „Борба за македонски литературен јазик“ (1986), чиј промотор беше токму Блаже Конески. Горд сум што тогаш тој ја искажа и знаменитата мисла – „За нас повеќе отколку за многу други во светот јазикот претставува со сè што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина, тој е заправо единствена наша комплетна татковина“.

Прочитајте и...  Интервју со проф. Тодор Тагарев: Руската инвазија на Украина би била авантурата на Брежњев во Авганистан

При осамостојувањето на нашата држава се појавија и кај нас дома, поединци па и групи, што повикуваа на промена на литературната норма на нашиот јазик, притоа бесрамно му се даде негативна квалификација на творецот на таа норма. Си го покажаа со тоа самите своето ниво. Во наше време, нашите најповикани институции – националните институти за јазик и историја, МАНУ соодветно и аргументирано реагираа.

Немам илузии дека нападите брзо ќе престанат. Се лекува со нив комплексот. Македонскиот литературен јазик ги помина сите фази низ кои поминале сите литературни јазици: од пишување на родниот говор, од обидите за кодификација на филолошки образовани луѓе (Партенија Зографски, Константин Миладинов, Лозарите, Мисирков и др.) до официјалната кодификација.

Интересите на татковината секогаш пред личните интереси, советува Трајко Стаматоски, кој и на своите 95 години е општествено активен и годинава на празникот „13 Ноември“ одржа говор пред споменикот „Ослободители на Скопје“ (Фотографија: Град Скопје)

Како научник и лингвист што цел живот го проучувал македонскиот јазик, каков совет им давате на младите генерации да го сочуваме и јазикот и идентитетот и земјата?

– Најнапред да се пошегувам. Ми има кажувано Блаже Конески дека некоја година пред смртта, му пристапила некоја непозната личност со молба за совет по некое прашање. Изненаден Конески молскавично одвратил: „Па зарем денеска има уште некој што бара совети? Денеска сите знаат сè!“

Сега, сосема сериозно.

Мој основен совет би бил: да го проучуваат животот и делото на своите поблиски и подалечни претходници, да црпат од нивното искуство, да го унапредуваат тоа дело, да им отвораат нови видици на тие што доаѓаат по нив, да ги развиваат контактите со славистите од светот и да ги следат постигањата на модерната наука, да ги објавуваат на пригоден начин пред пошироката јавност резултатите од своите најнови истражувања, да го шират кругот на истражувачите и на почитувачите на македонскиот збор.

Мој заклучен совет би бил: да им даваат секогаш предност на интересите на татковината пред личните интереси.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 61, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 19-20 декември 2020)

Поврзани вести

Подгорица ја повикува ЕУ напомош за една милијарда долари кинески кредит

Валери Хопкинс/Financial Times

ИКОМОС се залага за сеопфатен третман на културното наследство

Тони Димков

Нова книга: Сегмент од историјата на македонско-хрватските културни врски

Тони Димков

Библиотека „Филозофија“: Збирка текстови од Бошко Караџов

Тони Димков

Пејачот Даниел Кајмакоски ја пријави екс сопругата во полиција, му ставила дрога во кафето па завршил во болница

Марина Дамческа

ВИДЕО: Иле е буден и добро закрепнува – во него чука срцето на Верица, хирурзите спасија три животи

Марина Дамческа

Остави Коментар