Егон Савин, театарски режисер / Фотографија: Кире Галевски

Интервју со театарскиот режисер Егон Савин за „Народен пратеник“ во МНТ: Секоја претстава ја правам како да ми е прва

Во рамките на одбележувањето на 80-годишнината на Македонскиот народен театар, на 25 јануари ќе се одигра премиерната изведба на претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин.

Култното режисерско име Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период. Ова е негова трета претстава во театарот, а претходно ги има поставено „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996). Во претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ игра внимателно одбрана и веќе докажана актерска екипа: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска.

Бранислав Нушиќ, пак, е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ, а овој „Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Нушиќ. Со српскиот режисер Егон Савин разговорот го направивме непосредно пред премиерната изведба на претставата.

Како се појави можноста повторно да режирате претстава во Македонскиот народен театар во Скопје?

– Го сакам Скопје и имате одличен театар, каде своевремено сум поставил две претстави, „Злосторство и казна“ и „Лаж и паралаж“. Цело време сум во контакт со овој театар и постојано нешто се договараме и преговараме. Овој пат се договоривме да работам текст на Бранислав Нушиќ и фино се преклопи годишнината на театарот, бидејќи Нушиќ бил првиот директор и основач на овој театар.

Додека постоеше Југославија, сум работел во сите поголеми градови и национални театри низ целата држава и колку што знам сите театри поставувале текстови од Нушиќ. Немаше југословенски театар, не само национален или градски, немаше дом на култура, селска задруга или аматерски театар каде што не бил поставуван Нушиќ. Можеме слободно да кажеме дека тој е еден од најпоставуваните драмски автори на Балканот. Значи не треба многу да се размислува дали да се постави текст од Нушиќ.

Многу ги сакам неговите граѓански драми, како и неговите мелодрами, и досега имам поставено повеќе негови драми во различни театри. Пред околу пола година направив адаптација на текстот „Народен пратеник“ поведен од случувањата во Белград и од политиката како наша секојдневна судбина. Целиот наш живот на некој начин е претворен во политичка еуфорија „за“ и „против“. Повторно има големи политички поделби во Србија, нешто што тука се случуваше пред неколку години. Тоа беше повод да направам една радикална адаптација на драмата на Нушиќ. Го преполовив бројот на улогите, едночинската форма ја претворив во драма со четири чина, но мислам дека не го изневерив Нушиќ. Некои нешта си земав за право да ги допишам, но тоа се сосема кратки додавања.

За Нушиќ мислам дека е единствениот српски театарски гениј. Српската комедиографија е значајна во европски рамки и мислам дека ретко која култура има толку силна комедиографија, почнувајќи од Стерија Поповиќ, преку Бранислав Нушиќ до Александар Поповиќ и Душан Ковачевиќ. Тоа е величествената четворка на српската комедиографија од која театарот може да живее со децении, ако не и со векови.

Дизајнот на плакатот за претставата е на Зоран Кардула

Драмскиот текст „Народен пратеник“ Нушиќ го напишал како комедија. Каква форма добива преку Вашата адаптација?

– Претставата што ја поставив не е комедија во класична смисла. Имено, смеата не е единствената цел или мотив. Во овој случај смеата повеќе е потсмев. Станува збор за засилена сатирична димензија на текстот. Нушиќ има многу водвилски теми во своите комедии, но сето тоа го ставив во втор план, бидејќи најважна ми беше сатиричната острица, нешто слично на таа што ја има во драмата „Покојник“.

Пристапот со смешно-страшен и гротескен израз не е толку театарски мотивиран, колку што е потреба поврзана со нашиот секојдневен живот и со нашата реалност, помеѓу тоа што го живееме и тоа што го гледаме на телевизија. Тоа се сцени на ужасот. Веќе не можеме да го поставуваме Нушиќ со цел добродушно да ја засмејуваме публиката со симпатични и по малку негативни ликови. Тука станува збор за една општествена состојба која ние како театар мораме да ја коментираме, да укажуваме, да вреднуваме и, на крајот на краиштата, мораме да поставиме и некаков морален императив како ’рбет на самата претстава.

Има многу злоба меѓу народот. Менталитетот стана многу позлобен отколку што беше порано, бидејќи се такви политичките околности во кои живееме. Нормално е што човек мора да одговори на барањата на времето и на средината во која живееме. Мојата адаптација на текстот е обид токму тоа да го постигнам. Мислам дека тоа го остваривме во голема мера токму поради едноставноста на самата приказна, која е поедноставена, но и со одличните актери во МНТ, со кои е вистинско задоволство да се работи.

Веројатно публиката ќе очекува нешто многу смешно и во таа смисла можно е да биде малку разочарана. Ќе кажам дека Нушиќ веќе не е театар што забавува. Не е ниту политички театар, бидејќи тоа веќе е друга крајност. Повеќе е актуелен и жив театар, бидејќи текстот, репликите и содржината на делото на Нушиќ носат универзални вредности со сериозна сатирична острица.

Пред околу пола година направив адаптација на текстот „Народен пратеник“ поведен од случувањата во Белград и од политиката како наша секојдневна судбина / Фотографија: Кристијан Теодоров

Има ли порака што публиката преку претставата би требало да ја прочита?

– Малку сум резервиран во однос на идејата и потребата театарот да испраќа пораки. Секоја претстава е порака. А пораката на оваа претстава е коментарот на ужасните политички ситуации во кои живееме. И мислам дека тоа е генерален, глобален проблем. Тоа не е проблем само на Србија или на Македонија, туку е проблем на целиот свет. Насекаде околу нас има војни, владее ужас, и човек мора да се праша што е коренот на сето тоа и од каде доаѓа.

А овие драмски текстови се мали семејни драми и големи политички амбиции на малите неспособни луѓе. Во времето на Нушиќ ликот Јеврем Протиќ не би можел да стане народен пратеник, а денес може. Денес го имаме Јеврем Протиќ во сите парламенти низ светот. Тоа се амбициозни, полуспособни но, пред сѐ, се корумпирани луѓе што работат за партиските интереси, а не за народот. Тоа е пораката на претставата.

Сцена од претставата „Народен пратеник“ во МНТ / Фотографија: Кире Галевски

Како се одвиваше кастингот за улогите во претставата?

– Тука немаше никаков проблем. Станува збор за типологија и многу лесно одеше изборот на улогите и на актерите. Тоа се карикатурални типови на еден менталитет во кој живееме веќе стотина години. Секако, според квалитетот на актерите би можел да направам три поделби за претставата во МНТ. Се определив за овие пет актери, иако можев да одберам уште петнаесетина исклучително талентирани актери и актерки.

После осумдесетина претстави што сте ги поставиле во различни театри, а многу години сте и професор на Факултетот за драмски уметности во Белград, како успевате да го задржите својот стил, а занаетски претставата да биде направена на уникатен начин?

– Така што секоја претстава ја правам како да ми е прва. Нас, театарските луѓе, не смее да нè совлада рутината. Рутината е најопасното нешто за луѓето кои работат многу и кои веќе многу направиле. Затоа треба да направите психолошки услови со кои секоја следна претстава ќе ја почувствувате како прва претстава во животот, воопшто. Не сакам да кажам – и последна, за да не бидам премногу патетичен. Но, јас сум во такви години што навистина не знам до кога ќе режирам претстави. Токму затоа секоја претстава ми е важна. Целосно сум посветен на театарот и на факултетот и тоа е мојот начин на живот. Затоа многу ми е важно тоа што го работам да биде вредно не само за мене, туку и за луѓето со кои работам и, секако, за публиката. Тоа е единствениот рецепт.

Во однос на Вашата професорска работа со идните театарски режисери, како ја правите разликата помеѓу времето во кое Вие бевте студент и денешното време, кое драстично се промени во последниве триесетина години?

– Времето навистина е променето. Јас влегов во театар и почнав да работам во времето на социјалистичка Југославија. Никогаш претходно и никогаш потоа на културата не ѝ било подобро отколку во времето на социјализмот. И откога социјализмот официјално беше укинат во целиот свет, секаде културата стагнира. Потрошувачкото општество и неолибералниот менталитет, каде што единствено е важен профитот, може да афирмира само театар кој служи за забава. Сериозниот уметнички театар сѐ уште постои во големите метрополи, но е сведен на еден до два театри. Сѐ друго е многу тешко достапно за младите луѓе. Мора да бидат силно афирмирани за да добијат можност да работат во некој од значајните европски или балкански театри.

Во таа смисла, мојата генерација имаше полесна проодност и услови да влезе во театарот на малата сцена, се правеа дипломски претстави во театар, младите режисери асистираа на постарите и така ги правеа своите први чекори кон театарската сцена. Во седумдесеттите години на минатиот век, кога почнував да се занимавам со оваа работа, театарот беше во експанзија во целиот свет. Тогаш беше многу важно, многу популарно и многу убаво да се биде режисер. Тогаш тоа имаше некакво значење во општеството.

Денес луѓето веќе не препознаваат ниту кој е режисер ниту што е тој. Порано не препознаваа на улица. Едноставно, бевме популарни и беше вистинско задоволство за младите луѓе да се ангажираат околу театарот. Тогаш беше многу полесно, бидејќи имаше трипати поголема продукција, имаше повеќе театри, се правеа повеќе премиери, се вложуваа повеќе финансиски средства и, секако, театарот беше во центарот на општественото културно внимание. Денес ние сме маргинализирани. Не само театарот, туку целата култура е маргинализирана. Веројатно веќе нема луѓе што сакаат да купуваат култура или да се интересираат за театар.

Во таа смисла, како им влевате оптимизам на вашите студенти да се занимаваат со театар?

– Нема потреба да ги лажам или да им ветувам нешто невозможно. Тие самите гледаат. Уште во текот на студиите ги вклучуваме во работата на театрите и сѐ им е јасно. Пред сѐ, тие самите треба да препознаат дека театарот е нивниот свет во кој се чувствуваат добро. Некои талентирани луѓе, од одредени причини, не се чувствуваат добро во театар. Некои талентирани луѓе ќе влезат во театарот и разочарани од својата работа и од односот на другите кон нив го напуштаат театарот. А некои млади луѓе го препознаваат театарот како нешто што најмногу го сакаат. Спонтано почнуваат да живеат за театарот и целиот свој живот го посветуваат на театарот. Тука нема правила. Иако театарот на некого му е мајка, а на некого маќеа, не сите со ист успех ги поминуваат своите први чекори во театарот.

Но, тоа е помалку важно. Најважно е младите луѓе да почувствуваат дека тоа е нивниот свет. И во тој свет да сакаат да останат и нешто да направат. Има такви млади и амбициозни луѓе. Има одлични режисери и со нив ја подмладивме катедрата. Е, сега, трендовите во театарот се менуваат и тука младите луѓе малку потешко се снаоѓаат затоа што имаат потреба и тенденција да ги препишуваат европските трендови. Мислам дека тоа не е добро. Треба да се истражува на планот на нашиот автентичен театар, литература, јазик и публика.

Инаку, во овој период студентите ја преземаа главната општествена улога во Србија во однос на судбината на сите нас. И тоа е величествено затоа што целото движење тргна од Факултетот за драмски уметности во Белград, а веќе се инсистира на генерален штрајк во целата држава.

Сцена од претставата „Народен пратеник“ во МНТ / Фотографија: Кире Галевски

Спомнавте нови трендови, а пред неколку години со ковид-пандемијата се случи целосно затемнување на театарската уметност. Тогаш се појавија и нови подваријанти на театар. Во кој правец би можела да се движи театарската уметност во иднина?

– Тоа е тешко да се каже. Мислам дека театарските трендови се одвиваат во циклуси. Ако гледаме воопштено, постои мејнстрим и алтернативен театар насекаде во светот. Пред дваесетина години се случи еден феномен, кога алтернативните пристапи влегоа во големите театри, а приватните трупи почнаа да се занимаваат со мејнстрим театар. Тоа има своја логика затоа што е многу тешко да се заработат пари со авангарда. Авангардата често е недостапна за публиката. Луѓето не знаат што гледаат. Колку и да е брилијантна изведбата не може да ја воодушеви публиката. Содржини кои не се доволно приемчиви, кои не се доволно препознатливи и кои, на крајот, не се воопшто јасни, туку се целосно недостапни, веќе стануваат тренд во големите национални театри.

А приватните трупи живеат од популарни претстави што народот сака да ги гледа по неколкупати, бидејќи се издржуваат од парите што ќе ги соберат на благајната. Тие немаат државни дотации и алтернативните театри полека преминуваат на едно друго ниво, станувајќи театри за забава со актуелни и политички тематики, а сето тоа поставено многу прецизно, многу класично и добро осмислено.

Додека, пак, во националните театри се експериментира. Дури мислам дека и премногу се експериментира и постојано ги предупредувам младите луѓе кои сакаат да бидат неконвенционални, што е нормално, но мислам дека публиката ќе почне да го избегнува експерименталниот театар во големите театарски куќи. Колку тој феномен на експериментирање во националните куќи ќе трае, тоа не би можел да претпоставам. Мислам дека сега на потег е политичкиот театар, бидејќи веќе не можете да правите театар кој нема одредена политичка порака. Ако ништо друго, тогаш барем во критичка смисла на укажување на ужасите што ни ги донесе политиката. Навистина веќе треба да се гледа со презир и кон политиката и кон политичарите што светот го внесоа во големи војни – и беда.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 265, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.01.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот