Фото: „Слободен печат“/Слободан Ѓуриќ / Приватна архива

Интервју со Сузана Спасовска: 40 години публиката ме крева на пиедестал и ме чува да не се занишам од ветриштата што дуваат на врвот

Во интервјуто за „Слободен печат“ разговараме со иконата на македонската народна музика Сузана Спасовска, која и по 40 години музичка кариера, не ја изгуби популарноста и остана синоним за уметник, пејач, музичар, изведувач…

На „Златна бубамара на популарноста“ ја добивте наградата за трајни музички вредности. Публиката беше на нозе и со многу аплаузи. Какво беше чувството?

– Ѝ благодарам на мојата верна публика, која овие 40 години секогаш ме дочекува и ме испраќа со големи аплаузи од срце, и токму затоа се трудам сите овие години да ја изненадувам со нови проекти. За верната публика ја давам својата душа низ годините и таа тоа го чувствува дека е искрено, од срце. Среќна сум што на една престижна долгогодишна манифестација како што е „Златна Бубамара“, ја добив токму наградата за трајни музички вредности, која ми значи многу, бидејќи низ годините вложив многу труд во уникатните проекти, во солистички концерти, турнеи, печатена и дигитална монографија, совршен јутјуб-канал, веб-страница, УСБ-клуч единствен и во Македонија и во Европа, проекти со комерцијална (на почетокот на кариерата) но подоцна и со уметничка димензија, концерти со Камерен оркестар (Етно симфонија), со гудачки квартет (Виолина и глас), аудио и видео проектот „Терирем“ со православни црковни песнопеења, моето ново етно издание „Судбо моја“, настапи во проекти со други уметници, многу значајни за опстојување и промовирање на македонската песна итн.

Сето тоа е, всушност, исполнување на аманетот што нашата легенда Васка Илиева ми го даде пред 25 години за продолжување на нејзиниот пат со македонска песна и оставање урнек за помладите генерации што доаѓаат. Но, и голема одговорност за наредните проекти што веќе се склопуваат во разнобојниот мозаик Сузана Спасовска. Чувството кога пеете на сцената е необјасниво, а посебно кога ве следат аплаузите, воодушевувањето и извиците „браво“ од публиката. Ми се полни душата со бескрајна љубов кон тие луѓе, кои го почитуваат мојот лик и дело, а и македонската песна.

Фото: „Слободен печат“/Слободан Ѓуриќ

Која е тајната што и по толку години не ја изгубивте популарноста на музичка сцена?

– Интензивната работа без престан, максималното вложување во кариерата, креативноста и упорноста се мојата т. н. тајна. А, најголемата „тајна“ е љубовта кон мојата публика што ми возвраќа со тоа што ме крепи сите овие години, ме крева на пиедестал и ме чува да не се занишам од разните ветришта што дуваат на врвот.

Ако Ве вратам низ времето назад, Вие секогаш бевте пред времето. Од стилот на облекување до оригиналноста во настапите. Како гледате од оваа дистанца на тоа?

– И покрај тоа што сум од едно друго време, од минатиот век, каде што сѐ функционираше на сосема друг начин, смелоста ја сметам за важен фактор за напредување во кариерата. Кога носите нови работи, има од една страна негодување, а од друга прифаќање. Тоа треба да се издржи и да се чекори напред, без потклекнувања и откажувања. Секогаш сум ја гледала сцената како нешто поразлично од секојдневниот живот, нешто како театарска сцена, каде и јас се трансформирам во една поинаква личност, од таа во секојдневниот живот. Оригиналноста, шареноликоста во сценските костими, уникатноста во настапот, и изразот на сцената, од која било дистанца, и тогаш и сега, ја гледам како многу потребна и неминовна, бидејќи само така ќе се издвоите од стадото и ќе бидете интересни и долготрајни.

Фото: Приватна архива

Кој ги шиеше сите оние фустани по кои останавте запаметена и денес и кои секогаш беа уникатни?

– На самиот почеток моите замислени креации со големо задоволство ги шиеше мојата мајка, за што сум ѝ вечно благодарна, а потоа веќе почнав и со пронаоѓање по светот (особено Австралија) уникатни костими што ги надградував по моја замисла или, пак, одземав делови од таа гардероба, повторно со помош на мојата мајка, многу искусна и врвна шнајдерка. Никогаш во мојата кариера не сум облекла гардероба на која не е додадено или одземено нешто од моментот кога е купена.

Низ сите овие години секогаш сте иста. Како ја одржувате тежината и воопшто изгледот?

– Благодарам за комплиментот што го добивам секојдневно, дури и од случајни минувачи кога пешачам. Годините си врват и не можеме да останеме вечно млади, но важно да е душата млада. Мојот голем труд во работата и резултатите од него, а особено вербата во Бога, кому секојдневно му се заблагодарувам за сè што ми дал во животот, не само за убавините и благодатта, туку и за сите искушенија што ме направија поцврста, помудра и трпелива, и сето тоа ме прави да блескам и во секојдневниот живот и на сцената. Слава му на Бога за сè!

Фото: Приватна архива

За публиката сте јавна личност, но каква е Сузана приватно? Особено како баба, со оглед на тоа што внуката Клара Ви го окупира цело внимание?

– Мојата внука Клара, но и цело мое семејство ми е центар на светот. И тогаш кога сум најзафатена, наоѓам време за најмилите. Внуката е мојот лек за моите работни и животни стресови, кои сите ние ги имаме во ова време – невреме. Таа со едно гушкање и бакнување ме обновува и ми ја дава потребната енергија за рестарт. Таа е бабина принцеза, која преубаво пее и можно е да ја наследи баба. Со големо внимание ме гледа на телевизија, а еднаш ми даде и цвеќе на сцената (имаше околу 3 години), чудејќи се на разликата од баба ѝ што е на сцената и онаа баба дома со која цртаат, гледаат цртани филмови, облекуваат Барбики. Но, сега веќе почнува да сфаќа дека баба ѝ е популарна личност и обожава да гледа мои слики од концерти и видеа.

Што Ве прави среќна, а што Ве вади од такт? И кога би го вратиле времето, се каете ли за некои случки, приватни и професионални, па би сакале да ги избришете?

– Во нашава Македонија, во музичката сфера, сè и сешто е во исти кош, без никаков ред, редослед и категоризација. Ништо не ме вади од такт, туку не ми е сеедно.

Враќање на времето нема! Низ годините ние растеме, се надоградуваме, почнуваме поразлично да размислуваме отколку во младоста. Не велат џабе младост-лудост. Како си минуваат годините, помислувам понекогаш дека нешто поинаку требало да биде од она што сум го направила. Но, професионално не се каам за ништо, бидејќи од самиот почеток на кариерата сум имала своја лична стратегија и принцип на работа, и сум се движела полека и сигурно кон целта. А, во приватниот живот сум правела грешки во чекори, давајќи внимание и дел од драгоценото време на некои кои не го заслужиле, но знаејќи дека Бог секого го испраќал за да научам некои животни лекции, не го сметам тоа за грешка. Тоа било Божја волја! Сум им простила на сите, за сè, и сè уште за оние што се тука на овој свет, се молам за нивно добро и за нивно здравје, а им препорачувам денот да го почнуваат со православните химни од проектот „Терирем“ кој можеби ќе им го промени погледот на светот и ќе почнат да се сакаат себеси, за да почнат да ги сакаат и почитуваат луѓето околу себе.

Фото: Приватна архива

Зад себе имате многу песни, музика, настапи, носачи на звук. Има ли песна што ја сметате за своја лична карта?

– Сите мои песни поминале низ мојата душа и се како мои родени чеда. Сите ми се драги и наградени со врвни награди или наградени со големи аплаузи од публиката. Драго ми е што во својот музички опус, и од новосоздадени авторски песни, и од многу обработени народни песни, имам за секого по некоја омилена песна, а и многу празнични песни. Горда сум и на првото македонско аудиоиздание „Македонски бисери“ (касета и за првпат ЦД во Македонија издадено од „Сенатор рекордс“), во 1996 година, со 10 обновени стари македонски песни од нашите легенди, кои излегоа од заборавеност и денес сите ги пеат.

Речиси 40 години кариера, дали е во план концерт или можеби музичка турнеја низ Македонија?

– Сè уште јас и мојата екипа размислуваме на кој начин достојно да се одбележи јубилејот 40 години, но во мала недоумица сме, дали да се одбележи 45 години јубилеј, бидејќи сегашните обврски се навистина големи, натрупано е со закажани концертирања, спотови и спремање и снимање нов аудио и видеопроект „Терирем 2“, кој бара многу вложување, концентрација и духовна подготвеност. Сè е важно, и се трудам да бидам присутна насекаде каде што ме бараат, но ќе ми простат сите оние кај кои не можам да стигнам, па ги посочувам помладите, бидејќи и ним треба да им се отстапи место да дојдат на сцената и да продолжат по трасираната патека. Сепак, мојата публика и новинарите ќе бидат за сè благовремено информирани.

Засега, во план се организација на Лешочки фолк-фест 15 години јубилеј, настапи со проектот „Македонијо во срце те носиме“ број 2, со осум големи концерти низ Македонија, гостување во Јапонија (Осака) со „Танец“ со скратена екипа, играчи, оркестар и јас како солист првенец, потоа, многу концертни активности со „Танец“ како и традиционалниот Велигденскиот концерт, концертни настапи сѐ до Илинден.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот