Интервју со Стефан Спироски, пејач: Имам чест да ја испеам последната песна на Кире Костов пред да почине

Фото: Приватна рхива

Младиот пејач Стефан Спироски од Струга веќе подолго време се занимава со музика, а од својата најмала возраст има снимено неколку преработки и свои авторски песни.

Стефан настапи на 31. издание на „Охрид фест“ со песната „Љубов моја“, со која ја освои наградата за најдобра поп-песна на фестивалот.

Кога почна да се занимаваш со музика и како откри дека имаш талент?

– Со музика се занимавам од мојата најмала возраст, а талентот го открија моите родители. Подоцна почнав да настапувам на повеќе интернационални фестивали во Македонија и да пеам во регионот, каде што уште еднаш се потврди мојот талент, не само од изградени музичари, туку воопшто и со наградите што ги добивав, тоа беше потврда за мојот талент.

Освои награда за најдобра поп-песна на фестивалот во Охрид. Што значи за тебе оваа награда и со кого соработуваше за песната?

– Оваа награда за мене значи само еден добар почеток што ми дава ветар во грб за да продолжам понатаму да работам со музика. Соработував со едни од најдобрите во Македонија, а тоа се: Григор Копров, кој ја напиша мелодијата за песната „Љубов моја‘, Огнен Неделковски, кој го напиша текстот за песната, и Димче Китрозоски, кој го направи аранжманот. Сè на сè, излезе одлична нумера, за која добив и награда што особено ми значи.

Во најава е песната да излезе и на хрватски јазик, а текстот е на Антонија Шола. Како дојде до оваа соработка, зошто на хрватски и дали се познавате со Шола?

– Да, во скоро време песната ќе излезе и на хрватски јазик, што особено е мој голем предизвик. Антонија ја познавам веќе пет години и одлично соработуваме, па затоа решив сите песни што ќе ги снимам на македонски да ги снимам и на хрватски јазик и верувам дека ќе ѝ се допаднат на публиката.

Фото: Приватна рхива

Тешко ли е да се наметнеш на домашната сцена?

– Секако дека е тешко, но затоа се трудиме со квалитет да оставиме белег во македонската музика. Освен квалитетната музика, важна е и соработката со медиумите, кои секако се од големо значење за да можеш и да опстанеш на сцената и да се наметнеш како музичар.

Роден си во Струга, што најмногу сакаш во твојот град?

– Да, роден сум во Струга. Со гордост за себе велам – стружанец. Струга важи за најубавиот град, затоа што е уникатен спој на природни убавини.

Освен музиката, што друго е интересно за тебе и твојот приватен живот?

– Покрај музиката, јас исто така сум професионален готвач и работам веќе 12 години. Го сакам тоа што го работам, уживам готвејќи различни специјалитети и деликатеси, но покрај готвењето, музиката е она што ме прави среќен и ме исполнува.

Фото: Приватна рхива

Освен настапот на „Охрид фест“, кои се твоите идни планови?

– Веќе работам на други три авторски песни, од кои едната е завршена и наскоро треба да го снимам спотот. Аранжманот и музиката се на нашиот Кире Костов и воедно тоа е последната песна што ја напиша во својата кариера пред да почине, а автор на таа песна е Огнен Неделковски.

Сметаш ли дека од музиката може да се живее кај нас?

– Ретко кој живее од музика во нашата држава, ама затоа пак јас живеам за музиката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот