
Интервју со Стефан Самандов, фотограф: Луѓето се неисцрпен извор на приказни што чекаат да бидат раскажани преку објективот
„Концертите ми овозможуваат да ја доловам енергијата и самиот момент на тоа што се случува на сцената, додека документарната фотографија ми дозволува да ги истражувам животните ситуации и да им ги раскажам приказните на луѓето од различни култури и места“, вели Самандов.
Фотографирањето концерти или настапи во живо е мошне возбудлива работа и можност да се доближите до голем број познати изведувачи или бендови. Концертната фотографија е поврзана со тајмингот, техниката и креативноста со што се доловува движечката енергија на музичките настани.
Препорачано
Стефан Самандов е млад музички и концертен фотограф, кој љубовта кон фотографијата и квалитетната музика ги вплотува во професија во која секојдневно ужива. Својата кариера во последниве години ја гради преку фотографирање афирмирани фестивали и музички концерти во и надвор од Македонија. Во неговото портфолио може да се најдат фотографии од многу домашни, но и изведувачи од светската музичка сцена како Андре Риу, Чејс енд Статус, Ману Чао, Севдализа, „Канибал корпс“, „Креатор“, „Свемирко“ и многу други.
Во интервју за „Слободен печат“ зборуваме со него за љубовта кон фотографирањето, за досегашните достигнувања во кариерата, но и идните планови…
Стефан, од каде љубовта кон фотографирањето? Кога одлучивте дека тоа ќе биде Ваша професија?
– Љубовта кон фотографирањето обично доаѓа од некој момент на инспирација или од длабока љубов кон уметноста и визуелните изрази. За мене, таа љубов почна многу рано. Паметам дека како дете секогаш бев фасциниран од начинот на кој фотографиите можат да го задржат времето и емоциите. Тоа беше некаков начин на раскажување на приказни, без да се употребуваат зборови.
Во почетокот, фотографирањето беше само хоби. Сакав да се запознаам со техниката, да експериментирам со различни стилови и да ја истражувам уметноста на фотографијата. Но, како што поминуваше времето, сфатив дека ова е многу повеќе од само интерес – тоа беше начин на живот. Одлуката да го направам фотографирањето моја професија дојде постепено, со искуство и со свеста дека ова е она што ме исполнува. Бев среќен кога сфатив дека можам да ја комбинирам мојата страст со работата и да ја споделам со другите. Првично започнав со фотографирање различни настани и проекти, а по некое време се посветив на концертната фотографија.

Вашето портфолио изобилува со фотографии што третираат разни теми. Од каде црпите инспирација? И што најмногу сакате да фотографирате?
– Инспирацијата за моите фотографии доаѓа од многу различни извори, бидејќи верувам дека уметноста на фотографијата е толку разновидна и може да ги одразува сите аспекти на животот. Мојата инспирација често произлегува од природата, урбаните средини, луѓето и нивните емоции, како и од секојдневните моменти кои можат да изгледаат обични, но при подлабоко набљудување откриваат неверојатни убавини.
Најголемиот извор на инспирација ми се луѓето и нивните емоции. Со фотографијата можам да го истражувам човековиот карактер, интимноста, радоста, болката, страстите… Луѓето се неисцрпен извор на приказни кои чекаат да бидат раскажани преку објективот. Се обидувам да ја доловам природната емоција, без излишни манипулации или претерана обработка, за да ги прикажам вистинските, искрените моменти на животот. Концертите ми даваат многу простор за експериментирање со контрасти, светло, сенки и динамика. Артистите се постојано во движење и се променливи, како фотограф имам можност да ги „уловам“ тие моменти.
Што се однесува до тоа што најмногу сакам да фотографирам, секогаш би рекол дека уживам во концертите и во документарната фотографија. Концертите ми овозможуваат да ја доловам енергијата и самиот момент на тоа што се случува на сцената, додека документарната фотографија ми дозволува да ги истражувам животните ситуации и да ги раскажам приказните на луѓето од различни култури и места.
За мене, фотографијата е повеќе од само снимање на момент – таа е начинот на кој можам да ги пронајдам и истражувам значењата што стојат зад секојдневните случувања. Не постои една тема или жанр што ми е најважен – секоја од нив има своја убавина и значење што треба да се долови.

Пред сѐ, се занимавате со концертна фотографија. Кои се најголемите музички настани на кои сте работеле и кој концерт Ви оставил најголем впечаток досега?
– Како едни од поголемите концерти на кои сум работел би ги издвоил концертите на Андре Риу, Севдализа, „Канибал корпс“, Биг Деди Кејн, Ману Чао.

Објаснете ни накратко како изгледа процесот на фотографирање еден важен музички настан и со каква опрема фотографирате?
– Најчесто пред секој концерт истражувам нешто повеќе за бендот што го фотографирам, се запознавам со нив доколку имам можност и пробувам да дознаам што е можно повеќе за нивниот настап. Најчесто има правила што мора да се почитуваат како, на пример, фотографирање на првите три песни од фото пит, и секако фотографирање без блиц. Најчесто во мојот ранец се наоѓаат „сони алфа 7 IV“, so 24-70мм Ф2.8 објектив, и „никон зет 5“ со „сигма“ 70-200мм Ф2.8 и секако други објективи, кои ги менувам за време на настанот.

На кои познати фотографи им се восхитувате и дали црпите знаење од нивното искуство?
– Како некои од познатите фотографи на кои им се восхитувам и од кои секојдневно црпам инспирација, би ги издвоил Рос Халфин, Џим Маршал, Геред Манковиц, Боб Груен, Себастијао Салгадо, Стив Мекари, Ансел Адамс, Робер Капа, Диен Арбус Дајан Арбус.

Кои се Вашите идни планови во однос на професијата и дали набрзо може да очекуваме самостојна изложба?
– Планирам да се посветам повеќе на студиската фотографија со наши музичари и секако се надевам на самостојна изложба во првата половина од годинава.