Интервју со Симона Јованоска, добитничка на наградата „Роман на годината“: Чувствував дека имам приказна што треба да ја раскажам

Фотографија: Гоце Лалковски

Ненадејната популарност со која се стекна Симона Јованоска со добивањето на книжевната награда „Роман на годината“ отвора нови перспективи за читање на нејзината личност и дело.

Фондацијата „Славко Јаневски“ на 15 март го објави добитникот на наградата „Роман на годината“ за 2021 година. Наградата ја доби романот „Денот на црвот“ од Симона Јованоска во издание на издавачката куќа „Или-Или“.

Авторката истакна дека „романот не го напишала за да добива награди, туку бил создаден во специфичен момент кога почна пандемијата и кога таа станала мајка по вторпат“, а добиената награда во иднина ќе биде нејзина мотивација да биде уште подобра во тоа што го прави. „Денот на црвот“ е нејзин прв роман.

Убава и пријатна возбуда се забележуваше на Вашето лице при објавувањето на името на добитникот на наградата. Какви мисли Ви се појавија во првите мигови откако бевте известена дека сте добитничка на наградата?

– Понекогаш се осмелував да си замислам како би изгледало соопштувањето на веста за победа, но во моментот кога го добив повикот од Ѕвездан Георгиевски, бев во шок. Почувствував микс од радост, возбуда, среќа и некој страв од ново, но генералните впечатоци се позитивни и сум задоволна што имав чест да ги почувствувам на своја кожа.

Престижот што го носи наградата „Роман на годината“ и големата конкуренција (39 романи) фрла ново светло кон Вашето дело. Дали се надевавте дека токму Вие ќе ја добиете?

– Посакував да ја добијам, нема да кријам. Но, искрено не се надевав, особено зашто немав ништо прочитано од конкуренцијата. Избегнувам да читам додека трае трката зашто не сакам пристрасноста да ми влијае на судот. Коментарите од луѓето околу мене беа охрабрувачки и надежни за Црвот, но до самиот крај немав ни најмала претстава дека ќе победи, иако верував во романот цело време.

Како се одлучивте да напишете роман, а не збирка раскази како во претходното Ваше дело „Ги најдов во длабокото“, исто во издание на „Или-Или“?

– По објавувањето на збирката „Ги најдов во длабокото“, веднаш знаев дека следното нешто што ќе го напишам ќе биде роман. Раскази пишувам од 2010 г. и дојдов до ситуација кога посакав нов предизвик што ќе ми го искуши трпението, ќе му даде нова димензија на моето творештво и ќе ме одведе во нови правци. Важно е да напоменам дека пишувањето за мене, освен интимно патување, е и забава до која гледам да се држам многу цврсто.

Колку поддршката што ја добивте од издавачката куќа „Или-Или“ со објавата на расказите Ве мотивираше и понатаму со нив да ја продолжите соработката и со објавувањето на романот?

– Бидејќи по природа сум конформист, но и аутсајдер од книжевните кругови, воопшто не помислив да издадам со друг издавач. Ненад Стевовиќ беше еден од првите издавачи што веруваа во мене од самите почетоци. Истовремено тој целосно се посвети на корекциите на романот заедно со својата сопруга којашто, исто така, даде свој значаен придонес во процесот. По сугестија книгата отпосле доби две дополнителни поглавја (првичната верзија имаше вкупно 17), упростени дијалози, скратени реченици, како и целосно нов наслов. Оваа издавачка куќа досега покажа дека има сенс за домашната авторска сцена и води сметка за квалитетот на она што го објавува, и истовремено има своја специфична читателска публика. Тоа што со Ненад сме приватно пријатели беше уште една од причините за продолжување на соработката која, се надевам, ќе трае и во иднина.

Наградениот роман „Денот на црвот“ е фикција инспирирана од вистинити и помалку вистинити настани

Романот почнува со приказните за црвот и чавката, а потоа се отвора цела галерија ликови. Елипсата на крајот ќе им ја оставиме на читателите сами да ја откријат, но прашањето е каков концепт имавте зацртано пред да почнат да се редат епизодите во романот?

– Немав концепт, не функционирам така. Приказната почна во главата по едно интервју од Роџер Дикинс, кој говореше за феноменот дека денес можеби сѐ е кажано, но во игра остануваат различните перспективи на творецот. Буквално си ја замислив перспективата на црвот и првата опасност со која се соочува по излегувањето. Така природно се наметна ликот на чавката, којашто, пак, функционира во поинакви услови, а со тоа влече своја, поинаква приказна. Грета е третиот лик во книгата со свој импакт во нишката и така натаму. Многумина ме прашуваат за крајот, дали сум го замислила како тажен или среќен, но тој е отворен за слободно толкување зашто сакам кога читателот е активно вклучен во приказната.

Го спомнавте оскаровецот кинематографер Роџер Дикинс. Кои други автори имале влијание врз градењето на Вашиот светоглед?

– Кога имав повеќе слободно време, преферирав да читам географски, Германци, Аргентинци, Руси, претежно машки автори. Со омилените дела и писател(к)и имам специфичен однос, од една страна целосно ме демотивира нивната генијалност, стилот на раскажување и сл., а од друга ме мотивира да бидам подобра, да размислувам пошироко и подалеку, да дадам повеќе. Хулио Кортасар, Борхес, Маркез, Сабато, Кафка, од живите автори генијалецот Виктор Пељевин, потоа Џулиен Барнс, Џон Фаулс, Роберт Музил, од авторките Дубравка Угрешиќ и ред други, кои на ваков или онаков начин ме формирале, мотивирале и демотивирале, но и влијаеле врз моите размислувања, перцепции и стил.

Пишувањето за мене, освен интимно патување, е и забава до која гледам да се држам многу цврсто

Рецензентката Јагода Михајловска-Георгиева констатира дека романот „изобилува со свежи компарации, ненаметлива духовитост, одмерена доза сарказам. И без исклучок: проникливост и интелигентност!“ Силни зборови што на секој автор би му дале силен поттик. Што беше Вашиот поттик да го напишете романот?

– Јагода Михајловска-Георгиева е авторка што неизмерно ја почитувам и имав чест да ја запознаам и како пријателка која ми даде невиден „буст“. Дополнително тука беше поддршката и од сопругот, брат ми, другарките Наташа и Радмила и издавачот Ненад, па си зедов задача да не ги изневерам. Но, ако бидам целосно искрена, книгата ја напишав заради себе. Многу сум самокритична и не сакам работите да ги оставам недовршени. На тој начин тие почнуваат да сраснуваат со мене и да ми тежат. Едноставно чувствував дека имам приказна што треба да ја раскажам и го направив тоа.

Дали тоа значи дека целиот роман е комплетна фикција, без позајмување примери, случки или анегдоти од реалноста?

– Романот е фикција инспирирана од вистинити и помалку вистинити настани. На пример, случката во областа Тверска раскажана уште во првото поглавје е вистинит настан за којшто, во една пригода, прочитав на интернет. Исто така, поимите напишани со закосени букви во поглавјето за Доналд Спејд се наслови од песни на познатиот изведувач Џон Ленон. Денот на дејството во книгата навистина е годишнината од издавањето на познатиот албум на „Битлси“ – „Abbey Road“. Името на библиотеката во приказната за момчето Пабло е инспирирано од еден од најзначајните женски ликови во литературата воопшто – ликот на Мага од познатото дело „Куцкамен“, кое врз мене има извршено огромно влијание. Датумот на годишнина од смртта на Хемран Мелвил е исто така точен. Внатрешноста на берберницата во која Били работи како чирак во последната глава е целосно инспирирано од маалската берберница во која моите ме носеа на потстрижување кога бев дете. Сметам дека едно дело никако не може целосно и безрезервно да е исчистено од тие лични влијанија, кои, доколку немаат функција, не треба по секоја цена да се најдат во приказна.

При читањето на романот ми се виде необично што сите имиња се странски, односно не се карактеристични за нашето поднебје. Практично каде, или како, се родија сите тие ликови во Вашите мисли?

– И од други ја добивам истата забелешка, особено од татко ми, на кој тешко му оди да прифати локални ликови со странски имиња. Мене тоа ми е забавно, од една страна имате странско име за кое на прва создавате слика дека живее таму некаде во странство, но веќе по читањето знаете дека тоа е лик што го познавате, сте го сретнале и можеби живеете околу него. Тоа на ликовите им дава една универзална димензија, не ги позиционира локално, ги ослободува од геолокациски притисок и создава шанса секој да може да се поистовети со нив. Во моментот кога ова ќе престане да ми биде забавно, ќе го променам.

Креативноста, кога е распослана на повеќе полиња, се засилува, а не се троши, како што обично претпоставуваме / Фотографија: Гоце Лалковски

Читајќи ја Вашата биографија, некако тешко е да се поврзе економски факултет со врвен книжевен израз. Во што се крие тајната на рушењето на овој стереотип. Како воопшто почнавте да пишувате книжевни дела?

– Прво дојде љубовта кон читањето. Се сеќавам дека тајно со парите од ужина купував книги и ги читав дур не заспијам. Првиот пресврт се случи во 2010 г., кога на конкурсот за кус-кус расказ на „Окно“ освоив трето место и започнав да пишувам на блогот „Куцкамен“. Следно дојде свој блог, па првата збирка раскази. Ништо не форсирав, сѐ се случуваше природно додека бев свесна дека срцето ми е на вистинското место. Знаете, следењето на сонот честопати се романтизира, но тоа е макотрпен процес и не треба да ги стигматизираме конформистите што избрале да го потиснат, сепак егзистенцијалните прашања доаѓаат пред сѐ.

Колку работата како „копирајтер“ во маркетинг-агенцијата „Футура 2/2“ практично секојдневно Ве мотивира постојано да „измислувате“ приказни?

– Имам среќа да ја работам работата што многу ја сакам и во која сум добра. На работа креативноста се пресретнува со барањето на клиентот во единица време и знае да биде стресна, но хемијата што циркулира во тимот ми е голем „драјв“. Од досегашното искуство како „копирајтер“, сфатив дека креативноста, кога е распослана на повеќе полиња, се засилува, а не се троши, како што обично претпоставуваме. Поголем притисок кај мене создава поголем влог и обид секојдневно да се стигне до границата, ако не и да се излезе од неа.

Сите живееме во стресно време со постојан притисок во исто време да се завршат повеќе работи. Покрај креативноста, имате ли друг начин на ослободување од притисокот, нешто што ќе Ве релаксира во стресни ситуации?

– Да, во право сте, сите помалку или повеќе живееме брзо и стресно, во трка со обврски, сакаме да завршиме сѐ навреме, а некогаш и предвреме. И во вакви услови секој мора да го пронајде својот канализатор на енергија, да прави работи за себе и за свој ќеф. Јас трипати во неделата сум во теретана, вежбам бидејќи ми делува добро на духот и на телото. Кога сум на работа, правам стрес-пауза со шутирање баскет на маалскиот кош со колегите. Понатаму, доста често знам да пуштам гласна музика дома и да танцуваме и да се глупираме со децата (смајли). Постојано слушам и во потрага сум по нова музика без која не би можела да си го замислам животот. Сакам да гледам филмови, серии, а си дадов задача и да читам по најмалку петнаесетина страници на ден од некоја книга, и тоа досега ми успева. Неизмерно задоволство ми причинуваат дружбите со другарките. Би сакала да можев да се дружам почесто, и се надевам дека штом потпораснат децата, ќе можам да излегувам почесто.

Неодминливо е прашањето – што сега? Уште колку лични приказни имате за некои следни книжевни дела?

– Сега ќе ја промовирам книгата низ Македонија со поддршка на Фондацијата „Славко Јаневски“. Сметам дека на внатрешноста ѝ фалат настани од ваков карактер, а и лично сакам да го почувствувам „фидбекот“ од читателите. Во септември од печат ќе излезе мојата прва детска книга „Градот Вабу“ во издание на „Чудна шума“, за којашто сум многу возбудена и ја чекам со нетрпение. Ќе се надевам на мир, здравје и благосостојба и нема да престанувам да ја ширам пораката дека читањето и понатаму останува да биде „кул“.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 121, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 19-20 март 2022)

Видео на денот