Интервју со Сашо Орданоски: Брифинг е прв чекор на долгиот пат до медиумскиот зенит

Во светот на медиумите и новинарството, форматот на Утрински брифинг не е нов, но кај нас никогаш не се практикувал. Нашата стратегија е едноставна: додека другите се расонуваат, ние од рано наутро произведуваме многубројни квалитетни информативни сегменти што го „врамуваат“, го контекстуализираат почетокот на секој работен ден.

„Утрински брифинг“ една недела е присутен на македонскиот медиумски простор, а веќе ја бранува јавноста со концептот, со содржините, но и со гостите од најразличен профил. Во секој случај тоа е нешто ново по форма и по содржина. За тоа како настана и како ќе функционира во иднина, разговараме со идејниот творец и неговиот одговорен уредник Сашо Орданоски.

 

Колега Орданоски, очигледно, „Утрински брифинг“ отстапува од досегашната медиумска понуда во Македонија. Што е: телевизија, радио, веб-портал или нешто друго?

 

– Ние велиме дека „Утрински брифинг“ е интернет-телевизија што се слуша! Програмата оди во директен видеопренос секој работен ден од 7.30 до 10 часот на интернет-платформите slobodenpecat.mk и slobodna.tv, како и на Фејсбук и Јутјуб-каналот на „Утрински брифинг“. Таа, засега, може да се следи на вашиот домашен или преносен компјутер, на мобилните телефони, но и на телевизорите што имаат пристап до интернет-содржини. Во јануари се надеваме да почнеме и со директен радиопренос на локална или на национална радиофреквенција во Македонија, како и со директен пренос на неколку локални и регионални телевизии низ Републиката. А потоа ќе се „преселиме“ и на еден друг вид дигитална платформа, за што вршиме соодветни подготовки.

 

Која е идејата и структурата на проектот од програмски аспект и, се разбира, која е целната група што сакате да ве следи?

 

– Во светот на медиумите и новинарството, форматот на „Утрински брифинг“ не е нов, но кај нас никогаш не се практикувал. За постојните телевизиски и радио медиуми, како и за дигиталните платформи, тоа подразбира финансиски и кадровски напор, кои тие не сакале да го инвестираат. Имено, кај нас медиумите „заживуваат“ дури доцна претпладне, не пред 10 часот, кога и јавноста и редакциите почнуваат да се „будат“ и да произведуваат информативни и други поангажирани содржини. Нашата стратегија е едноставна: додека другите се расонуваат, ние веќе од рано наутро произведуваме многубројни квалитетни информативни сегменти што го „врамуваат“, го контекстуализираат почетокот на секој работен ден, со неопходните анализи и на она што се случувало претходниот ден.

Публиката ни се, главно, луѓе помеѓу 22-65 години, оние што стануваат порано наутро и, додека се подготвуваат за денот, дома или на пат за работа, а потоа и таму каде што работат, со своите утрински кафиња и првите неформални средби, сакаат да нè слушаат или гледаат толку долго колку што им овозможува нивниот друг ангажман. Потоа им стоиме на располагање во целиот ден, до доцна навечер, да се навратат и да ги прегледаат поединечните содржини по свој избор, на различните социјални и информативни дигитални платформи.

 

Зошто се определивте за една таква форма и за овој термин на емитување, кој за македонски околности е многу рано наутро?

 

– Се обидуваме до пладне да го пополниме празниот информативен простор на ист начин како што тоа, на пример, го прават националните телевизии и другите медиуми во своите попладневни и вечерни прајм-тајм термини, кога „турканицата“ и конкуренцијата на анализи, вести и актуелни разговори со гости е преголема! Нам колку што ни е важен директниот тек на програмата, не помалку ни е важно да произведеме доволно содржини што до пладне, а потоа и во текот на целиот ден, ќе бидат на располагање на нашите веб-портали и на социјалните мрежи според принципот на гледање он-диманд. Програмската шема е многу динамична, нема многу сегменти што се поголеми од 5-6-7 минути, а од нив веднаш нудиме „парчиња“ што суштински одговараат на по едно-две актуелни прашања на денот.

 

Сепак, веќе се гледа дека дури и рано наутро успешно функционирате, барем кога станува збор за гостите кои, за големо чудо, доаѓаат или се јавуваат во студиото на Слободна ТВ, без разлика дали станува збор за политичари или за друг тип општествени структури. На што се должи тоа?

 

– Првата недела од нашето емитување покажува дека за овој вид програма постои и голема публика, но и многубројни соговорници кои, на кратко, во живо во студио, на телевизиски линк или по телефон, имаат и сакаат да објаснат две-три поенти од она што (ќе) го работат тој ден. Темите не се само политички, туку општествени, во широката смисла на тој збор.

 

Почетокот на „Утрински брифинг“ некако се поклопува со периодот на изборната кампања. Имате ли политички бекграунд кој сакате да го промовирате низ програмата?

 

– Проектот со сопствениците на „Слободен печат“ го договараме подолго време, пред да знаеме дека ќе има предвремени избори! Кога веќе тргнавме со него, признавам, добро ќе ни дојде динамиката и богатството на теми и ставови на предизборната општествено-политичка сцена. Нашиот уредувачки концепт, пак, е јасен: професионален третман на сите теми и на сите гости на програмата, со либерални уредувачки ставови, кои подразбираат силна поддршка за евроатлантската, мултикултурна, мултиетничка, демократска Република Северна Македонија.

 

До скоро бевте еден од водечките луѓе во 1ТВ на Бојан Јовановски. Чувствувате ли „багаж“ поради сè она што се случи со тој медиум, од кој многумина од уредувачкиот тим уште тогаш се оградија и се откажаа? Ова особено затоа што веќе почнувате нов медиум и можеби ќе Ве идентификуваат со него?

 

– Се разбира. Скандалот со аферата „Рекет“ е голем и сè уште не се јасни сите негови последици, иако и од ова што досега се одвива, општествените и политичките реперкусии се значајни. Но, треба да се причека судскиот расплет за да се види дали приказната која, со една паралелна политичка агенда, агресивно се пласираше во јавноста е токму таква каква што ја замислиле г. Камчев и оние што, наводно, го рекетирале, а кои на различни начини и со различни мотиви учествувале во неа. Од друга страна, новинарската и реализаторската екипа на пропаднатата 1ТВ за само една година, благодарејќи на поединечниот и тимскиот квалитет на луѓето, постигна медиумски импакт каков што ретко е забележан на македонската медиумска, телевизиска сцена. Знаете, слабо готвам и лошо пеам, ама за ова што ви го кажувам, знам што зборувам. Јовановски, со својата енергија и иновативност, беше дел од тој успех – додуша, помалку, очигледно, од енергијата и иновативноста што ги вложувал вон менаџирањето на телевизискиот бизнис, а за што сега му се заканува долгогодишна затворска робија. Сепак, барем од подигнатото обвинение и од досегашниот судски тек на „Рекет“, не се гледа вмешаност на новинари и уредници од 1ТВ во кривично-правните настани со кои се занимава обвинението, а за што се згрозува и се забавува целата македонска јавност. Со тоа „багажот“ на последиците и по мене и по колегите е нешто полесен, но нам ни останува како уште една, лична, горчлива епизода во низата сопственички медиумски скандали што ја потресуваат македонската сцена 30 години. За жал, нема многу „невини“ сопственици на медиуми на македонскиот простор, особено меѓу некои од најгласните што се наситија на пропаста на 1ТВ.

 

Медиумите се скапа работа. Со чии средства го реализирате проектот, ако се има предвид што со Вас во тимот има и една поголема група новинари, реализатори на програмата, сниматели и друг технички персонал?

 

– Голем дел од техничкиот персонал, студиото и техничката опрема, како и административната поддршка на Слободна ТВ, во чии рамки се работи „Утрински брифинг“, постоеја и пред да ја разработиме идејата за нашиот проект. Всушност, замислата и се покажа како можна токму поради тоа што не моравме да инвестираме во тие продукциски и реализациски капацитети, што е најскапиот дел за секој ваков почеток. „Утрински брифинг“ е комерцијален проект во кој сопствениците на „Слободен печат“ инвестираат, се надевам, со јасен бизнис-план, а новинарската екипа ќе се потруди со својата работа во текот на идната година проектот да го направи финансиски одржлив и исплатлив на подолг рок. Јас сум носител на брендот на „Утрински брифинг“ и имам интерес тој и финансиски да успее. Тие перформанси ќе се знаат веќе кон средината на 2020 година. Ако не, па, ќе направиме една завршна теревенка и – ќе си одиме по дома!

 

„Слободен печат“ станува возбудлив проект

 

„Утрински брифинг“ оди на платформата на „Слободен печат“ – каква е соработката со „Слободен печат“? Дали, сепак, станува збор за независен проект или сте на некој начин здружени со веќе етаблираниот „Слободен печат“?

 

– Според замислите со кои влегов во соработка со раководството на „Слободен печат“, „Утрински брифинг“ се интегрира во поголемата медиумска операција на „Слободен печат“, во која спаѓаат најголемиот дневен весник во Македонија и веб-порталот на „Слободен печат“. Токму интегрирањето на капацитетите и дневната синергија на тие три медиумски ентитети треба да го доведат системот на „Слободен печат“ до едно повисоко медиумско ниво, во светот на новите информативни технологии. Развојот на целата таа здружена платформа е многу возбудлив и, се надевам, доколку сопствениците на „Слободен печат“ опстојат на своите намери, ќе биде иновативен на македонскиот медиумски пазар.

Видео на денот